20 години монашко служење на нашиот Старец

Славејќи го споменот на Св. Великомаченица Христина, нашата Света Обител истовремено прослави и еден значаен јубилеј кој за ова монашко братство и сестринство е голема радост и историски настан: 20-годишнината од замонашувањето на нашиот возљубен Старец и игумен Архимандрит Партениј од страна на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј. По тој повод, од името на целото братство и сестринство, нашиот собрат, јеромонахот Доситеј, благодарно му се обрати на Старецот со едно кратко слово, врачувајќи му архимандритски граден крст, како скромен дар на благодарност за сè она што нашиот Старец направи за нас и за целата Црква овие 20 години:

„Наш возљубен Старецу, дозволете ми од името на братството и сестринството да ви го честитам Вашиот личен јубилеј 20 години од Вашето замонашување, а истовремено и јубилеј на нашиот Манастир 20 години возобновено монаштво. Примете го овој граден крст и нека биде еден мал спомен да се сеќавате на Вашите браќа и сестри, меѓу кои сум јас најмалиот. Многу сме Му благодарни на Бога што токму Вас Ве избра за наш духовен татко, бидејќи Вие уште од мајчина утроба сте повикани од Христа за ваков подвиг. Пресвета Богородица уште од мал го избра Вашето срце, бидејќи Вие ја возљубивте многу, а Св. Јован Крстител посебно Ве закрили и Ве донесе во ова негово славно светилиште, каде што Вие предано и смирено му служите нему, а тој, пак, поради Вашиот подвиг нè чува сите нас, како што ги сочувал и сите нашите претходници, монаси и игумени. Пред точно 20 години, на денот на Светата Великомаченица Христина, Вие примивте монашки потстриг и сите присутни на таа вечерна богослужба знаеја дека присуствуваат на еден историски настан – замонашувањето на првиот монах, на првиот игумен после повеќе од половина век во оваа Света Обител, но не беа ни свесни колку е тоа голем историски момент, бидејќи ни оддалеку не можеа да претпостават, ниту да знаат што ќе се случи во наредните 20 години. Каква духовна и материјална преродба ќе го снајде овој манастир, овој крај на нашата татковина! Како што реков, тие знаеја дека присуствуваат на замонашувањето на еден монах, но не знаеја дека тој монах е еден духовен џин. Тој монах, а сега Старец Партениј, го возобнови, пред сè, духовно, а секако и во материјален поглед овој наш Манастир, збогатувајќи го и надградувајќи го, па овој наш духовен светилник засветли како бисер среде Река, среде нашата Татковина, целиот Балкан, па ако сакате и целата православна екумена. Неслучајно на монашењето го добивте името Партениј, како познатиот наш просветител од Галичник, Партениј Зографски, еден голем предводник на просветата којашто била толку неопходна во темниот, мрачен и неписмен XIX век, под турско ропство. Еве сега, повторно се случува една таква духовна преродба којашто во ова време ни е особено потребна, најпрвин нам како монаси, потоа на нашиот народ и на нашата држава, и Господ Ве избра Вас да бидете ист таков предводник. Овој крст вие смирено го зедовте на Вашите плеќи и го носите цврсто и истрајно, предводејќи ја духовната преродба во нашата Црква, во нашата Татковина. Вие започнавте нешто што сега не може да биде запрено, една духовна револуција којашто трае, и сите ние и Вашите бројни духовни чеда, коишто со секоја година се сè повеќе, се молиме, просејќи ги и Вашите молитви уште многу години да биде вака и ова што го започнавте, Господ да го умножи, да го благослови и да трае до крајот на светот.

И секако, не е случајно ни тоа што токму Вам Божја промисла Ви одреди да ја возглавувате нашата Света Обител во овие свечени и големи денови од последната декада на 1000-годишнината од постоењето на нашиот Манастир. Ни претстојат уште долги 5 години, во кои Господ пред Вас поставил голема и одговорна задача. Но, знајте дека ние, Вашите мали и недостојни браќа и сестри, сме секогаш со Вас, подготвени да Ви ја понудат својата помош, колку и да е таа мала и слаба. Вашите зборови се наше послушание и нека е благословено! На многаја лета!

Бескрајно трогнат, Старецот не можеше а да не ја искаже својата огромна љубов кон нас, неговите недостојни чеда, проследувајќи ги со солзи овие негови зборови коишто излегоа од неговото срце:

„Му благодарам на о. Доситеј за прекрасните зборови, и Ви благодарам на сите Вас, мои најмили браќа и сестри, најмили духовни чеда, за огромната љубов што ми ја укажувате. Би можел да кажам само дека сите овие работи што претходно беа спомнати се плод на една огромна милост Божја, едно неискажливо милосрдие на преблагиот Господ, Кој ја услиша молитвата на моето срце што секогаш на Света Гора во плач ја излевав од себе. Зашто јас никогаш не побарав некаква висока позиција, ниту, пак, било какви придобивки од овој свет, туку само повторував: ‘Господи, дај ова што го гледам овде, на Света Гора, да го имаме и ние, во Македонија. Да имаме манастир со монашко братство каде што луѓето ќе можат да доаѓаат и духовно да се просветлуваат и одмораат’. И можам да кажам дека воопшто не се сметам за достоен за сето ова, зад мене гледам само многу грешки и гревови, и само Го молам Господ да не ме осуди поради нив, туку да постапува со мене според Неговото бескрајно милосрдие и да ме покрива со Неговата благодат до крајот на животот. До крај да ме сочува непосрамен и да дадам добар одговор на Страшниот Христов Суд. Ете, само за тоа се молам. А просам од Него и благодат за братството и сестринството да продолжат така силно да светлат со делата евангелски и да просветлуваат многу души од нашиот народ и од целиот православен свет. Ви благодарам“.