Четири петоци по ред ја воспевавме Мајката Царица, статија по статија, поздрав по поздрав, „радувај се“ по „радувај се“. А изминатата вечер, на целоноќното бдение од петтата седмица на светата Четириесетница, сите четири статии се собраа во едно: целиот Акатист, од првото „Ангелот претстател“ до последното „О, севоспеана Мајко,“ – ѝ беше принесен на победоносната Војвотка, како една, единствена, нераздвоива, потполна пофалба. Она што беше распределено низ четири петоци, вечерва беше собрано во една ноќ, како бисери бесценети нанижани на една низа рајска, како реки бистри што се влеваат во едно море на благодат.
Нашиот сакан Старец, преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј, со синовска љубов и посветеност ѝ ги принесе на Пресветата радосните поздрави од Акатистот, поделен на четири статии низ утрената богослужба. И секоја статија беше нов степен на блискост, нов чекор кон Онаа на Која ѝ пеевме. Првата, Благовестието, трепетот и радоста на Ангелот пред Дева; втората, слегувањето на Бога меѓу луѓето, мудреците и пастирите, бегството во Египет; третата, тајната на Бог Кој „целосно беше при долните, од горните никако не отстапувајќи,“ Симеон кој Го прима Младенецот и ја препознава вечноста во детски раце; и четвртата – круната, исповедта дека „поразена е секоја песна,“ дека нашите зборови не се доволни, дека и да принесеме песни „истобројни со песокот“, ништо достојно не ќе можеме да кажеме за Онаа Која Го носеше Носителот на сè.
И токму во тоа признание на немоќ е силата на оваа ноќ. Зашто Акатистот не е лекција по богословие – тој е љубовно писмо. На децата кон Мајката своја. Не е мудрословење за Богородица, туку разговор со неа. И кога Старецот со растреперен глас ги возгласуваше поздравите: „Радувај се, преку тебе ќе заблеска радоста; Радувај се, преку тебе ќе исчезне клетвата“, – тие слова не одекнуваа како минати, далечни, историски. Тие одекнуваа како сегашни. Оти радоста навистина заблеска, вечерта, во храмот Претечев. И клетвата навистина исчезнува, сега, во овие срца, на овие усни.
Низ четирите статии поминавме како низ четири одаи на една небесна палата. Во првата, стравопочит: „Радувај се, височино непреодна за човечките мисли. Радувај се, длабочино недогледна за ангелските очи.“ Неа ниту ангелите не можат да ја дофатат, а ние, грешните, смееме да ѝ пееме. Во втората, нежност: „Радувај се, на Јагнето и Пастирот Мајко. Радувај се, трло на словесните овци.“ И ние сме во нејзиното трло, заштитени под нејзиниот мајчински покров. Во третата, чудење: „Радувај се, сместувалиште на несместливиот Бог. Радувај се, девството и раѓањето ги соединуваш.“ Како е тоа можно? Не знаеме, таинство е големо, но без никаков сомнеж веруваме. И во четвртата, себепредавање: „Радувај се, на моето тело исцеление. Радувај се, на мојата душа спасение.“ Телото и душата – целиот човек, предаден на нејзината незаспивлива грижа.
А помеѓу статиите, кондаците со нивното „Алилуја“, тоа свештено запечатување на секое таинство со пофалба на Бога. Алилуја по Благовестието. Алилуја по бегството во Египет. Алилуја по Симеоновото пророштво. Алилуја по раскинувањето на списокот на нашите долгови. Колку пати Алилуја, толку пати „Слава на Бога“, затоа што секоја тајна на Богородица е всушност тајна на Бог Кој ја избра, ја подготви и се всели во неа.
И кога хорот за последен пат го допеа „Радувај се, Невесто неневестна,“ и кога Старецот со предначалото „Поборнице, војвотко победоносна“ ја затвори целата химна како златна рамка, во храмот настана благост и радост што говореа погласно од сите тропари. Радост на исполнетост. Благост на душа која кажала сè што имала да каже, и знае дека е слушната.
Како круна на сеноќното бдение беше светата Златоустова Литургија, со која чиноначалствуваше возљубениот ни Старец. По читањето на светото Евангелие, тој го закити ова бдение на радоста со една длабоко созерцателна беседа за убавината и добрината на Мајката Божја, говорејќи за Неа онака како што син зборува за мајката своја која секогаш му ја оставала вратата отворена и прегратката раширена.
Причестувајќи се на крајот со Телото и Крвта на Оној Кого Богородица Го роди, Го доеше, во прегратка Го држеше, ние, всушност, влеговме во последниот поздрав на Акатистот, оној кој не е напишан со зборови, туку со Тело и Крв: „Радувај се“ кое не се пее, туку се вкусува. Оти, Светата Причест е токму тоа – последното „Радувај се,“ она кое ги содржи сите останати.
Саботата на Акатистот е завршена. Целата песна е испеана. Но Богородица не престанува да биде тоа што е: „мост што ги води земните кон небото“, „кораб на тие што сакаат да се спасат“, „пристан на тие што по животот пловат.“ И ние, кои вечерва пловевме низ нејзиниот Акатист како по мирно море, сега пристигнуваме кон брегот на последните денови пред Светата Пасха. Цветници е на прагот. Страстната Седмица е зад прагот. И Богородица, која ќе стои крај Крстот и ќе плаче на Голгота, веќе нè очекува и таму – да нè придружи низ страданието, за да нè доведе до радоста.
О, севоспеана Мајко, родителке на посветото од сите светии Слово, примајќи го сегашниов принос, избави ги сите од секаква напаст.
Го примивме принесеното. И сега, чекориме кон Крстот, кон Гробот, кон Воскресението. Со Неа. Со Мајката.































