Гласот што го празни гробот

Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено по Повечерието со канонот на Лазаревото воскресение, на 21 март/3 април 2026 лето Господово


Му благодариме на милостивиот Бог што нè доведе до навечерието на овој прекрасен празник – Лазаревото воскресение од мртвите. Со ова чудо, последно и најголемо од сите чудеса што Господ ги сотвори пред очите на Своите ученици и народот за време на Своето земно служење, Он ни ја открива длабочината на таа тајна што наскоро ќе се случи: дека Он, живиот Бог, дошол за да ја победи смртта, бидејќи Он е Бог на живите, а не на мртвите[1].

Три години Христос правеше големи чудеса: исцелуваше болни, враќаше вид на слепи, очистуваше лепрозни, скротуваше бури. Но најголемото чудо го остави за крајот: да воскресне мртовец кој веќе четири дена лежел во гробот[2] и кој, според природните закони, веќе почнал да се распаѓа. Неслучајно тоа чудо дојде токму на прагот пред спасоносните Страданија: требаше да се случи незамисливото за човечкиот ум, а и за ангелскиот свет – тоа дека Седржителот, Едниот од Света Троица, Словото Божјо со Кое сè беше создадено ќе треба да биде предаден во рацете на првосвештениците, книжниците и старешините јудејски, да биде биен, плукан, понижен, да биде распнат, осуден на срамна смрт на крст и ставен во тесен и темен гроб. За тоа беше неопходен знак: Оној Кој има власт да го повика четиридневниот мртовец назад во живот, има власт и над Сопствената смрт и воскресение.

Во канонот на денешното повечерие, песнописецот неколкупати повторува една мисла со неискажлива длабочина, ставајќи ги зборовите во устата на четиридневниот Лазар: „Ти се облече во мене и стана како мене.“[3] Тоа е, возљубени, тајната на Боговоплотувањето: Бог Седржителот, Словото Божјо преку Кое сè станало,[4] се облече во нашата природа и стана како еден од нас. Влезе во нашата историја, почитувајќи ја нашата слободна волја, за да нè упати кон Својата Божествена волја; да ни покаже дека не бевме создадени за смрт и распадливост, туку за вечен живот во заедница со Бога.

Размислете, возљубени: кога Христос им рече на сестрите Лазареви да го отворат гробот, тие возвратија со страв: „Господи, веќе смрди, зашто четири дена е во гробот.“[5] Тука е скриен една потресен факт за нашата сопствена состојба. Имено, со нашата слободна волја ние го избравме гревот, и од деца Божји, создадени за вечност и за господственост, се претворивме во смрдеа и гнилеж. Доброволно го избравме распадот. Но Христос не се повлече пред смрдеата на нашата смртност. Он заплака[6] не затоа што не знаеше дека ќе го воскресне Лазара, туку затоа што ја виде длабочината на падот во кој ние луѓето се оддалечивме од Животот.

Кога видоа Јудеите како он плаче над гробот Лазаров, рекоа: „Гледај колку го сакаше!“[7] Пријател му беше Исус на Лазар. Но зарем само на Лазар? Та, Он е пријател на секој човек, пријател на целото човештво. И секој кој ќе Го повика, ќе биде воскреснат, ќе биде повикан за вечен живот. Оти Он Самиот рече: Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре ќе оживее[8]. Тоа ќе се случи со сите нас, доколку бегаме од гнилежот на гревот и ги предаваме своите срце и душа кон Лекарот и Исцелителот Христос.

Тоа треба секојдневно да го правиме. Он може да ни помогне секој ден да излегуваме од гробот што самите си го ѕидаме со нашите страсти и суетни желби. Или самите го копаме својот гроб, или, пак, итаме кон Воскресението, обраќајќи се кон Христа. Трет пат нема.

Гледате како Христос постепено го откриваше Своето Божество пред апостолите, и токму пред големиот старозаветен празник Пасха – самиот зборот значи „премин“ – го стори ова последно чудо. Евреите ја славеа Пасхата како спомен на преминот од египетско ропство кон слобода, кога Мојсеј ги преведе преку Црвеното Море со чудесна Божја сила[9]. А ние сега ја славиме нашата нова Пасха, нашето ново Пасхално Јагне – Христос Бог,[10] Кој нè преведува од смрт кон живот, од распадливост кон нетление.

Со подигањето на Лазар од мртвите, Христос ги подготвуваше учениците, а сите нас за она што следуваше: дека Он дојде да ја победи смртта и да дарува живот вечен, и ним, и нам, и на сите кои ќе поверуваат во Него. Како што Лазар, откако беше воскреснат, потоа, според преданието, станал прв епископ на Китион на Кипар,[11] поживеал уште години и повторно заспал во смртен сон – така и за нас, привременото заспивање на телото не е крај, туку порта кон Царството небесно. Лазар е единствениот човек кој има два гроба: едниот во Витанија, каде што Христос го повика од мртвите, и другиот на Кипар, каде што конечно почина во мир. Одиме таму, на неговиот прв гроб каде што излезе од смртта, и се сеќаваме на тоа чудо, поклонувајќи се на местото каде што лежело неговото тело, со сознанието дека неговата душа е во Царството на Бога.

Мили мои браќа монаси, ви благодарам што оваа седмица толку многу се потрудивте! Кога денес влегов во црквата, таа наликуваше на мал рај. Сè сте очистиле, сѐ сте светнале, сè сте подготвиле за доаѓањето на Царот на славата. Целиот манастир го чистиме, молејќи се, и Го чекаме Христа. Се разбира, Он нема толку да се израдува на чистите кандила и полиелеи, на чистиот храм и чистите ќелии, колку што ќе се израдува доколку го очистиме и подготвиме сопственото срце за Неговиот Божествен воскресителен глас, кој сака и нас да нè воскресне од гробот на страстите.

Така, од денес почнуваме духовно и созерцателно да навлегуваме во Пасхата. Трудете се, возљубени, да се нурнеме длабоко во таа голема тајна на нашиот најголем празник – празникот на вечниот живот, Христовото воскресение.[12] На тоа нè потсетува нашиот Христос со воскресението на Својот пријател Лазар, токму пред Своето влегување во Ерусалим на Цветници, кога требаше да пострада за нас. Следствено, да не нè опфаќа безнадежност поради ништо во овој свет.

Гледате дека светот во кој живееме повторно е разбрануван од војни. Луѓето одат во безумие. Таканаречениот „суперчовек“, што човештвото го очекуваше во XXI век, се покажа струполен во истата состојба како низ целата историја: повторно примитивно војува, само сега со пософистицирано оружје. Примитивноста да се уништи другиот, алчноста, среброљубието – останаа исти од времето на паднатиот Адам до денес. Само со Христос човекот може да се исправи. Прилепувајќи се кон Својот Создател, само тогаш може да стане прав човек. Примерот за вистински човек е единствено нашиот благ Спасител, Кој нè воведува и сега во тајната на Своето воскресение.

Оти, празниците не се само сеќавање на нешто историско и минато, туку наше живо литургиско учество во сè она што Христос го направи за нашето спасение. На секој кој се обраќа кон Него, патот до воскресението му е отворен. Патот до Христа е слободен за секој кој ќе Го побара.

Ви посакувам на сите утре убав празник – Лазарева сабота; убава и спасоносна Страсна седмица, и сите да имаме благословена Пасха, учествувајќи потполно – со мислите, со срцето, со целото наше битие – во сите настани што ги празнуваме и кои се случиле заради нас лично, заради нашето спасение: Неговото влегување во Ерусалим, Неговата крсна смрт и Неговото славно воскресение.

Да сте живи и здрави! Добра Пасха!


[1] сп. Матеј 22, 32; Марко 12, 27: „не е Бог на мртвите, туку на живите.“

[2] Јован 11, 17.

[3] Канон на повечерието во петокот пред Лазарева сабота (Посен Триод). Во повеќе тропари химнографот ги става овие зборови во устата на четиридневниот Лазар, изразувајќи ја тајната на Боговоплотувањето: Бог се „облече“ во човечката природа и стана „како нас.“

[4] Јован 1, 3: „Сè преку Него стана, и без Него ништо не стана, од она што стана.“

[5] Исто 11, 39.

[6] Исто, 35.

[7] Исто, 36.

[8] Исто, 25.

[9] Исход 14, 21-22.

[10] 1 Кор. 5, 7: „Зашто Христос, Пасхата наша, беше жртвувана за нас.“

[11]Преданието за Лазар како прв епископ на Китион (денешна Ларнака, Кипар) е засведочено во Синаксарот за Лазарева сабота и во кипарската литургиска традиција. Неговите мошти биле пронајдени во Китион во 890 г. со натпис: „Лазар четиридневниот, пријателот Христов.“ Подоцна тие биле пренесени во Константинопол од царот Лав VI Мудриот.

[12] сп. Рим. 6, 4-5: „Зашто, ако сме сраснати со Него во еднаква смрт, ќе бидеме соучесници и во воскресението.“