Се упокои во Господа Митрополитот на Драма г. Павле

Во понеделникот, на 2 мај, замина при Господа почитуваниот архипастир на Драмската митрополија, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Павле.

Исходното последование за блаженоупокоениот се отслужи во вторникот, на 3 мај, во 17:30 часот во Митрополитскиот храм „Воведение на Пресвета Богородица“ во Драма, од страна на Архиепископот Атински г. Јероним и бројни архијереи, архимандрити и свештенослужители. Храмот и просторот околу него беше преполн со молитвеници, кои дојдоа да му оддадат чест на нивниот возљубен владика. Среде присутните во храмот беше и нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој последните неколку години имаше големо пријателство со покојниот владика.

Телото на Митрополитот Павле беше погребано во Манастирот  на Вознесението Господово во Сипса.

Блаженоупокоениот Митрополит Драмски Павле е роден во Верија, во 1963 година. Беше истакнат теолог и почитуван владика во Православната Црква во Грција. Исто така, тој во последно време беше голем застапник пред Вселенската Патријаршија за решавање на нашето црковно прашање. Се молиме и веруваме дека тој ќе најде слобода пред Бога и ќе продолжи да се застапува за нас од небесната Црква, со што ќе придонесе за конечното решение, за општа радост во сеправославната екумена.

Нека му биде споменот вечен!