Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на петтата недела од светата и велика Четириесетница, по читањето на светото Евангелие на Божествената Литургија, на 16/29 март 2026 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Мили мои, според милоста и благословот Божји, ја завршивме и петтата седмица од светиот и велик Пост, и веќе влегуваме во шестата. Црквата преку својата длабока педагогија – тоа чудесно раководење со кое Духот Свети нѐ патеводи од скала на скала – денес пред нашиот духовен поглед го претставува примерот на покајанието на една некогаш многу грешна и недостојна жена: светата Марија Египетска, која со благодатните струи на покајанието го преобразила целиот свој живот и станала светол лик Христов. Денес, значи, Црквата многу мудро го изнесува пред нас својот аскетски аспект – дека Евангелието, единствено спроведено во дело, доживеано и остварено, е спасоносно.
Со оглед на тоа што следната недела е веќе Цветници и Господ ќе влезе во Ерусалим за да пострада, пред малку чувме од Евангелието како Господ, веќе по трет пат, на Своите ученици им најавува за Своето страдање: Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците.И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, и ќе го убијат, и на третиот ден ќе воскресне[1]. И овој, како и претходните два пати, апостолите не разбраа доволно што сака да им каже. Не разбраа, затоа што нивните срца сѐ уште не беа просветлени од Светиот Дух; Утешителот сѐ уште не беше слезен, очите на душата им беа сѐ уште обвиткани со превезот на земното размислување.

Кога Господ прв пат им спомна за Своите страданија, тие, вели евангелистот, длабоко се нажалија. Апостол Петар, во таа прилика, откако му беше откриено преку Светиот Дух, извика силно: Ти си Христос, Синот на Живиот Бог[2] , а Христос го благослови и кажа дека на таа карпа, односно на таа вера и на тоа исповедание, Он ќе ја основа Црквата Своја, и портите адови нема да ја совладаат. И еве, истиот Петар, кој го изрече најголемото исповедање, Го одвраќаше Господа од претстојните страданија, велејќи: Милостив биди кон Себе, Господи! Тоа нема да Ти се случи![3] И тогаш Господ го нарече Петра „сатана“ , затоа што го одвлекуваше од она за коешто Он дојде во светот – да послужи за спасение на целото човештво.
Евангелскиот настан, пак, за кој денес чувме, кога Господ, пред да влезе на Цветници во Ерусалим, повторно им зборува на Своите ученици, нѐ воведува во тајната на Неговото доброволно страдање. Со ова, всушност, почнува и празнувањето на нашата света христијанска Пасха. Нашиот народ го знае тоа од литургиската пракса. Имено, на Цветници навечер, на утрената од Велики Понеделник, има една стихира којашто почнува токму со овој евангелски настан: „Одејќи Господ на доброволните страданија“[4] – и така започнува подготовката за нашата Пасха, на нашиот премин од смртта кон Животот.
Кај стариот Израил Пасхата претставувала спомен на чудото што Бог го направил со Евреите во Египет. Кога ја испратил последната казна на Египтјаните – смртта на секој првороден, вклучително и синот на самиот Фараон – сите египетски првородени загинале, додека Евреите биле спасени преку Ангелот Господов кој им наредил со крвта на јагне да ги обележат довратниците на своите куќи[5]. Исто така, Бог му заповедал на Својот угодник Мојсеј, да заколат јагне и да го јадат облечени сите како за на пат. И таму каде што довратниците биле обележани со крвта, на двата довратника и на горниот праг, во образ на крстот, како праобраз на Крстот Христов[6], таму смртта одминала. Фараонот, пак, поразен од големата погибел, неволно ги пуштил Евреите да тргнат во земјата на своите татковци. Од Светото Писмо знаеме дека тие на чудесен начин го поминале и Црвеното Море, како по суво[7]. И токму тој празник во спомен на ослободувањето од Египет и преминувањето преку Црвеното Море, кај древниот Израил се нарекувал Пасха, односно премин.
А нашата Пасха, возљубени, не е само спомен. Нашата Пасха е Самиот Син Божји, Второто Лице на Света Троица, Кој дојде во светот, стана како еден од нас, Кој со Своето распнување и воскресение ги уништи оковите на смртта, за никој повеќе да не умира: ни првородени, ни второродени – никој! Оти, секој кој верува во Христа, кој ќе се крсти во Неговото име и ќе стане Христов, нема да умре, туку ќе премине од смрт во живот.
Но гледате дека ние луѓето, за жал, мислиме повеќе на земното, на земната власт, на земните придобивки, на земните позиции и задоволства. Апостолите не го разбираа она што Господ им го кажуваше. Денес, иако Он им зборува за страшните дела што ќе се случат со Него, двајцата Заведееви синови, Јаков и Јован, заедно со својата мајка, отидоа кај Него и Му рекоа: Учителе, сакаме да ни го исполниш она, што ќе го побараме… Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја[8]. Тие мислеле дека Он ќе стане некој земски цар. Зашто пред нив стоеше Човек Кој правеше големи чуда, Кој имаше неизмерна сила. Тие сметаа дека Тој е спасител само на еврејскиот народ – а тоа беше некоја месијанска идеја кај целиот Израил, националистичка по својата природа – дека Месијата ќе ги избави од римската власт и ќе им востанови земно царство. И сметаа дека сега е моментот да побараат позиции за себе: Христос ќе го заземе престолот на Ирод, а тие ќе бидат првите достоинственици. Видете какво барање, во каков час! Кога Он зборува дека ќе биде предаден во рацете на беззакониците, дека ќе биде исмеан, распнат, погребан – тие бараат земна слава.
Сите ние, за жал, сме такви. И затоа Он ги поучи: Знаете дека оние, што се сметаат за народни кнезови, господарат над нив, и управниците управуваат над нив.Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слугаи кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите[9]. Нѐ научи Господ – и нѐ учи – на едно сосема друго владеење: владеење преку служење на ближните. Како што и Самиот направи. Зашто, на крајот чувме како рече: Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина[10], да нѐ избави сите од ѓаволот и смртта, и да му даде можност за воскресение на целото човештво.

Возљубени, да ги помниме овие зборови Господови! Да си служиме едни на други во љубовта Христова, бидејќи Он е нашиот пример. Доколку сакаме да имаме живот вечен, треба да се уподобиме на Него: со пожртвувана љубов да им служиме на ближните свои. Оној кој така живее, кој со пожртвувана љубов служи на својата околина, го преобразува овој свет, го прави похармоничен, зашто секој кој ќе им служи на другите, твори полезно за својата душа и полезно за спасението на другите. Замислите колку поубаво место за живеење би бил овој свет, доколку и оние што имаат големо богатство бидат такви, кои со голема пожртвуваност ќе служат на другите во љубовта Христова.
Еве, се наоѓаме веќе на крајот од Светата Четириесетница. Следната недела почнуваат Страданијата Господови. На Цветници Он ќе влезе во Ерусалим за да пострада за нас. Да одиме и ние со Него, да Го следиме, да сострадуваме со Него! Бидејќи доколку сакаме да ги победиме гревот и смртта, нопходно е да бидеме со Христа. Нели Он Самиот ги праша апостолите: Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштавањето, со кое се крштавам Јас? Тие Му одговорија: Можеме. И Господ им рече: Чашата, што ја пијам Јас, ќе ја пиете и вие, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите;но, да дозволам да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Мене; тоа е за оние, за кои е приготвено[11]. И навистина, откако тие ќе Го видат воскреснат, ќе заборават сѐ што е земно и ќе бидат подготвени да умрат за Него. Ќе ја испијат чашата на страданието и на мачеништвото и ќе се уподобат на Него. Се разбира, во Царството Небесно нема да има тронови лево и десно, туку тоа подразбира близина со Бога, заедница со Него. Господ сака да каже дека спасението зависи од нашиот личен избор, од нашата подготвеност да бидеме со Него – и овде, во овој живот, и во Царството небесно. Патот кон таа заедница, пак, е смирението и служењето на другите во љубов.
Да ја усвоиме и да ја примениме оваа Христова поуки, мили мои! Да Го следиме Христа во Неговото доброволно страдање, бидејќи само со Него и во Него можеме и ние да преминеме од смртта во Животот, од робувањето на гревот во слободата на синовите Божји.
Нека ни е благословен остатокот од чесниот Пост и со радост да ја дочекаме Светата Пасха Господова! Амин.
[1] Марко 10, 33-34.
[2] Матеј 16, 16.
[3] Исто, 22.
[4] Самогласна стихира од Утрената на Велики Понделник, Посен Триод: „Грядый Господь на вольную страсть…“
[5] Исход 12, 3-11.
[6] Исто, 7, 13. Свети Јустин Маченик го толкува обележувањето на довратниците со крв во образ на крстот (Dialogue with Trypho, 40; PG 6, 561–564). Слично и св. Јован Дамаскин, За православната вера, IV.11.
[7] Исход 14, 21-22.
[8] Марко 10, 35-37.
[9] Исто, 42-43.
[10] Исто, 45.
[11] Исто, 38-40.































