По торжествениот влез во Ерусалим, каде што извиците „Осана“ сè уште одекнуваат низ градските порти, Господ Исус Христос стапува на последното и одлучувачко поприште на Својот земен живот. Влегува Он, и ние заедно со Него, во деновите на Страдалната седмица – денови во кои секој Негов збор, секое дејство станува закон, а Неговиот живот во тело ја достигнува својата полнота. Околу Него е целиот свет: и обичниот народ, жеден за утеха, и првосвештениците, и учените фарисеи, и моќната политичка елита. Сите стојат во трепетно исчекување, насетувајќи дека пред нивните очи се менува историјата и се пресоздава човекот – омиленото Божјо создание.
И токму во овие први мигови на Неговото конечно патување кон Крстот, Господ ги пресретнува нашите сиромашни души со два потресни и длабоки образи: образот на прекрасниот Јосиф и на бесплодната смоковница. Гледајќи го ова дрво со раскошни лисја, кое ветува многу, а не дава ништо, Спасителот го изрекува својот прекорен суд: да, оваа смоковница не е само едно дрво крај патот, не е само надворешен украс, туку е огледало на нашиот живот, кое нè потсетува дека верата бара реален плод што има вредност во очите на вечноста. Зашто, ако нашето благочестие е само надворешно, ако е само запазување на формата, додека срцето останува затворено за милосрдието и љубовта, тогаш и ние сме само тело кое не е храм на Духот и форма без суштина.
Ете сега, во тишината на оваа Велика седмица, нашите монашки Обители треперат пред судот над бесплодната смоковница и плачат пред ликот на прекрасниот и кроток Јосиф, кој не престана да дава плодови ниту во ропството, ниту во затворот, зашто во неговото срце немаше место за одмазда, туку само за простување. Јосиф е жив прекор за секое наше бесплодие: неговата чистота ја разобличува нашата нечистотија, неговото трпение го посрамува нашето роптање, а неговата кротост ја победува нашата гордост. И во неговиот образ веќе Го наѕираме Самиот Христос: нашите очи го гледаат ликот на Младоженецот, Кој нè потсетува дека како што Јосиф беше предаден од своите браќа и фрлен во мрачната јама на заборавот, така и Он доброволно зачекори кон предавството и страдањата приредени од Неговите соплеменици.
Ете Младоженецот доаѓа на полноќ и блажен е слугата што ќе го најде буден. Во овие последни мигови Црквата нè повикува да се разбудиме: дали ќе бидеме како смоковницата која само лажно зеленее, или како Јосиф, кој и среде страдањето донесе плод на спасение за целиот свој народ. Постот завршува, а ние стоиме пред пристаништето на Крстот. Сега, кога по благодатта Божја допловивме до самиот крај, не смееме да бидеме безгрижни, зашто Страдалната Седмица е време во кое кулминира, но и се урива власта на ѓаволот, време кога Бог со Своите Страдања и Воскресение го помирува небото со земјата. Ова не се обични денови, ова е нашиот венец, нашето последно забрзување пред целта. Да не допуштиме нашата душа да остане само форма без суштина, туку да ја исполниме со плодови на милосрдие и солзи на покајание, та да можеме со чиста совест да се поклониме на Христовото Свето Воскресение.































