Благодатен дар ни подари Црквата денес: ден со недогледно величие, со крстовоскресна полнота, со мистично совпаѓање на почетокот и крајот. Велики Вторник и светото Благовештение во ист ден. Страсната седмица – со својата есхатологија и својот молк – и празникот на ангелскиот поздрав, со својата радост и својата светлина. Женихот Црковен Кој доаѓа во полноќ да ги посети душите, и истиот Тој Жених Кој пред триесет и три години беше зачнат во утробата на Дева. Крајот и почетокот. Ерусалим и Назарет. „Ете, Младоженецот доаѓа во полноќ“, и „Ете, ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син.“
Во нашите свети Обители, оваа благословена средба на двата празника беше доживеана со широко отворено срце. Вчеравечер, на бдението, нашите манастирски храмови беа облечени во онаа мистична светлина на Христовата свадбена одаја, во која одекнуваше гласот на Архангелот: „Радувај се, Благодатна, Господ е со тебе!“ И двете атмосфери – покајничката тага и очекувањето на Крстот во Страсната седмица, и благовесната радост од Назарет – се сплетоа во едно, не противречејќи си во ништо, туку надополнувајќи се, како две мелодии кои, кога ќе зазвучат заедно, создаваат хармонија поубава од секоја поединечна.
Во манастирот, пак, на Пречистата Богомајка кај Кичево, посветен токму на празникот Благовештение, со празничното богослужбено торжество тајноводеше нашиот возљубен Старец, преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј. И во тоа богослужение, единствено по своето богатство, се слушаа истовремено и песнопенијата на Велики Вторник, кои говореа за десетте деви, за талантите, за будноста – и стихирите на Благовештението, кои возвестуваа за Ангелот, за Дева, за зачнувањето на Бога во човечко тело. Две истории, два празника – една тајна.
Оти, како што ни говореше Старецот во својата беседа, Благовештението и Великиот Вторник зборуваат за истото, само од две различни страни. Благовештението е почетокот на патот кон Голгота: во мигот кога Дева рече: „Ете ја слугинката Господова; нека ми биде според зборот твој“, во тој миг Словото Божјо стана тело – и тоа тело беше наменето за Крстот. И крајната цел на сè е една: Воскресението. Рождеството не е можно без Благовештението, Голгота не е можна без Рождеството, и Воскресението не е можно без Голгота. Сè почнува тука, во малата и скромна куќа во Назарет, со преблагословената Дева и со Архангелот Гавриил.
А Великиот Вторник е крајот на тој ист пат: Младоженецот доаѓа, вратите се затвораат, неразумните девојки остануваат надвор, а мудрите – оние кои се украсиле со милосрдие и добри дела – влегуваат во брачната одаја на Младоженецот. Оној Кој беше зачнат во радост, сега доаѓа да биде распнат. Оној Кој беше Младенец во прегратка, сега е Младоженец на душата човечка.
Владиката г. Партениј, чијашто појава ја носеше и мистиката на Велики Вторник и благовештенските поздрави со подеднакво умиление, ја олицетвори таа средба на двата празника во своето богослужение: во неговите раце, дискосот го носеше и страдањето и радоста, и Крстот и јаслите, и Голгота и Назарет. Зашто на дискосот лежи Агнецот – истиот Оној Кој денес, на Благовештение, е зачнат, а утре, на Голгота, ќе биде заклан. И задутре – ќе воскресне.
Тропарот на Благовештението пее: „Денес е почетокот на нашето спасение и откривањето на предвечната тајна: Синот Божји станува Син на Дева.“ Почеток. А Великиот Вторник е предвечерие на крајот, предворје на Крстот. И ние, стоејќи на средокрстието меѓу почетокот и крајот, ги гледаме обата и ги славиме обата. Зашто целата Четириесетница нè подготвуваше за ова: да можеме во ист миг да ја соединиме во срцето и радоста на Ангелот и тагата на Младоженецот, и „Радувај се“ и „Ете, доаѓа на полноќ“, и палмовите гранки од вчера и Крстот од утре.
Благовештението среде Страсната седмица е потсетник дека и во најтемните часови, радоста не е укината. Дека и кога Крстот е пред нас, зачнувањето на животот не е само зад нас, туку и пред нас. Дека секој крај е ново Благовештение, нов почеток, ново „Радувај се“.
И ние, причестени денес со Телото на Оној Кој беше зачнат од Дева и распнат на Крст, чекориме кон Великиот Петок и кон Великата Сабота со две оди во срцето: „Ете, Младоженецот доаѓа“ и „Радувај се, Благодатна, Господ е со тебе“.
Двете оди се слеваат во една химна. И таа химна е победничка – таа е Светата Пасха.
* * *
На крајот од богослужението, владиката г. Партениј, видно восхитен од убавината на новиот иконостас, се осврна со благодарност и со духовна радост за новото дело, кое заедно со возобновените икони на големиот Дичо Зограф, сега засветли во својата вистинска убавина и полнота:
„Би сакал, мили мои, на крајот уште еднаш да ѝ се заблагодарам на Царицата Мајка, што нѐ удостои денеска да ја богослужиме оваа Божествена Евхаристија пред возобновените икони од нашиот најголем иконописец Дичо Зограф, и пред новиот иконостас, кој е позлатен со чисто полирано злато. Тоа е посебна и многу тешка техника: не може резбата да се позлати со едно ливче злато, туку треба неколку пати да се повтори истата постапка, а потоа да се полира рачно со ахатно стакло. Затоа овој иконостас се работеше речиси две и пол години.
И сето тоа е благодарение на благочестиви христијани, а особено на г. Горан Мојсоски – една преблага душа. Имено, на една манастирска слава, тој дојде, откако претходно разбрал дека посакуваме да го замениме стариот иконостас, кој, знаете, се состоеше од обични даски. Толку можеле нашите предци во тие тешки времиња; изградиле огромен храм, но не успеале да направат благолепен иконостас. И еве, Господ го сочувал тој благослов за нашето време, особено за Горан и за неговото благочестиво неговото семејство.
Кога дојде, значи, на славата на Рождеството на Пресвета Богородица, ѝ рече на мајка Харитина: ’Те молам, викни го Старецот, сакам нешто да му кажам.‘ Излегов од олтарот, и ми рече: ’Дедо Партениј, разбрав дека сакате да направите убав, резбан, позлатен иконостас. Ве молам, би сакал јас да го помогнам тоа дело.‘ И така, еве, по две и пол години, пред нас стои едно величествено уметничко ремек-дело. Слава Му на Господа што нѐ удостои, како поколение, во името на целиот наш народ, да Му принесеме еден ваков прекрасен дар на оваа вековна светиња на Пресвета Богородица, просејќи ги нејзините застапнички молитви.
Денеска, Горан и неговата благочестива сопруга Андријана не се присутни овде, но затоа тука се неговите родители, Владо и Зоре, од кои произлегло тоа благородно срце. Се разбира, иконостасот допрва ќе биде свечено претставен, кога ќе бидат присутни и нашите драги Горан и Андријана. Има уште некои финеси што треба да се довршат, и кога сѐ ќе биде готово, ќе направиме свечена презентација на целиот иконостас.
Но, погледнете сега колку поубаво доаѓаат до израз иконите од Дичо Зограф! Се чини дека рамките, заедно со целата структура на иконостасот им се совршено погодени. Мене никогаш не ми изгледале толку убаво: по двесте години, конечно ја добија својата вистинска рамка.
Да се молиме за Горан, за неговата сопруга Андријана, за нивните родители и деца, Господ да ги благословува и чува. Горан не даде од својот одвишок, туку од трудот на своите раце. Знам многу имотни луѓе, но не секој има такво срце. Ако сите имавме таква љубов, ќе оставевме навистина многу зад нас и ќе се обележевме како народ што знае да Му го принесе на Бога најубавото.
Да нѐ чува Пресветата Богородица сите, да нѐ благословува и да се прославува нејзиното свето име во сите векови. Амин.“































