Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено во неделата на Цветници, по читањето на светото Евангелие, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар, на 23 март/5 април 2026 лето Спасителово
Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!
Му благодариме на семилостивиот Бог, браќа и сестри мои возљубени, што еве нѐ удостои и оваа година да застанеме на прагот на Светата и Велика седмица – неделата на спасителните Страданија Христови – по благословеното посно четириесетдневие, низ кое Црквата нѐ воведе како низ едно очистително и тивко стоење пред лицето Божјо. И сега, откако поминавме низ овој подвиг, откако го оставивме зад нас тој пат на очистување и покајание, стоиме пред големата тајна: тајната на Крстот и на Воскресението, тајната на Светата Пасха – нашиот премин од смртта кон Животот.
Зашто самиот збор „Пасха“ – збор хебрејски, древен и свештен – значи ’премин‘. За старозаветниот Израил, Пасхата беше спомен на големото чудо Божјо: избавувањето од египетското ропство и чудесниот премин низ Црвеното Море, кога Бог ги отвори водите пред Мојсеја, а откако народот помина, ги затвори над гонителите[1]. Тоа беше старозаветната Пасха: премин од ропство кон слобода, од мрак кон светлина. Но тоа беше само сенка, само праслика на она што требаше да дојде, на она „ново“ и непоимливо што Бог го приготвувал за целото човештво. Оти, великата и нова Пасха, Пасхата Христова, не е веќе премин на еден народ низ морски води, туку премин на целото човечко битие од ропството на гревот и смртта кон вечниот живот, кон отвореното Царство небесно. И овој премин се извршува преку новото Пасхално Јагне, нашиот кроток Спасител, Синот Божји, Господ Исус Христос, Кој дојде да го понесе гревот на светот и да го скрши јаремот на смртта.

И еве, денес, ние го созерцаваме Него, Јагнето Божјо, како влегува во светиот град Ерусалим. Ова е денот на Цветници, денот на Неговото царско влегување. Но каков Цар е Овој? Он не доаѓа со војска и сила, не е качен на боен коњ, туку „кроток, јавајќи на ослица и на осле“,[2] онака како што одамна Го предвидел пророкот Захарија. Народот, збунет и воодушевен од Чудотворецот Кој го воскресна Лазара од мртвите,[3] Го пречекува со палмови гранки и со извици кои му прилегаат единствено на Цар и на Пратеник Божји: Осана во висините! Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово![4]
И навистина, возљубени, Он влегувал во Ерусалим и претходно, ненаметливо и тивко, но овој пат нешто сосема поинакво се случува. Сиот град се вчудовиди и се крена на нозе. Оти, Оној Кој влегува денес не е само учител и чудотворец; Тој е Оној на Кого Му припаѓа Царството; не земското, краткотрајно царство, туку она вечното, за кое сведочеа сите пророци пред Него. И, еве, Он влегува во Светиот Град низ Златната порта – таа славна источна порта на ерусалимските ѕидини, низ која, според преданието, требаше да помине Месијата[5]. И ден-денес стои таа порта, соѕидана, затворена, но Христос веќе помина низ неа. За нас, христијаните, Месијата веќе дојде. Очекувањето заврши. Исполнувањето започна.
А она што особено го потврдува величието на овој настан е чудесното сведоштво на децата, на малите, на доенчињата, на оние кои дотогаш ништо не проговориле. И тие, поттикнати од Светиот Дух, почнуваат да извикуваат: „Осана на Синот Давидов!“[6] Ова е нешто навистина потресно, трогателно! Самиот Дух Свети ги отвора устите на немоќните деца, за да го засведочат она што мудрите и учените не го прифаќаат: дека Исус Христос од Назарет е Месијата, Спасителот на светот, Синот на Живиот Бог. И кондакот на денешниот празник возвишено го опишува ова: „На Небесата на престол, на земјата на ждребе носен, Христе Боже, ги прими пофалбите на ангелите и пеењето на децата кои Ти извикуваа: Благословен си Ти, Кој доаѓаш да го повикаш Адама.“
Но не сите Го препознаа Спасителот во Него. Имаше и такви – првосвештениците, книжниците, старешините народни – кои не гледаа во Исуса духовен Цар, туку се соблазнуваа и се исполнуваа со завист и јарост. Зашто сите тие беа заробени од лажните месијански очекувања, од мечтата дека Месијата ќе биде земски владетел, кој ќе ги ослободи од римското ропство и ќе ги направи господари на светот[7]. Тие очекуваа цар со меч и круна, а дојде Цар со кротост и со ослица. Тие сакаа политичка моќ, а Он донесе Крст. И затоа дојдоа кај Него и побараа да го замолчи народот, да престанат извиците кои му припаѓаат само на Цар и на Помазаник Божји. А што им одговара Христос? Оние незаборавни зборови: Ви велам дека ако овие замолчат, камењата ќе проговорат![8]

И навистина, камењата проговорија! Не на Цветници, ами пет дена подоцна, на Голгота, на Крстот. Кога Спасителот го предаде духот Свој, читаме во Евангелието, земјата се затресе, карпите се распукаа, завесата на храмот се раскина, гробовите се отворија и телата на многу починати светии воскреснаа и им се јавија на мнозина[9]. Созданието Го почувствува Создателот Свој: камењата го извикаа она што човечките срца не сакаа да го признаат. Природата застана пред неправдата нанесена на Праведниот и посведочи за Него.
Гледајте, возљубени: во оваа Велика седмица, којашто Црквата ја именува како „Страсна,“ односно седмица на Страданијата, ние мислено и молитвено влегуваме со Христа кон Голгота. Влегуваме триумфално, но и трепетно. Влегуваме бестрашно, зашто знаеме дека Христос е Победител на гревот и на смртта, и дека оваа победа Он ја извојува токму преку Својата саможртва – преку Крстот. Тропарот на Цветници ни ја открива оваа тајна: Господ, пред Своето страдање, со воскресението на Лазара го потврдува општото воскресение, засведочувајќи дека по Голгота следува Пасха, по смртта – Живот.
Следствено, можеме слободно и со увереност да извикаме, заедно со сите христијани во изминатите две илјади години, кои со своите души го наполнија небото и оттаму нѐ поткрепуваат, дека Он е единствениот вистинскиот Месија, единствениот Божји велможа, Царот на мирот. Зошто? Затоа што Он, Единствен меѓу сите кои некогаш царувале, не го жртвуваше Својот народ заради Себе, туку Себеси се жртвуваше за Својот народ. Синот Човечки не дојде да Му послужат, туку Сам да послужи и да го даде животот Свој како откуп за мнозина[10] – вели Самиот Он.
И токму затоа, на Тајната Вечера, иако е Учител и Господ, Он се препаша со крпа, се наведна и им ги изми нозете на Своите ученици[11]. Размислете колку е длабока оваа тајна! Бог, Творецот на вселената, на сѐ видливо и невидливо, клечи пред Своите созданија и им ги мие прашливите нозе! Со тоа не ги упатува само кон тајната на христијанското служење, туку им ја открива самата суштина на Божествената Љубов: љубов која се смирува, која се снижува, која се дава целосно, без резерва – Кој, иако беше во Божји лик, не сметаше дека треба да го искористи тоа што е еднаков со Бога;но Сам Себе се понизи, земајќи лик на слуга… Сам Себе се понизи, послушен сè до самата смрт.[12]

На тоа нѐ повикува Христос, мили мои – на пожртвувана љубов. Сите кои сакаме да бидеме Негови ученици, треба да Го следиме и да Го подражаваме во сѐ. Особено во ова: во секој наш ближен да Го гледаме Него. Во секој страдалник, во секој беден, во секој заборавен човек од овој свет, да Го препознаваме Христа, зашто Он Самиот рече: Доколку сте го направиле тоа за еден од овие Мои најмали браќа, за Мене сте го направиле[13]. Само тогаш ќе бидеме вистински Негови ученици. Само тогаш нашата литургиска прослава нема да биде празна форма, туку жива вистина. Кога овде, во храмовите, ќе Го славиме и ќе извикуваме дека Он е вистинскиот Син Божји и Спасител на светот – тоа ќе биде дејствително и стварно само ако и надвор од храмот продолжиме да Го гледаме во секој човек кој страда. Оти Христос се поистоветува со секој страдален човек. Ако некој рече: ’Го љубам Бога‘ а го мрази својот брат, тој е лажливец: зашто, кој не го љуби својот брат, кого го видел, како може да Го љуби Бога, Кого не го видел?[14]
Инаку, ќе бидеме како оној народ кој на Цветници Го пречека со „Осана во висините, Сине Давидов!“ – а само по пет дена истите тие усти извикуваа: „Распни Го, распни!“ Ние си помислуваме дека не сме такви, зашто Христос не се распнува повторно, а згора на тоа ние во никој случај не би застанале на страната на распнувачите. Но не е така, браќа. Оваа седмица ни открива многу тајни за нашиот сопствен живот, затоа што сѐ она што се случи со Христос се однесува и на нас, на нашиот личен живот. И сега, и денес, се делиме на два табори: едни, кои Го следат и одат со Него на распнување, и со Него совоскресуваат и се спасуваат; и други, кои само со уста Го исповедаат, а кога излегуваат од црква немаат ни капка милост кон ближните свои. Кој христијанин нема милосрдие, нема ништо заедничко со Христа. Ова е тешко, но е вистинито. Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани[15], вели Господ.
Деновиве слушнав нешто што ме воодушеви, а доаѓа од друговерен. Овде, во овој град, денес мнозинството луѓе ја исповедаат мухамеданската религија. Пред скоро време, една наша православна христијанка, отсутна подолго време од градот, отишла во аптека за да си го плати долгот што го имала. Но аптекарката ѝ рекла: „Немаш повеќе долг, еден човек го плати за тебе.“ Жената, изненадена, помислила дека можеби манастирот го платил. Не – ѝ рекла аптекарката – еден човек одовде, кој за празникот Бајрам, дојде во аптеката и им ги плати долговите на сите должници. Аптекарката му кажала на тој човек дека должничката не е муслиманка, туку христијанка. А тој ѝ одговорил: „Ако, не ми е важно тоа, човек е…“
Гледате ли, возљубени? Каде сме ние? Правиме ли ние вакви дела? Овој човек, и без да го познава Евангелието, го исполни она што Христос од нас го бара: безусловно милосрдие, кое не прашува за верата, за потеклото, за ништо друго, туку гледа само човечност; пред мене стои човек во потреба, не сум ли должен да му помогнам? И ова не е случајно: оваа доблест кај нашите соседи од мухамеданска вера е повлијаена од христијанството, од вековите на заедничко живеење на ова тло, од силата на христијанското милосрдие која некогаш зрачеше од секој верник. Но денес, за жал, ние христијаните повеќето не сме такви како овој човек.

Мораме да почнеме да бидеме милосрдни. Целиот овој пост, во сите свои беседи, говорев за оваа добродетел. Не случајно. Затоа што ако се изедеме едни со други, а доаѓаме в црква и уште се причестуваме со Христа – тогаш нашата вера е мртва. А Христос е Вистина, Пат и Живот[16]. Он е Воскресението и Светлината. И кој доаѓа кај Него, мора да дојде со срце отворено за ближните – инаку, се лаже самиот себеси.
Но Христос денес доаѓа за нас. Ова не е само спомен за минатото и за некогашното. Не! Празниците во Црквата не се музејски експонати или сеќавања; тие се жив настан, тие мистично се случуваат сега, денес. Христос денес влегува во Ерусалим, а Ерусалим е нашето срце. Денес Он доаѓа кон нас и чука на нашите врати. Да Го пречекаме. Да ги отвориме своите срца. Да ги постелиме пред Него, не палмови гранки, ами нашите грижи, нашите страсти, нашите стравувања, нашата гордост, и да Го пуштиме да влезе и да владее во нас.
Стихирата на денешниот празник ни говори: „Денес благодатта на Светиот Дух нѐ собра, и сите земајќи го Твојот крст, велиме: Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово, Осана во висините!“[17] Нека Светиот Дух, Кој ги собира расеаните, нѐ собере и нас во единство на верата и на љубовта!
Во текот на Великата седмица да внимаваме на богослужбите, да размислуваме за сѐ она што стана заради нас и заради целото човештво – како Божји домострој, како план на Божјата спасителна промисла – за да се удостоиме да бидеме просветлени со Неговото Воскресение. Оти, човек христијанин, просветлен од Светата Пасха, е патоказ кон Царството небесно. Не е можно човек кој живее според Христа и Евангелието да не биде препознаен. А ако денес другите не нѐ препознаваат, тоа е затоа што ние не го држиме Евангелието на дело, туку само на збор.
Да продолжиме сега, возљубени, со светата Литургија. Да се подготвиме духовно и мисловно, уште поусрдно да се молиме и да се причестиме со светите Божествени Дарови. Да имаме убава Велика, Страсна седмица, и убава, светла Пасха!
Амин.
[1] Исход 12, 1-28; 14, 21-31.
[2] Зах. 9, 9: „Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај, ќерко ерусалимска; ете, Царот твој се враќа кај тебе, праведен е и со победоносна сила, кроток, седнат на магаре, рожба на магарица.“
[3] Тропар на Цветници: „Општото воскресение пред Твоето страдање потврдувајќи го, од мртвите го воздигна Лазара, Христе Боже…“
[4] Матеј 21, 9; сп. Пс. 117, 26.
[5] Златната Порта (Porta Aurea) се наоѓа на источниот ѕид на Стариот град во Ерусалим. Според преданието, низ неа влегол Господ Исус Христос на Цветници. Портата е соѕидана од Османлиите во 1541 година. Хебрејското предание го поврзува ова место со доаѓањето на Месијата (сп. Језек. 44, 1-3). Секоја од двете врати на оваа двојна порта има свое име: Bab al-Rahma („Порта на милоста“) за јужната, и Bab al-Tauba („Порта на покајанието“) за северната.
[6] Матеј 21, 15-16; сп. Пс. 8, 3: „Од уста на младенци и на доенчиња си совршил пофалба.“
[7] сп. Јован 6, 15; Дела 1, 6.
[8] Лука 19, 40.
[9] Матеј 27, 51-53.
[10] Марко 10, 45.
[11] Јован 13, 4-5; 14-15.
[12] Филип. 2, 6-8.
[13] Матеј 25, 40.
[14] 1 Јован. 4, 20.
[15] Матеј 5, 7.
[16] Јован 14, 6.
[17] Стихира на Цветници (На Господи воззвахъ ): „Денес благодатта на Светиот Дух нас нѐ собра…“











