Вознесението Господово – соединување на двата света

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Светата Литургија на празникот Вознесение Господово, во Рајчица, на 2 јуни 2022 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Мили мои, пасхалниот период заврши и веќе e зад нас, вчера на Одданието на Празникот за последен пат оваа година со големо ликување во нашите души ги испеавме воскресенските, победнички песнопенија, чезнеејќи постојано за благодатта на Воскресението. Денес, пак, го славиме настанот кога Спасителот Христос во ангелска слава си замина од Земјата кон Небесата со Своето богочовечко тело. Вознесението Господово е еден таинствен празник: си спомнуваме за заминувањето, за разделбата на Христос со учениците, а сепак славно се радуваме. Тоа е така затоа што Вознесението е најава за слегувањето на Светот Дух, преку Кого ние Го гледаме и Го разбираме Христа. И ете, Јас ќе го испратам врз вас ветувањето од Мојот Отец и Тој ќе ви даде друг Утешител за да биде со вас довека, Духот на вистината (Лука 24,49 и Јован 14,16-17). Чудото, значи, на Воскресението останува водворено длабоко во нашите срца и преку Духот Божји ние искуствено го живееме и учествуваме во сето она што се случи со Господа Исуса заради нас. Благодатно сме присутни на сите тие спасителни настани, во Светата Црква, преку Светиот Дух кој пребива во неа, со посредство на несоздадените Божји енергии. 

Вознесението е празник за спасението на целиот човек. Имено, Синот и Словото Божјо прими човечко тело, за да ја спаси човечката природа, да го обожи и човечкото тело. Свети Јован Златоуст вели дека доколку сакаме да го спознаеме величието на човекот и славата што е посеана во него, треба да го упатиме својот поглед во височините, кон тронот Божји и таму ќе Го видиме, седнат од десната страна на Бога Отецот, Човекот Исус Христос, воплотениот Син Божји. Со Воскресението и со Вознесението на Господа, човечкиот род влезе во самото таинство на Светата Троица. 

Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Тоа беше и целта на Христовото доаѓање: да го пресоздаде Адам и да ја обожи целата човечка природа, па таа да може да учествува во Божественоста Господова. Оваа преголема тајна се оствари. Нам сега ни е дадена можноста, преку нетварните Божествени енергии кои дејствуваат во светотаинскиот живот на Црквата, да се соединуваме со Бога, да се обожуваме. Тоа е, всушност, нашето предназначение, таа е целта за која сме создадени. Учеството во радоста на нашиот Господ, во вечното Царство на убавината. Но треба да се запрашаме колку всушност ние го разбираме и се трудиме околу ова наше предназначение. Сè што беше потребно за нашето спасение и обожение, Господ од Своја страна го изврши. На Крстот Он извика: Се сврши (Јован 19,30). Така Он го заврши Својот земски пат како Богочовек, исполнувајќи сè што беше потребно за нашето ослободување; слезе во Адот и таму на сите праведници им објави дека дојде спасението на светот, дека сите тие еден ден ќе бидат воскреснати заедно со нивните обожени тела и потем славно се вознесе на Небесата со Своето тело. Денес душите на нашите покојни ближни се живи, затоа што беа повикани од Воскресителот, но нивните тела се сè уште прав. На некои Светии, по Божја благодат телата им се цели, нераспаднати, но тоа се само ретки исклучоци. Огромното мнозинство се претворени во земја.  Можеби некои со сомнеж се чудат и се прашуваат како е можно еден ден сите тие тела од кои денес нема останато ништо, да излезат пред лицето на Бога оживотворени, целовити, обожени? Зарем е можно тоа? Всушност, за Оној Кој премудро и од ништо го сотворил целиот свет, и духовниот и физичкиот, доволно е само да го помисли тоа во Својот Божествен Разум, да каже само едно животворно слово и телата на покојните повторно ќе бидат пресоздадени од правот и ќе бидат соединети со душите. Тоа секако ќе се случи при Второто Христово доаѓање, како што Он Самиот ни претскажа и вети во Светото Писмо.

Ни вети, исто така, и дека нема да не остави сираци: Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам кај вас. Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа; а вие ќе Ме гледате, зашто Јас живеам и вие ќе живеете (Јован 14,18-19). Во Црквата Своја Он живее со нас и ние со Него. Тука Он е секогаш присутен, заедно со Отецот и со Светиот Дух. Во Црквата, границата меѓу овдешниот живот и светот отаде е многу танка, проѕирна, речиси и да ја нема. Впрочем, духовниот свет е многу блиску до нас и ние Христијаните во Црквата Божја го гледаме и го чувствуваме тоа. Светиите, душите на праведните и покојните таинствено комуницираат со нас, ни испраќаат пораки, нè утешуваат, нè охрабруваат. Се разбира, доколку им дозволиме да го прават тоа; доколку се трудиме да живееме духовен живот со добрина и чисто срце. 

Ќе ви раскажам еден пример што деновиве постојано е во моите мисли. Откако станав свештеник секогаш се молев за покој на душите на сите оние што загинаа при падот на Константинопол, денешен Истанбул, во 1453 година. Чувствував некоја внатрешна потреба, некој призив, да се молам за последниот Ромејски цар-маченик Константин XI Палеолог и за сите кои заедно со него ги положиле своите души, храбро бранејќи го Новиот Рим, православната престолнина, од Османлиите. Уште од самиот почеток во манастирот па досега, секоја година правиме молитвен спомен на денот од падот на Цариград. Сме пишувале и текстови, сме ставале објави – можете да прочитате на нашата страница. Имаше и такви – и тоа Христијани! – кои ми забележуваа зошто го правам тоа, коментирајќи како ние наводно сме немале никаква врска со нив, па што имало потреба ние да ги спомнуваме во молитвите оние што паднале за Константинопол и сл. Меѓутоа, ние не престанавме да се молиме и да извршуваме спомен. На тие што сакаа вистински да разберат им објаснував дека ние имаме христијанска должност да се молиме за сите кои ги бранеле православните светињи; дека ние сме дел од византиското духовно наследство, дека Константинопол бил и преку Вселенската Патријаршија останува до денес престолнина на сите православни, без разлика на тоа кои држави и нации постојат сега на некогашното византиско тло. Така, уверен сум дека и тие души од ѕидините на Цариград, со нивниот цар Константин, заедно со сите Светии и праведници, посредуваа Константинополскиот и Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј да ја признае Охридската Архиепископија по 255 години. И замислете, првото сослужение меѓу нашиот Архиепископ и Вселенскиот Патријарх ќе се случи во Цариград на претстојната Педесетница, чиешто навечерие, по Божја промисла, оваа година според Јулијанскиот календар се совпаѓа токму со споменот на маченички постраданиот цар Константин и на другите заедно со него! Ете одговор на прашањето зошто отсекогаш чувствуваме потреба да се молиме за тие маченички души.

Ќе ви наведам уште еден силен пример. Во историјата ќе остане забележано дека првото писмо од нашиот Свет Синод со молба за апелација до Вселенскиот Патријарх беше упатено на 9 мај 2018 година. Според Божјата семудрост, прифаќањето на нашата Црква во канонско и евхаристиско единство се случи исто така на 9 мај, четири години подоцна. На истиот датум, 9 мај 2019 година, се упокои во Господа великиот и свет Старец, Архимандрит Емилијан Симонопетриски. Со браќата и сестрите монаси и монахињи му бевме на погребението во Манастирот „Благовештение на Пресвета Богородица“ во Ормилија. Тогаш му се помоливме на блажениот Старец да помогне од Небото за признавањето на нашата Црква. Потоа, го посетивме неговиот гроб уште неколку пати, секогаш со истата молитва. Во меѓувреме научивме дека Старец Емилијан особено го љубел Преподобниот Јероним Симонопетриски, познат и како Старец на Вознесението, чијшто спомен се слави пак на 9 мај. Значи блажениот Старец се упокои на денот на својот возљубен Светија. Следно, кога на 31 март оваа година со неколку браќа бевме кај блаженоупокоениот Митрополит на Драма Павле, во неговиот работен кабинет имаше една многу убава фотографија од Старец Емилијан. Кога владиката виде дека ја разгледуваме и се интересираме за неа, ни рече дека многу го почитувал Старецот и дека биле блиски. Наскоро потоа, на 2 мај и Митрополитот Павле одненадеж се упокои во Господа. Кога му отидовме на погребот, му се помоливме да продолжи да се застапува за признавањето на нашата Црква, бидејќи во последно време тој беше голем застапник пред Вселенската Патријаршија за решавање на нашето црковно прашање. И ете, во официјалното соопштение од Вселенската Патријаршија од 9 мај, на крајот стоеше мислата на блаженоупокоениот Митрополит Павле, дека Црквата е „сместувалиште на љубовта, извор на благочестието на родот на православните Христијани“. Очигледно и Старец Емилијан и Митрополит Павле, заедно со Константинополските маченици, се застапија од Небото за признавањето на нашата Црква.

Па така, мили мои, гледате, а сигурен сум и дека и самите сте почувствувале колку е близок до нас оној свет. Оние кои се стекнале со слобода пред Бога во небесната Црква, ни помагаат и посредуваат за нас. Токму за тоа Спасителот наш и дојде на Земјата: да ги разруши смртните прегради и да ги собере сите Свои чеда во Своето Тело – Црквата. До Христа имаше страшна преграда меѓу Земјата и Небото. Сите покојници, па дури и душите на праведниците, немаа никаква слобода пред Бога. Успани во темнината и мртвилото на Адот, тие речиси се изедначувале со непостоењето. Но, со Воскресението и Вознесението Христово се разрушува таа преграда и сега Рајот е полн со праведни души, полн со светии, со наши сродници кои стојат пред лицето на Бога и се молат за земната Црква во која ние се наоѓаме и која е во постојана војна со злото. Се разбира, не војна со човечко оружје, туку војна која се одвива најнапред во самите нас, војна со нашите страсти и гревови, со егоизмот и злото во себеси. Оти, само кога војуваме со себеси, со стариот човек во нас, ние стануваме дел од силната духовна војска на Црквата Христова и придонесуваме за општата победа на доброто во светот. На тој начин ние се подготвуваме за влез во небесната Црква, која веќе ја извојувала својата победа, на чело со Првомаченикот распнат на Крст. Он преку Своето тело ја ослободи човечката природа од стегите на смртта, ја обожи и ја вознесе на Небесата, оддесно на Бога Отецот. Со тоа ни остави дар и призив, та и ние еден ден да станеме така просветлени и да застанеме во Царството Небесно со своите обожени тела. 

Заради сето ова, мили мои, да Му благодариме на Христос Бог, Кој направи толку многу за нас и постојано нè повикува на светотаински и чист живот во благодатта, за да Го сведочиме Него како светлина, како апсолутна и неискажлива добрина. Сите сме, значи, предназначени и повикани да бидеме деца Божји и да застанеме оддесно на Триединиот наш Бог. Амин.