Покајанието како љубов – Примерот со Св. Марија Египетска

Насловот, можеби, некако зачудува или остава многу прашалници. Сме навикнале да зборуваме за покајанието и за него имаме прочитано многу. Исто така, сме слушале и читале многу за љубовта. Два многу значајни термини, две многу важни реалности во нашиот духовен живот. Како тие два термина можат да сопостојат во еден наслов и тоа формулиран на таков начин, што укажува речиси дека можат да бидат и синоними? Покајанието, видено како љубов, проучувано како љубов. Покајанието во вид на љубов. Покајанието со содржина љубов. Тие би можеле да бидат објаснителните варијанти на овој наслов. 

Стереотипите што ги имаме сите и тоа што подразбираме под овие два термини не изгледа дека се совпаѓаат. Велиме покајание и на ум ја имаме тагата по Бога, солзата на покајанието, скрушеноста, плодовите на покајанието, делата на покајанието и сè она што го имаме прочитано или имаме слушнато. Велиме љубов и ни доаѓаат на ум жртва, давање, веселоста, човекољубивото расположение, прифаќањето на другиот. Како овие два различни стереотипа, толку различни претстави е можно да се совпаѓаат и, повторувам, речиси во вид на синонимно?


Ќе се обидам да ја поткрепам таа теза, дека покајанието и љубовта се наоѓаат премногу блиску и речиси се поистоветуваат и дека љубовта е претпоставка за покајанието, таа е централната идеа вечерва. Ќе се обидам да ја поткрепам преку три патишта, преку три основни аргументи кои ќе ги развијам кон вашата љубов и трпение.

Првиот од тие аргументи е искуствен. Значи, нашето искуство од луѓето и од себеси ни кажува дека начинот на кој луѓето се каат покажува големи сличности со начинот на кој луѓето љубат. Така, забележуваме дека луѓето кои можат да го љубат силно другиот, можат да се покајат и силно и длабоко. Луѓето кои се мачат да засакаат и се некако стегнати и претпазливи, и ладни и затворени во себеси, се мачат и да се покајат.

Освен тоа, не е во прашање само квантитетот, но и временската постојаност. Луѓето кои љубат, но со нестабилност, се посветуваат кога љубат силно, но по кратко време менуваат мислење, се оладуваат, се повлекуваат, ја губат својата љубов. Луѓето кои љубат со нестабилност, се каат и со нестабилност. Не можат да го продолжат тој убав правец што го поставија со почетокот на покајанието.

Тие сличности се должат на фактот дека квалитетот и квантитетот на покајанието ја следат љубовната сила на човекот. Секој човек има љубовна сила во него којашто му ја дал Бог. Дел е од образот Божји. Но, поради различноста на карактерот кај секој човек, поради перипетиите коишто секој човек ги поминува во својот живот: произлегол од различни родители, пораснал под различни услови, доживеал различни настани итн. Поради преголемата разновидност на условите и карактерите, љубовната сила кај сите нас не е иста, не е на ист степен, не е со ист квалитет и со иста стабилност. Способноста за покајание ги следи својствата и особеностите на љубовната сила. Затоа и ги забележуваме сличностите што ги наведов претходно.

Тоа е еден податок од искуството кој нè подготвува кон таа насока. Значи, основниот механизам со кој човекот се кае, е способноста за љубов што ја има. Но, повторувам, доколку има богати резерви на љубов, може и вистински да се покае, во потполност, аристократски, со постојаност, како што Бог сака. Оној што има сиромашна способност за љубов, сиромашно и недоволно ќе биде и неговото покајание и се потребни многу работа и внимание за да го зголеми, зашто овие работи што ги зборуваме сега не се статични. Во зависност од карактерот и од условите на живот, некој можеби има сиромашна способност за љубов, но може да ја зголеми со Божја помош.

Одредени примери ќе ни помогнат во тој прв дел. Го имаме, како пример, братот на блудниот син. Братот на блудниот син, како што памтите, покажува тесноградост, малодушност. Иако повторно го пронаоѓа брат му кого што го сметаше за изгубен и со години не чул новости за него – си помислувал, можеби, дека веќе не е ни жив – наместо да почне да скока од радост, почнува да мрмори на татко му од зависта што ја чувствува. Видливо е дека еден човек што делува така и не трча да падне во прегратката на брата си, јасно е дека е неспособен да љуби. Нема љубов во него. Тоа не му дозволува да има покајание. Спротивно на брат му, кој има многу длабоко, многу автентично и вистинско покајание, според степенот на љубовната сила. Некој ќе рече: „Од каде знаеме дека помалиот син, блудниот, колкава љубовна сила имал, колку љубел?“ Тоа ќе го разбереме од другиот пример што ќе го наведам, бидејќи животот на блудниот син има премногу заеднички нешта со оној на Преподобната Марија Египетска. Како што блудниот син поминал многу години далеку од својот дом во телесни наслади, така и Преподобната Марија Египетска, поминала многу години од животот во телесни наслади. Ќе ми речете: „Каква врска има тоа со љубовната сила?“ Има и тоа голема и ќе ви кажам на што мислам.

Преподобните Зосим и Марија Египетска

Преподобната Марија Египетска кога го исповедала својот живот на старец Зосим во пустината каде што ја пронашол, му кажала и еден детаљ што го запрепастува секој верник што ја слуша денес. Вели: „Не одев со мажи само за пари, но некогаш и без пари, бидејќи тоа го сакав јас“. Значи, толку силна била телесноста и жедта за наслада. Тој начин на живот, кој го имал и блудниот син (затоа зборував за сличност, кој го потроши својот живот со блудници), големата наклонетост, силна и телесна, покажува јака љубовна сила во човекот која се изопачила. Постои силна способност за љубов, но таа љубов се има свртено потполно кон безлична наслада, безлично задоволство. Како што вели Свети Јован Синајски во неговата Лествица: „Ерос на телата“. Сепак, значи, тука има способност кон ерос, кон силна љубов. Како го дознаваме тоа? Од развојот на животот на Преподобната Марија. Бидејќи човек кој речиси ја обожувал насладата во својот живот, доаѓа до степен, по преобраќање преку чудо, да замине во пустина, да не види човек многу години и да се подвизува многу сурово, да јаде минимални работи што ги наоѓала во природата, да го измачува телото премногу сурово со страданија и да постане непрепознатлива на изглед. Како е можно еден човек кој ја љуби толку многу телесна насладата да се предаде на еден најсуров, скоро измачувачки подвижнички живот?

Тоа е несфатливо за кој било друг херменевтички пристап, освен преку тезата дека луѓето со толку голема телесност поседуваат многу силна љубовна сила, која е изопачена од многугодишните страстите и се има свртено исклучиво кон еросот на телата. Со преобратувањето на Преподобната Марија, таа љубовна сила се свртува исклучиво кон Бога и ја дава можноста да прави толку тежок подвиг, кого ако ние би го правеле една недела, а не толку многу години како што направила таа, не би го издржале, би претрпеле разочарување. За да би издржал некој да го направи тоа и притоа да не попушти, туку напротив – да се радува на средбата и присуството на Бога, значи дека љубовната сила во него е најсилна и целата се свртела кон Бога.

Подвигот е изводлив само низ љубовта. И оној кој љуби е способен не само за суров подвиг, но и за големо смирение, за да не мисли дека подвигот што го прави е значаен. Сета таа телесност постана љубов кон Бога. Тоа е она што ја претставува светоста на Преподобната Марија Египетска. Не тоа дека успеала да направи толку голем пост. Нашата Црква не истражува, за да ја потврди светоста на еден нејзин член, според тоа колку точно правел пост, но љубовта е резултат на големата љубов. Тоа што ја потврдува светоста на Преподобната е големата љубов кон Бога што ја направи постојана во нејзиното покајание до смртта и промената на душевните сили. Следствено, покајанието е една промена на душевните сили на човекот, кој е поттикнат од љубовта. И затоа ги следи особеностите на љубовта на секого од нас. Значи, ако сакаме да одговориме на прашањето зошто не се каеме доволно, ако го чувствуваме тоа (секој ќе го констатира), можеби следниот чекор е да кажеме дека веројатно не Го љубиме доволно Бога и луѓето.


Изавдок од книгата Περάσματα στην απέναντι όχθη на π. Βασίλειος Θερμός.
Превод од грчки: Братството на Свештената Бигорска Обител