Лазарева сабота: воскресение пред Воскресение

Веќе сме на самиот праг од Страдалната седмица, кога патувањето низ крстовоскресната пустина на Великиот пост полека ја достигнува својата полнота. Постот завршува, а ние стоиме пред лицето на смртта, свесни дека сè во овој свет има своја граница. Денес Црквата нè повикува да застанеме во Витанија, онаму каде што смртта се чинеше како последна и неповратна пресуда. Но, токму таму, пред гробот на пријателот Господов, повикани сме да ја откриеме длабоката тајна на Неговото доаѓање во светот: дека Он стана вистински и совршен Човек за да го прегрне нашето страдање, и со Себе да нè совоскресне и нас.

Сепак, колку често е збунет нашиот ум пред овие големи таинства; колку лесно се помрачува нашето срце во часовите кога ни се чини дека Он не е тука, дека задоцнил или нè заборавил. Колку пати во горчината на своите искушенија помислуваме дека Господ е рамнодушен кон нашето страдање и дека нашиот молитвен крик не допира до Него? Навистина, колку сме само болно осамени пред лицето на овој сомнеж и пред ова тивко роптање; колку сме немоќни пред силата на злото и беззаконието. И ако Бог не би бил со нас ние вечно би престојувале во долината на тој ужасен очај.

Но Самиот Господ, Кој многупати ни се чинеше отсутен, Кој ја допушти болеста на Својот пријател Лазар, сега стои пред неговиот гроб и плаче. Самиот Бог плаче, но не од немоќ, туку од бескрајната Своја љубов, која продира дури до најдлабоките агли на човечката тага. Зашто, додека светот чувствува дека „веќе мириса“ и дека сè е изгубено под тежината на распаѓањето – Он не се згнасува, туку доаѓа таму каде што престојува смрдеата на целото човештво за да нè повика во живот. Христос застанува пред Лазаревиот, но и пред нашиот личен гроб и извикува: „Лазаре, излези надвор!“ Чудо необично и преславно! Адот затреперува пред заповедта на Спасителот и веднаш го ослободува човекот од смртните окови. Затоа овој ден е залог за општото воскресение, затоа и името на Лазар, изговорено од божествената уста на Спасителот станува химна на секоја душа, која во темнината на смртта Го препознава Животодавецот. Да, Он дојде за сите да нè повика по име. И ниедна сила, ниедно ропство или затвор, ниту, пак, адот може да одолее на тој Божји повик. Лазар воскреснува за да ни покаже дека патот по кој чекориме не води кон ништавило, туку кон смислата на сè – Светлината на Невечерниот Ден, Светата и Божествена Пасха.

Така сега, во богослужбената тишина на нашите монашки обители, со топла благодарност се осмелуваме да погледнеме кон вечноста. Крајот се приближува – одѕвонуваат стиховите со кои го започнавме ова Великопосно патување – и доаѓа ноќта кога никој, освен Самиот Христос, нема да може ништо повеќе да направи. Ова патување има свој крај. Сè има граница, освен Неговата љубов. И додека го слушаме гласот на нашиот највозљубен Старец, кој со посебно умиление ги чита тие прекрасно сотворени тропари од Канонот на Лазар, Божествената љубов на Спасителот уште посилно ги допира нашите скрушени срца. И ги растреперува нашите души, онака како што некогаш ги растрепери и душите на Марта и Марија, претворајќи го нивниот плач во радост. Оти секој од нас, во својата лична агонија, може да Го повика Животодавецот да ја одврзе и неговата погребна плаштаница, исткаена од секојдневните грижи и падови; да го чуе истиот тој божествен глас и да го преобрази сопствениот смртен живот во воскреснат живот. Сега знаеме, во пријателот Божји Лазар видовме дека веќе не живееме ние, туку Он Бесмртниот живее во нас. Да, Господ е подготвен да плати со Својот живот и за секого да заплаче. Он мора да претрпи смрт, но бидејќи е Воскресение и Живот, смртта нема власт над Него: таа трепери и отстапува, а Неговата љубов победува!