Симнете ја проповедта на вашиот уред
Гледајте ја проповедта на YouTube каналот
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Мили мои, и оваа година, по милоста Божја, се удостоивме да го видиме и мисловно да се поклониме на величието на Светиот и Велик Четврток. Денес, како што чувме од Синаксарот за овој ден, како и од длабоките и трогателни стихири и од евангелските читања, правиме спомен на четири големи настани од животот на нашиот Спасител Господ Исус Христос: миењето на нозете на учениците од страна на Господа, Тајната Вечера, Првосвештеничката молитва во Гетсиманската Градина и предавството на Јуда.
Главната оска за сите овие собитија е несомнено Тајната Вечера. Наречена е „Тајна“ не затоа што Господ и апостолите се криеле од некого, или правеле нешто скришум, но се нарекува така затоа што таа е, всушност, најголемото Таинство во Црквата, Тајна над сите тајни, самиот живот и суштина на Христијанството; „Тајна“, затоа што на неа, на таинствен, за човечкиот ум неспознатлив начин, се востановува Царството Божјо на земјата; таа е почеток на благодатниот живот во Црквата, таа е, впрочем, првата Света Литургија – којашто онтолошки никогаш не престанала, продолжува до денес и ќе трае и во вечноста. Ете зошто во литургискиот јазик на Црквата се вели дека секоја Света Литургија е, всушност, Тајната Вечера, присуство на Царството Божјо на Земјата и токму затоа секоја Евхаристија ја започнуваме со славословието: „Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во веки веков“.
Историски гледано, Тајната Вечера е извршување на старозаветната Пасха, нешто што го правеле древните Евреи, во спомен на излегувањето на богоизбраниот народ од Египет кон Ветената Земја. Согласно Законот, и Господ Исус со Своите ученици го подготвиле и го јаделе пасхалното јагне, но овој пат како вовед за нешто многу поголемо што следувало, за вистинската Пасха, за преминот од смрт кон живот. Затоа, на трпезата со апостолите Он им вели: Со голема желба посакав да ја јадам оваа пасхална вечера со вас, пред да пострадам; зашто, ви велам: нема веќе да јадам од неа, додека не се исполни во царството Божјо (Лука 22,15-16). Од овој исказ на Божествените усни на Спасителот јасно се гледа Неговата огромна желба да биде со Своите ученици и последователи, да заедничари со нас, да се раздава за нас – нешто што го докажа и запечати распнувајќи се за нас на Крстот. Уште, со оваа фраза Господ го воведува Царството Свое на Земјата; тоа го означуваат зборовите: додека не се исполни во царството Божјо, после кои ја востановува Светата Евхаристија: Потоа зеде леб и заблагодари, го прекрши и им даде, велејќи: „Ова е Моето тело, што се дава за вас; правете го ова за Мој спомен!“ Исто така и со чашата, по вечерата, велејќи: „Оваа чаша е Новиот завет со Мојата крв, која се пролева за вас“ (Лука 22,19-20).
Вели: Ова е Моето тело и Мојата крв. Ова е од суштествена важност за животот на Христијаните. Преку Светата Евхаристија, востановена лично од Самиот Христос на Тајната Вечера, ние реално се соединуваме со Самиот Бог; лебот и виното што се принесуваат на Литургијата не се проста симболика, туку преку осветувањето на Светиот Дух тие вистински се претвораат во Тело и Крв Христови. Токму тука е тајната, таинственото Божјо присуство, Христовото служење и себепредавање за верните на Светата Литургија. На денешната богослужба, наместо вообичаената херувимска песна Иже Херувими – вие што редовно одите во храмовите на богослужба ја слушате на секоја Литургија – ќе се пее: „Денес, Сине Божји, прими ме за ученик на Твојата Тајна Вечера; нема да ја откријам тајната на Твоите непријатели, ниту ќе ти дадам целив како Јуда, но како разбојникот Те исповедам: спомни си за мене, Господи, во Царството Твое“. Секоја Литургија, значи, е Тајна Вечера; кога присуствувам на Литургија, јас седам со мојот Господ на Неговата Тајна Вечера. Оваа молитва секогаш ја читаме и во молитвите пред Светата Причест. Литургијата на еден чудесен начин ги храни со Телото и Крвта Христови и нашето тело и нашиот дух. Го храни и умот со Божествените откровенија и спасителни тајни, но се разбира, доколку со вера и со силна желба учествуваме во љубовта Христова, во желбата Негова да нè спаси.
Неопходно е, значи, и ние да исполниме одредени предуслови, за да учествуваме во Тајната на љубовта. Од евангелското зачало на Утрената на Велик Четврток дознаваме за тие неопходни предуслови. Самиот Христос ни дава пример и поука за тоа како треба да се подготвуваме, за да бидеме со Него, во Негово друштво, во Неговото просветление, да бидеме едно со Него. Најнапред, чистотата. „Исус, знаејќи дека Отецот сè Му предал во рацете и дека од Бога излегол и дека кај Бога се враќа, стана од Вечерата, ја соблече Својата горна облека, зеде крпа и се препаша; потоа истури вода во сад за миење и почна да им ги мие нозете на учениците и да ги брише со крпата со која беше препашан“ (Јован 13,3-5). Миењето на нозете ја означува потребната чистота, и телесна и духовна, кон која секој од нас треба да се стреми. Да, невозможно е човек да остане без грев, но покајанието и милоста Божја го очистуваат човека. Бог стори сè, за да ги измие и очисти нашите гревови. Второ, со миењето на нозете на апостолите, Господ Исус Христос, Создателот и Творецот на сè, покажува крајно смирение и пример за служење: „Знаете ли што ви направив? Вие Ме нарекувате Учител и Господ; и право велите, бидејќи сум. Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да си ги миете нозете. Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас“ (Јован 13,12-16). Покрај духовната и телесна чистота, потребно е да се трудиме во служењето едни на други, во доброто, во љубовта, во надградувањето. Трето, смирението. Смирението што Господ го покажа со миењето на нозете, но и со поуката кон учениците да се сметаат себеси за последни: „Знаете дека кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат над нив; меѓу вас, пак, нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви служи; како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина“ (Матеј 20,25-28).
И последниот предуслов – желбата. За неа веќе зборувавме. Доволно е со нашата благодарност да ѝ се приклучиме на Христовата желба и љубов да вечера, да заедничари со нас. Со голема желба посакав да ја јадам оваа пасхална вечера со вас… Он од сè срце сака да вечера со нас и тука и во вечното Царство; има огромна желба, затоа што бесконечно го возљубил човекот и сака засекогаш да биде со нас; да нè направи Негови пријатели, Негови роднини, истокрвни и истотелесни со Него. Ете, тоа претставува Светата Евхаристија. Затоа и сите свети тајни во Црквата се осветуваат токму преку ова најголемо Таинство.
Денес, кога е востановено Царството Божјо на Земјата; кога ние стануваме причесници на Божеството и деца Господови; кога седнуваме како синови на Неговата трпеза и Он се раздава Себеси за нас, на оваа чудесна и голема Тајна, навистина неразбирлива за нашиот ум – да се потрудиме да Му ги принесеме нашата чистота, смирението, служението кон ближните и желбата да бидеме со Него. Господ нека ни даде вистинска чистота, смирение и желба да бидеме засекогаш со Него!
Добра Пасха на сите!