Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Божествената Литургија на празникот Благовештение на Пресвета Богородица, во Манастирот Пречиста Кичевска, на 25 март/7 април 2026 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Возљубени мои, денес се совпаѓаат две големи таинства што ја опфаќаат целосно наша вера: радосната вест на Благовештението и подготовката за Страданијата Господови. Оваа последна и благословена седмица од Великиот пост ја нарекуваме Страсна, односно недела на Христовите спасителни Страданија. И во ова совпаѓање не гледаме случајност, ами Божја промисла: Благовештението ни се открива преку тајната на Крстот. Зашто тоа и беше целта на доаѓањето на Синот Божји: не просто да дојде меѓу нас, туку преку Крстот да нѐ одведе до Воскресението.
Целта беше злото да биде победено преку жртвата на Оној Кој ги зеде врз себе гревовите на целиот свет.[1] Впрочем, и самиот настан на Благовештението, според преданието, се случил на празникот Пасха, кога старозаветниот Израил го славел своето избавување од египетското ропство. Бог посакал Пресвета Дева Марија – најчистата девојка на светот, онаа која со целото свое битие се подготвувала за овој час – да ја поздрави со најрадосната и најблагата вест во историјата на човештвото.[2] И архангелот Гавриил ѝ се јавил на Преблагословената токму тогаш, на Пасхата, кога еврејскиот народ го славел својот главен празник.

На тој најголем празник во епохата на Стариот завет, кој беше, всушност, праслика на новата Пасха, се совршуваше споменот на излегувањето на Израил од Египет, преку колење на пасхалното јагне.[3] Имено, тоа било така, затоа што во она време, од крвта на јагне требало да бидат помазани довратниците и горниот праг на секоја еврејска куќа во Египет. И кога ангелот-погубител минувал за да ги земе првородените од луѓето и од добитокот – дури и синот фараонов – ги одминал оние врати каде што стоел знакот од крвта на јагнето. Така Бог му заповедал на Мојсеј, и така Евреите на секоја Пасха се потсетуваа на тоа големо чудо – на јагнето преку чија крв бил избавен народот Божји.
И затоа, токму на празникот Пасха Архангелот ѝ се јавува на Пресвета Дева Марија, за да покаже дека Оној Кој ќе се роди од Неа ќе биде новото Јагне, преку Кое целиот човечки род ќе се избави од ропството на гревот и смртта, и од злото што војува против нас. Свети Јован Крстител подоцна ќе посведочи: Еве го Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот.[4]
За жал, човекот му беше дал на злото многу голем простор. Гледаме и денес како злото зазема огромни размери среде човечкиот род. Но не смееме да очајуваме, зашто Христос не дојде просто да нѐ утеши, туку да војува заедно со нас како соборец против злото што ја обзема човечката душа. Он ни го отвори и ни го покажа патот. Го победи крајното зло, распнувајќи се за нас. Затоа и свети Симеон Богопримец, кога Го пречека Младенецот во Ерусалимскиот храм, ѝ предрече на Богородица дека „и на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата.“[5] Онаа која со радост ја слушна благата вест, ќе Го гледа својот Син распнат на Крст. Заедно со свети Јован Богослов, таа ќе стои под Голгота[6] и пред нејзините очи ќе се открие тајната на спасението на целиот човечки род: Оној Кој преку неа зеде тело, сега со тоа тело ќе биде распнат пред нејзиниот поглед. Голема болка за секоја мајка. Но, исто така, болка и за нас, зашто Крстот ни го открива целото зло што лежи во нас, луѓето, зло што го избравме според нашата слободна волја. Толку длабоко навлезе во нас, што дури и Бога Го убивме. Кроток како јагне, Оној Кој правеше толку добрини и толку чудеса, беше продаден за триесет сребреника[7] и „како јагне на колење Го беше одведен.“[8]
И не е случајно тоа што Црквата, со својата духовна педагогија, во понеделникот на оваа Страсна седмица нѐ потсетува на исушената смоква.[9] Господ, откако огладни, помина покрај смоквата, виде дека на неа има само лисјe, иако, како што евангелистот нагласува, не ѝ беше време за плод.[10] Он ја проколна, и таа се исуши. Не затоа што Бог казнува бездушни дрвја, туку затоа што сакаше да ни покаже дека ние, луѓето, треба во секое време да бидеме подготвени да Му дадеме на Бога духовен плод. Да нема кај нас само форма, само лисја без род. Светите отци, особено свети Јован Златоуст, смоквата ја споредуваат со старозаветната синагога, бидејќи еврејскиот народ особено се трудел секогаш да ја запази формата, а не и суштината на богопочитувањето. Но да не мислиме дека оваа поука се однесува само на нив: и ние, христијаните, колку пати се потресуваме да ја запазиме само надворешната форма на постот, телесното воздржание, а не се трудиме да Му дадеме на Христа плод на милосрдието.

Затоа и денеска, на Велики вторник, Господ нѐ опоменува со параболата за десетте девојки.[11] Пет од нив беа разумни, а пет неразумни, како што Самиот Христос ги нарекува. Разумните имаа елеј во светилниците свои и можеа достојно да Го пречекаат Младоженецот кога дојде ненадејно. Кога се чул глас дека доаѓа, неразумните им рекоа на мудрите: „Дајте ни од вашиот елеј, зашто нашите светилници гаснат!“ А мудрите одговорија: „Не, да не би да нема доволно ни за нас ни за вас; подобро одете кај продавачите и купете си.“ Елејот во светилниците – тоа се добрите дела и милосрдието. По нашата смрт, по напуштањето на овој свет, повеќе не можеме да твориме милостина, повеќе не можеме да купиме елеј. Затоа Бог нѐ поучува сега, пред крстната жртва и пред Воскресението, да ги омекнеме срцата двои, да ги наполниме со милост, да правиме добри дела, та да можеме достојно да Го сретнеме Христа Распнатиот, а потоа да го чуеме Неговото победоносно „Радувај се!“
Денес пречистата Дева Марија, слушна од Архангелот: „Радувај се, Благодатна!“ Но на Воскресението, тоа „Радувај се“ беше многукратно посилно. Свети Григориј Палама вели дека Богородица била прва известена оти нејзиниот Син воскресна.[12] И затоа, на Пасха, на Воскресението Христово, пееме: „Ангелот ѝ викаше на Благодатната: Чиста Дево, радувај се! И пак ќе речам: радувај се!“[13] – зашто радоста на Пасхата е веќе во полнота.
На Благовештението, радоста беше најава, и почеток на нашето спасение. Затоа и во тропарот на Благовештението се пее: „Денес е почетокот на нашето спасение и откривање на предвечната тајна.“[14] Но таа радост и тој почеток се запечатуваат на Голгота преку Крстот, и во полнота се објавуваат преку Неговото славно Воскресение.
Затоа овој празник е радосен, а сѐ она на што нѐ потсетува Страсната седмица до Велика Сабота е и тажно. Меѓутоа, во нашата вера го имаме тој мистичен парадокс: постои таговна радост, односно „радосна жалост“, χαρμολύπη, зашто ниедна тага во Христа не завршува трагично. Секој кој верува знае дека постои живот вечен и дека злото конечно нема сила, бидејќи е победено од Оној Кој заради нас зеде плот, стана како еден од нас, „сличен во сѐ, освен во гревот,“[15] за да стане наш Соборец и Победоносец и да нѐ поведе кон Царството на вечната радост.
Да Му го дозволиме тоа на Христа. Да Му се предадеме целосно Нему. Да ја посакаме Неговата волја преку нашата слободна волја. Оваа седмица да размислуваме за сѐ она што Он направи заради нас: од Неговото воплотување, кое денес го славиме, па сѐ до крстната жртва и до Неговото славно Воскресение.
А Царицата Богородица, чиј спомен денес празнуваме, нека нѐ води како Мајка наша, по тој крстовоскресен пат. Амин.
[1] Јован 1, 29.
[2] Лука 1, 26-38.
[3] в. Исход 12, 1-14.
[4] Јован 1, 29.
[5] Лука 2, 34-35. Свети Симеон Богопримец го изрече ова пророштво при Сретението Господово.
[6] в. Јован 19, 25–27.
[7] Матеј 26, 15; сп. Зах. 11, 12-13.
[8] Иса. 53, 7.
[9] Матеј 21, 18-22; Марко 11, 12-14; 20-24. Евангелско четиво за Велики понеделник.
[10] Марко 11, 13. Свети Јован Златоуст, Беседи на Евангелието по Матеј, 67.
[11] Матеј 25, 1-13. Евангелско четиво за Велики вторник.
[12] Свети Григориј Палама, Беседа 18, PG 151, 236B–237A.
[13] Пасхален канон, песна 9, припев на Богородица.
[14] Тропар на Благовештение, глас 4.
[15] Евр. 4, 15.











