Велики Четврток стои како едно од најдлабоките и најсветотаинствени собитија во домостројот на спасението, ден во кој се открива неискажливата длабочина на љубовта на нашиот Спасител Господ Исус Христос.
Знаејќи дека се приближува часот на Своето доброволно страдање и крсна смрт, Он ги собира Своите ученици, не само за таинствена трпеза, на која ќе ја извршат Пасхата, туку и за да им остави вечено завештание и залог: завет на љубов, смирение и заедништво во Него.
Пред да започне Тајната Вечера, Господ го извршува најнеочекуваниот и најдлабоко поучен чин: се препашува, клекнува и им ги мие нозете на Своите ученици. Создателот на светот се наведнува пред созданието. Овој чин не е само гест, туку откровение на божествената логика – дека вистинската величина се состои во смирението, а вистинската власт во служењето. Во тој свет чин се разоткрива суштината на христијанскиот живот: љубов и смирение.
Потоа, на трпезата на Тајната Вечера, Господ ја предава тајната на новата Пасха. Се предава Себеси преку лебот и виното, велејќи: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“ Потоа ја зеде чашата, и откако заблагодари, им ја даде, велејќи: „Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите.“ Со ова Господ ја востановува најголемата света тајна – Евхаристијата, светата причест, зашто вели: „Вистина, вистина ви велам: ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете Неговата крв, нема да имате живот во себе. Оној кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. Зашто Моето тело е вистинска храна и Мојата крв – вистинско питие. Оној кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него. Како што Ме прати живиот Отец и Јас живеам преку Отецот, така и оној што Ме јаде Мене, ќе живее преку Мене.“
Древниот Израил, во спомен на избавувањето од египетското робство и преминот (пасхата) кон ветената земја, јаде печено Пасхално јагне и бесквасен леб, обуени и опашани, со стапови во рацете, подготвени за пат. Тоа го направиле тогаш по заповед на Бога, непосредно пред да бидат изведени од ропството. Господ Христос, за да го изврши законот ја јаде со учениците последната Пасха, но овој пат различна. Он станува нашата Пасха – не повеќе како симболично јагне, туку Самиот Он е Пасхалното жртвено јагне, Кој сега ни се предава преку квасен леб и вино, кои се Неговите пречисти тело и крв за спасение на светот, воведувајќи нè во новиот живот на благодатта.
Но, во таа света заедница, присутен е и оној што ќе Го предаде – Јуда. Неговото предавство кулминирало во таа ноќ, но тоа започнало од порано, за што и Христос знаел. Јудиното постепено оттурнување на љубовта, а прилепување за парите, за среброљубието и користољубието, направиле да го отфрли своето апостолско достоинство и можност за вечен живот. Самиот се отстранил од животот, претпочитајќи богатство и имот. Тоа е тивко предупредување за секоја човечка душа, дека најголемите падови започнуваат со мали компромиси со гревот и страста.
По вечерата, Господ се упатува во Гетсиманската градина, каде во длабоката тишина и мрак, вознесува молитви кон Бога Отецот. Во тие мигови ја проживува најтешката човечка борба. Он, вистински Бог, но и вистински човек, по човечки поминува низ претсмртната агонија, молејќи се да го одмине страдањето: „Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како Јас што сакам, туку како што сакаш Ти.“ Неговата пот од агонијата станува „како капки крв што паѓаа на земјата.“ За кратко пристигнува предавникот со оние што тргнаа да го фатат.
Он Сам доброволно им се предава, откако веќе низ силната претсмртна молитва, љубовта и послушанието го победија стравот и сега славно во духот тргнува да пострада за спасението на човечкиот род. Сите апостоли се разбегуваат преплашени, а Христа Го водат на судење. Апостол Петар ќе се одрече со клетва дека не Го познава и Спасителот наш ќе се најде сам опкружен од непријатели. „Кнезовите се собраа заеднo против Господа и против Помазаникот Негов.“
Велики Четврток нè повикува на длабоко преиспитување. Во свет кој постојано нè учи да се бориме за престиж, моќ и признание, Христос ни покажува поинаков пат – патот на смирението, служењето и љубовта. Да се запрашаме: дали сме подготвени да ги „измиеме нозете“ на оние околу нас – да простиме, да помогнеме, да се понизиме без да бараме возврат? Во нашето секојдневие, често се соочуваме со „чаши“ исполнети со горчина – страдања, загуби, неуспеси. Велики Четврток нè учи дека тие чаши не се крај, туку пат кон преобразба. Зашто по секое страдание неизбежно доаѓа Воскресението.































