Царот на срцата наши

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, за празникот Цветници, изговорено на Литургијата по читањето на Светото Евангелие, на 25 април 2021 лето Господово


Симнете ја проповедта на вашиот уред



Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!


Денес, во вистина и слава, се исполнува сето она што било пророкувано за доаѓањето на Месијата, на Царот Израилев, Кој според пророштвата требало да го спаси Израилскиот народ. Се остваруваат со торжество сите претсказанија и праслики. Избавителот и Ослободителот, Господ Исус Христос влегува како Цар во Својот град, во Градот на мирот, Ерусалим, јавајќи на осле. Влегува со свеченост, но не како цар кој војува со оружјата и со војска од овој свет, кој освојува народи и земји и убива многубројни противници, туку како Цар Кој смирено, со Својата безгранична љубов, со Својата крстна жртва, ќе го победи најголемиот непријател на човекот, смртта. Да, Христос доаѓа како единствениот вистински Цар, Ослободител на човештвото. Небесниот Цар, Царот на мирот, Кој од совршено татковско човекољубие, крајно се смири, се испразни Себеси од Божествената слава и царското Му достоинство, така што постана човек, за да го направи човекот Негов совладетел.


Од историските летописи знаеме дека низ сето минато досега, безбројни цареви, војсководци и завојувачи освојувале одредени земји, градови, поразувале војски, покорувале цели народи. Некои од нив, пролевајќи многу крв со своите војски, се стремеле да го освојат и целиот свет. И навистина, доколку погледнеме во минатоведението на светот, ќе увидиме дека нема територија што некогаш не била освоена од некого. Па и денес, без престан, се случува таа борба за освојување на територии и за секаков вид надмоќ. Стасавме дотаму, што денес големите воени и технолошки сили се борат за освојување дури и на месечината и на вонземниот простор. Меѓутоа, за сите тие освојувачи едно нешто, еден простор останал неосвоен: човечкото срце. Царот Христос, пак, е Цар токму на човечките срца. Единствено Он со љубов може да го освои срцето на човекот и да го донесе вистинскиот мир во него. Он е единствениот Владетел кој без ниту една единствена битка, без ниту една исфрлена стрела или копје, без ниту еден испукан куршум освоил милиони и милиони срца и основал најголемо и вечно царство.

Влегување на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници

Ете зошто, денес кога влегува во Ерусалим, смирен, качен на осле, иако не остава некој посебен впечаток на цар според земското поимање на оваа титула, Он е пречекан токму како таков. Особено од младенците и од децата и од простите и добри срца на некои од народот, кои просветлени од Светиот Дух Го пречекуваат со екскламации и пророчки восклици: Осана! Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев! (Јован 12,13) Ова ги зачудило и збунило, но и огорчило до крај јудејските книжници и првосвештеници, коишто ги знаеле овие зборови од Светото Писмо, но ни најмалку не очекувале тие да Му бидат упатени на еден, според нив, „хулител“ на Законот и ривал за нивното старешинство над народот. Во Личноста на Христа тие не препознавале и не сакале да Го препознаат Месијата и Спасителот, затоа што имале сосема поинаква претстава за Царот Израилев. Тие несомнено сметале дека Месијата ќе биде основач на нова еврејска династија, кој ќе ги победи Римјаните и ќе воспостави едно големо земско еврејско царство, а нив ќе ги награди со големи овластувања и моќни позиции. Но, Светиот Дух им открил на децата и на чистосрдечните дека Исус Христос Назареецот е вистинскиот Спасител и Царот на човечките срца, Кој единствен води кон вечната слобода и нетлената радост.

Понекогаш правиме грешка кога празниците за кои си спомнуваме во Црквата ги сметаме за нешто минато, нешто што се случило некогаш одамна и е многу далеку од нас. Да, сите тие се настани што имаат историски простор, се случиле во одредено време и на определено место. Меѓутоа, во литургискиот време-простор на Црквата сите настани поврзани со животот на Христос повторно се одвиваат и доживуваат како сегашни, преку благодатното и мистично учество на верниот во животот на Телото Христово, кој ги обединува и минатото и сегашноста и иднината. Затоа во богослужбените текстови што воспеваат некое конкретно собитие од Христовиот живот стои определението денес. Така, значи, денес, пред Страдалната Седмица, Господ Христос влегува во градот Ерусалим – гледано од историски аспект, во тоа време во земскиот, но од литургиско гледиште, Он денес реално влегува во Ерусалим на моето и на твоето срце.

Затоа, да се запрашаме, мили мои, дали во нашите срца има место за Христа? Мислам дека честопати во нас не се наоѓа место за Него, затоа што во нашите срца владее еден друг господар – нашето острастено его, нашето болно, себељубиво јас. Нашето гревовно себство, коешто се противи да Го прифати Бога, коешто се прилепило за житејските грижи и многубројните страсти. Тогаш, што треба да направиме, доколку сакаме преслаткиот Христос и Неговиот мир вистински да влезе во нашиот Ерусалим, за Него толку возљубен? (Велиме возљубен, затоа што Бог, замислите, крајно се смири и стана човек, само за да ги освои човечките срца, но не да ги освои и владее како што ние во овој свет го знаеме или го замислуваме владеењето, туку да ги оживи и облагороди, да ги исполни со љубов, радост, мир и вечен живот. Светите Отци одат дотаму што велат дека Бог лудо го љуби човекот, така што направи сè, за да биде со Своите возљубени, за да пребива во нашите срца). Што треба, значи, да направиме, мили мои, за Он да се всели во нас и да нè направи суштински радосни, луѓе на Евангелието, благовесници на вечниот живот, луѓе на „новата твар“, вечни сожители и совладетели на Овој вечен Цар? Треба да Му го предадеме нашето срце Нему. Да Го пресретнеме со благоухани цветови од добродетели, од смирение, добрина и љубов; да ги постелиме пред Него маските и облеките на нашата гордост и лицемерие, за Он да помине врз нив и да ги преобрази; да Му ги измиеме мисловно Неговите пречисти нозе со мирото на покајанието, како жената грешница; да Му извикаме во смирение и страхопочит како разбојникот од крстот: „Спомни си за мене, Господи, кога ќе дојдеш во Царството Твое“ (Лука 23,42). И Он ќе влезе во нашето срце и ќе го направи место на мирот. На вистинскиот, траен мир, мир каков што им дал на Своите апостоли: „Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам, но не како што го дава светот“ (Јован 14,27).

Мили мои, вечерва започнуваат нашите последни чекори кон најголемиот Празник, Празникот над празниците, Пасхата Господова. На тој Празник конечно е победено најголемото зло за човекот, смртта. Душеполезно е за нас во текот на оваа највелика Седмица да размислуваме за сè што Господ направи заради нас луѓето; да созерцуваме за евангелските настани, за жртвата што Бог ја поднесува за нас, за Неговите понижувања и страданија, за Крстот на Голгота. Гледате, Он не избра за Себе некаков раскошен престол, украсен со злато и секакви скапоцености, како што тоа го правеле земските цареви, ами го избра Крстот на Голгота, од каде нè прегрна сите. Да размислуваме на сето тоа, на она што, како што нè советуваше денес Апостолот Павле, е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете! (Филип. 4,8) На тоа, мили мои, да мислиме, и на вечниот живот, зашто сето ова што нè опкружува овде: земната слава по која многупати трчаме, богатствата за кои правиме сè за да ги придобиеме, задоволствата што се стремиме да ги доживееме – сето тоа еден ден ќе нè остави. Наш стремеж, наше богатство и задоволство треба да биде Оној Кој Е, Оној Кој денес влегува во Ерусалим и чека да влезе во нашето срце. Кога Мојсеј, на Светата Гора, Го запрашал Господа како Му е името, добил одговор: Ehyeh asher ehyehЈАС СУМ, КОЈ СУМ, Оној Кој Е, Кој вечно постои (Исход 3,14). Оти, кој е оној што би можел да Го именува Бога?! Никој. Но, ете, Он прими и име како човек заради нас. И беше виден на Крстот, повторно заради нас. Тој е Оној со Кого ние треба да се дружиме. Он е Царството Небесно, Он е нашиот мир. Тој е Оној на Кого денес целиот Ерусалим пророчки Му извикува: Благословен е Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев! Царот на срцата наши.

Да Го примиме во своите срца, та да имаме добра Пасха и да го победиме злото во нас, заедно со Него, Кој е единствениот Победител и Ослободител. Амин!