Денес Господ влегува во Ерусалим, Животот меѓу смртните, смирено искачен на магаре, а народот Го пречекува со палмови гранки и со извици: „Осана! Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово!“ И тоа влегување – смирено, кротко, на животно за кое никој не би помислил дека Го носи бесмртниот Цар – е влегување што се повторува секој пат кога Христос влегува во Својот омилен храм: срцето на човекот. Не со парада и екскламации, не со фанфари и шум, туку тивко, сокриено во светите Таинства, во молитвата и во псалмопението, во солзите и во радоста на верните.
Торжеството во Дебар беше токму такво – достоинствено и молитвено претпразненство на Победата. Предворје на триумфалниот Настан, праг на Светата Пасха. Цветници е влегување во Ерусалим, но и вход во Страсната Седмица, во оној последен, одлучувачки од пред страшната Голгота и пред празниот Гроб. За нашата монашка заедница, собрана околу својот сакан Старец, епископот Антаниски г. Партениј, како и за многубројни верници, овој праг, и оваа година беше пречекорен во еден од најубавите и најзначајните храмови на нашата земја – соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во старата дебарска населба Варош.
Овој славен храм, изграден во 1840 година, е една од најубавите преродбенски цркви во Македонија, вистински споменик на духовниот и градителски дострел на нашите предци, кои го изградија во тешки општествени и економски услови, под ограничувањата на духот на времето, но со неограничена вера. Трикорабна базилика, насликана со ѕиден живопис и украсена со иконостас со прекрасни икони од XIX век, некогаш главен соборен храм на Дебарското архиерејско намесништво и седиште на Дебарската митрополија, нејзините ѕидови паметат архиереи и свештеници, крштевања и венчавања, опела и воскресенија – целата историја на дебарското христијанство, впишана во камен, во икони и фрески.
Од пред некоја година, по иницијативата и трудовите на нашиот Старец, владиката г. Партениј, и во соработка со црковниот одбор и благочестивите дебрани, врз храмот беа изведени обемни конзерваторски и реставраторски работи: беше заштитен покривот од прокиснување, беа санирани големите оштетувања во внатрешноста, комплетно беше реновиран црковниот трем, беа возобновени столбовите, балконот на галеријата, прозорците, електричната инсталација и таванските греди, беа зајакнати темелите, така што храмот сега е целосно заштитен од влага. Бигорското братство и Рајчичкото сестринство извршија целосно очистување и украсување на црквата. И кога денес влеговме во неа, таа нè пречека обновена, радосна, светла, дишејќи со оној мир што го имаат само храмовите коишто се сакани и чувани.
Нашиот почитуван Старец чиноначалствуваше со празничното литургиското таинство, а освен браќата свештенослужители од Бигорски, нему му сослужуваше и дебарскиот свештеник отец Миле Ангелковски. Радосните литургиски химни, прекрасно испеани од хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, се мешаа со молитвените воздишки на множеството присутни, дојдени од сите страни на нашата земја. И кога „Осана“ одекна под сводовите на овој древен храм, тоа не беше само спомен на ерусалимскиот пречек на Царот на мирот, туку беше и една автентична исповед на верата дека Господ Христос и денес влегува, и денес доаѓа, и денес е меѓу нас и со нас.
Особено трогателни беа солзите радосници во очите на домородните дебрани, солзи на луѓе кои го гледаат својот храм обновен, жив, полн со народ и со молитва. Тие солзи беа сведоштво за силната надеж дека токму во овој прекрасен храм на Богомајката славословијата никогаш нема да замолкнат. Секоја уста, секое срце, како да го повторуваше древното славословие: „Осана! Благословен е Оној Кој доаѓа!“ – со сè подлабока вера дека ова славно и велелепно здание ќе ја достигне својата конечна убавина и слава.
Со своето ценето присуство, неизмерна радост и чест ни причинија нашите драги сограѓани – Албанци од Дебар, во знак на почит кон вредностите што нè поврзуваат и кон духот на Дебар, кој отсекогаш бил пример за соживот и меѓусебно разбирање. Оти, храмот на Пресвета Богородица во Дебар не е само место на молитва; тој е и живо сведоштво на нашата заедничка историја, култура и достоинство, светилиште коешто со векови стои како гордост на целиот град и на сите негови жители, без разлика на потекло и јазик. И токму во тој дух на заедништво и взаемна почит, овие наши браќа присуствуваа денес, споделувајќи со нас мигови на мир, добрина и на човечка близост.
Зашто целта на денешното богослужение не беше само Цветници. Таа беше и нешто повеќе: да ѝ направиме чест на Пресветата Владичица наша Богородица, заради оваа нејзина црква-споменик со големо историско и духовно значење. Да им оддадеме чест и благодарност на богољубивите предци, кои со голема пожртвуваност ни го оставија ова велелепно и свето наследство. И да посведочиме дека нивниот труд не бил залуден, оти, еве, речиси два века подоцна, нивните внуци и правнуци стојат во истиот храм, ги пеат истите химни, се причестуваат со Истиот Христос.
Процесот на реставрирање и заштита на дебарскиот храм ќе продолжи и во иднина, за ова свето наследство да биде предадено на идните поколенија во уште поголема убавина. Секој човек со добра волја може да помогне во рамките на своите можности, оти да градиш и да чуваш храм не е само градежно дело, туку е, пред сѐ, дело на верата, на љубовта, на благодарноста кон оние кои го изградија и кон Онаа на која му е посветен.
А вечерва почнува Страсната Седмица. Палмовите гранки ќе свенат, извиците „Осана“ ќе се претворат во молк, а Царот биде прикован на Крст. Но ние знаеме – зашто целиот Велик Пост нè подготвуваше за ова знаење – дека по Крстот доаѓа празниот Гроб. По молкот доаѓа победоносното: „Христос воскресе!“ По солзите доаѓа радоста што никој не може да ни ја одземе.
Осана! Благословен е Оној Кој доаѓа! И благословен е секој храм и секое срце кое со љубов Го пречекува!































