Патријаршиско послание за Света Пасха 2023

† В А Р Т О Л О М Е Ј

ПО МИЛОСТА БОЖЈА АРХИЕПИСКОП НА

КОНСТАНТИНОПОЛ – НОВ РИМ

И ВСЕЛЕНСКИ ПАТРИЈАРХ

ДО СЕТА ПОЛНОТА НА ЦРКВАТА, БЛАГОДАТ, МИР И МИЛОСТ

ОД СЛАВНО ВОСКРЕСНАТИОТ ХРИСТОС

* * *

           Сечесни браќа Јерарси,
            Многусакани чеда,

           Втасувајќи, според Божествената благодат, до сеспасителното Воскресение на Господа, преку кое беше премавната државата на смртта, и на Адамовиот род му беа отворени портите на Рајот, ги упатуваме кон сите вас пасхалните честитки и срдечниот празничен поздрав, воскликнувајќи со возвикот што го радува светот: „Христос Воскресна!“

           Животот на Црквата, во сите негови димензии, е движен од неискажливата радост на Воскресението. „Опитот на воскресението“ го сведочат борбите на Светиите и на Мачениците на верата, богослужбеното и светотаинско искуство, возвестувањето на Евангелието „сè до крајот на земјата“, благочестието и духовноста на верните, нивната пожртвувана љубов и поведение според Христа, очекувањето на еден свет во кој „смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе“ (Откр. 21,4).

           Во и преку Воскресението, сите нешта се наоѓаат во движење кон совршението свое во Царството на Бога. Овој есхатолошки порив секогаш му давал динамичност и перспектива на православното сведоштво во светот. И покрај брборењата за спротивното, поради есхатолошката ориентација на својот живот, Црквата никогаш не направила компромис спрема присуството на злото во светот во сите негови облици, не ја отфрлила стварноста на болката и на смртта, не ја игнорирала двозначноста на човечките работи, никогаш не ја сметала за туѓа на својата мисија борбата за еден поправеден свет.

           Сепак, таа отсекогаш знаела дека болката и крстот не се крајната стварност. Искуствената квинтесенција на христијанскиот живот е потврда дека преку Крстот, преку „тесната врата“ биваме патеводени до Воскресението. Оваа вера се отсликува во фактот што јадрото на црковниот живот, Божествената Евхаристија, е суштински поврзана со Воскресението Христово. Во православното предание, како што нагласува блаженоупокоениот Митрополит Пергамски Јован, Божествената Евхаристија е „полна со радост и светлина“, бидејќи „како основа не го има Крстот и некоја идеализација на страста (страдањето), туку Воскресението како надминување на страста (страдањето) на Кртот“[1]. Божествената Евхаристија нè пренесува на Голгота не за да останеме таму, туку за да бидеме одведени, преку Крстот, до секогаш светлата слава на Царството Божјо.  Православната вера е надминување на утопистичкото спасение „без Крст“ и на егзистенцијалниот бродолом „без Воскресение“.

           Нашето учество во Воскресението Христово преку таинството на Црквата е, од една страна, практично поништување на секаков утопизам на „широките патишта“ и на лажнонаречениот рај на непопречуваниот хедонизам, а истовремено со тоа и дефинитивно надминување на безнадежното самопоробување во божем ненадминливата негативност, затоа што Крстот Христов го пораѓа Воскресението, „бескрајното веселие“, „насладата на вечната слава“. Уривањето на смртта преку Крстот и Воскресението на Спасителот го вознесува нашиот живот до неговата богочовечка есенција и до неговото небесно одредиште.

           Во Христа, ние го знаеме и го живееме тоа дека сегашната живеачка не е целиот наш живот, оти биолошката смрт не претставува крај и уништожение на нашето суштествување. Биолошките граници на животот не ја определуваат неговата вистинитост. Од друга страна, чувството дека животот е неповратно „движење кон смртта“ води до егзистенцијални безизлези, до безнадежност и нихилизам, до рамнодушност за суштинските нешта на животот. Науката, економскиот и општествен напредок, немаат моќ да принесат суштинско решение и излез. Христијаните се „оние кои имаат надеж“ (сп. 1. Сол. 4,13), кои го очекуваат Царството што доаѓа на Отецот и Синот и Светиот Дух како конечна стварност, како полнота на животот и познанието, како радост исполнета, не само за поколенијата што доаѓаат, ами и за целиот човечки род од почетокот и сè до скончанието на векот.

           Оваа визија за историјата и за вечноста, воскресенскиот характер на верата, на етосот и на културата на Православието, неоспорливиот факт дека големото чудо на Вистината им се открива само на „оние кои со вера му се поклонуваат на таинството“ – ова сме повикани да го сведочиме во една цивилизација што го отфрла Трансцедентот и во една клима на разновидни смалувања на духовниот идентитет на човековото суштествување.

           Славејќи Го во псалми и химни и во духовни оди воскреснатиот од мртвите Господ, Кој на сите им го изгреа вечниот живот, и учествувајќи во ликувањето на „Празникот заеднички за сите“, просиме од сеснажниот, семудар и сесожалив Творец и Искупител на сè, да го смири светот и да му ги дарува на родот човечки сите Свои спасителни дарови, за да биде воспевано и благословувано Неговото сечесно и великолепно име, сега и секогаш и во сите векови. Амин!

Во Фанар, Света Пасха 2023

†Константинополскиот

огнен молитвеник кон Христа Воскреснатиот

за сите вас.


[1] «Ἐσχατολογία καί ἱστορία», Ἔργα Α΄. Ἐκκλησιολογικά μελετήματα, ἐκδ. Δόμος, Ἀθήνα 2016, σ. 498.