Се наоѓаме пред вратата што нѐ воведува во најважниот настан од историјата на овој свет. Тој настан го надминува секој ум, и ангелскиот и човечкиот. Настан, за кој никому не му паднало на памет дека може да се случи, ниту некој слушнал или видел нешто слично. Тоа е настанот на страшните, ужаснувачки и пречисти страдања, смрт, погребение, а потоа и славното Воскресение на Спасителот наш Господ Исус Христос. Создателот ќе биде биен и убиен од Своето создание, а Он ќе воскресне по три дена. Всушност, Бог доаѓа со прегратка кон човекот. Се снижува, се смалува, се испразнува. Во Својата љубов кон човекот, во Својот љубовен занес Он се смирува крајно пред Своето создание. Ја проголтува и со тоа укинува секоја злоба, секое непријателство, секој грев. Па откако ќе земе сѐ на Себе, ќе воскресне и ќе даде живот вечен. Ќе го земе најлошото, а ќе го даде најдоброто. Ќе прими страданија, крст и смрт, а ќе даде наслада, радост и вечен живот.
Тие настани, секој од нас е повикан лично да ги доживее и искуси. Иако се случиле во конкретен историски момент, тие исти трогателни и уникатни моменти, преку благодатта и присуството на Светиот Дух, ние повторно ги живееме преку литургискиот време-простор на Црквата.
Во Светата и Велика Среда, како литургиски праг кон најсветите денови од годината, преданието на Црквата воспоставила, повторно после Прочка, да се простиме помеѓу себе за да можеме за земеме учество во тие настани. Тоа значи дека помиреноста со Бога и со ближните е предуслов за учество во блажените денови на човечкото спасение. Постот беше еден засилен духовен подвиг и подготовка, исповедањето на гревовите и помирителното простување со сите е измивање на душата, за чисти да се соединиме со Чистиот. Нашиот сакан старец и игумен, епископот Антаниски г. Партениј, кој ни е исклучителен пример за богоугоден живот и подвиг во љубовта Божја, прв побара прошка и молитва од сите нас, монасите, и од верниот народ кој овие денови постојано ја полни Обителта на Претечата. А потоа секој од секого побара прошка и молитви за претстојните најсвети денови.
Низ богослужението на овој ден, преку литургиските текстови ни се дава за храна созерцанието за евангелскиот настан што се случил кога Спасителот бил во домот на трпеза кај Симон Лепрозниот и пристапила една жена блудница со плач и солзи, облеана со покајание, ги полеала нозете на Христа со вистинско скапоцено миро, и ронејќи солзи, ги бришела Неговите нозе со своите коси. Ги согледува и ги признава своите многубројни лоши дела, ја чувствува вината, знае дека заслужува осуда, но истовремено, гледајќи Го безгрешниот, пречистиот, непорочниот, праведниот Судија, таа добива доверба и храброст да побара прошка, бидејќи Го видела како Целиот е љубов, Целиот е сочуство, Целиот е прегратка, Целиот е топлина и живот. Таа Му паѓа во покајание и љубов очекувајќи помош. Таа не помислила во себе дека нејзината љубов е нечиста, страсна, валкана. Не. Таа Му пришла таква каква што е, и она што го имала во себе – тоа го излеала. Затоа Господ рече: Нејзе ѝ се простуваат многу гревови зашто Ме возљуби многу. Каква убава поука и поттик за нас грешниците, какво охрабрување и надеж за спасение!
Јуда, пак, кој беше повикан да биде апостол Христов, обземен од среброљубие, го фрли тоа достоинство, го презре. За него важно беше користољубието, парите, па така, тој не обрна внимание на големината на овој настан, на широчината Христова кон грешниците, туку во мислите се жалостеше што мирото беше истурено, а не се продаде, бидејќи било скапоцено. И на крај, тој ќе биде оној што ќе Го предаде на непријателите, ќе Го продаде за пари, коишто му беа поважни.
Овие два дијаметрално спротивни примери ни се јасен патоказ или кон вечниот живот или кон вечната пропаст. Да го избереме првото. Да го прегрнеме покајанието, смирението, солзите, плачот, понизноста, искреноста, љубовта – за да ја стекнеме радоста на вечниот живот во Спасителот Христос.































