Синодикон во неделата на православието

Годишно должно благодарение Му принесуваме на Бога, во денот кога повторно ја добивме Божјата Црква со потврдување на догмите на православието и со пропаста на злобното злославие. Следејки ги пророчките изреки, одејки по апостолските поуки и последувајки ги евангелските кажувања, го прославуваме денот на обновувањето. Зашто Исаија вели дека се обновуваат острови за Бога, подразбирајки ги под тоа црквите на незнабошците. А цркви не се просто градбите на храмовите, но полнотата на православните кои се во нив и со песни и славословија Му служат на Бога. А и апостолот, поучувајки за истото тоа, заповеда да одиме во обновен живот и кој е во Христа ново создание, нека се обновува. Господовите пак, зборови, покажувајки пророчко остварување, велат: – Тогаш во Ерусалим беше празникот Обновение и беше зима. – Било да е тоа зима духовна, во која јудејскиот народ предизвикуваше бури и немири на злочинство против Спасителот на сите, било да е таа природна зима, која со промената на студениот воздух ги загрозува телесните сетила. А беше, навистина беше и кај нас зима, не обична, но таа која навистина ја причинуваше суровоста на големата злоба. Но, нам ни процвета рана пролет на благодатите Божји во кои се собравме да правиме благодарни молитви на Бога за добрата жетва, за уште повеке да речеме псаломски: Летото и пролетта Ти ги определи, сети се на ова.

Зашто навистина, непријателите кои Го навредија Господа и кои го обесчестија светото поклонение кон Него преку светите икони и кои се погордеаја и се превознесоа со своето безбоштво, нив чудесниот Бог ги сруши и ја разори дрскоста на нивното отпадништво и Он не го презре гласот на оние кои Му викаат: Сети се, Господи, на подбивите од слугите Твои што ги носам во пазувите свои од многуте народи, на подбивите од Твоите непријатели, Господи, со кои го валкаат наследството на Твојот Христос. А, наследство пак, Христово, би биле оние кои со смртта Негова се исполнети и кои поверуваа на проповедта од зборовите Божји и изображенијата на иконите, преку кои великото дело на домостројот на спасението бива познаено од искупените: преку крстот и страданијата и чудесата на Христа пред крстот и после крстот, од кои одразот на Неговите страдања преминува на апостолите, а од овие на мачениците и преку нив пристига до исповедниците и подвижниците.

Со тоа понижување, со кое нас не понижија непријателите Господови, го понижија наследството на Неговиот Христос. Нашиот Бог, секавајки се на тоа, смилостивен од сопственото милосрдие и од молитвите на Мајката Своја, уште и од апостолските молитви и од сите светии, го оствари подоцна она што денес го посака и по втор пат го направи она што го соврши првиот пат. Зашто, првиот пат, после долгогодишно време на ругање и бесчестење на светите икони, го врати православието на Себе си. Сега пак, овој втор пат, после безмалку триесет години злоставување, ни направи нам недостојните ослободување од тешкотиите и избавување од неволјите, прогласување на победа на Православието, безбедност за почитувањето на иконите и празник, кој ни носи се што е спасоносно.

Зашто на иконите ги гледаме страданијата Господови за нас: крстот, гробот, адот умртвен и победен со воскресението, подвизите и венците на мачениците, самото спасение кое нашиот прв подвигоположник, подвигодател и венцедател го изврши среде земјата. Таа свеченост денес ја празнуваме, во неа заеднички се радуваме и се веселиме со молитвите и молењата и воскликнуваме со псалми и песни:

Народот: Кој бог е велик како нашиот Бог?! Ти си Бог Кој твори чудеса. (трипати)

Оние кои се подбиваа со Твојата слава, Ти ги исмеа; понижувачите на Твоите икони и оние кои го напагаа Твојот лик, ги покажа како отпадници и хулители. Затоа сме благодарни на Бога и на победата Господова над овие противници. Борбата против иконоборците и лукавството има друга причина и ке биде изложена. Одмарајки се после преминот на пустината, придобивајки духовен Ерусалим, како одговор на Мојсеевата заповед или, подобро, на Божествениот повик: на плочата од големиот камен, која е подготвена да прими Писмо, во срцата на нашите брака, сметавме дека е праведно да го запишеме и благословот за оние кои ги пазат заповедите и проклетството за оние кои ги престапуваат.

Затоа говориме вака:

На оние кои доагањето на Бога Словото во тело, со збор, усни, срце и ум, писмо и икони го исповедаат – вечен им спомен.

Народот: Вечен им спомен.

На оние кои ја знаат разликата на суштините на едната и иста ипостас Христова и нејзе и припишуваат створеност и нествореност, видливост и невидливост, страдалност и нестрадалност, описливост и неописливост; и на божествената суштина и ја припишуваат нествореноста и сличното на неа, а на човечката природа и го признаваат останатото и описливоста ја искажуваат со зборови и икони – вечен им спомен.

Народот: Вечен им спомен.

На оние кои веруваат и ги проповедаат евангелските зборови со слово, случките со слики и дека секое од нив придонесува една иста корист, а тоа е проповед на вистината со зборови и потврда на иконите – вечен им спомен.

Народот: Вечен им спомен.

На оние кои со збор ја осветуваат устата своја, а потоа и слушателите преку словото на проповед, кои знаат и проповедаат дека преку чесните икони исто така се осветуваат и очите на гледачите, а умот нивни се издига кон богопознание, како и преку божествените храмови и свештени садови и други посветени твари – вечен им спомен.

Народот: Вечен им спомен.

На оние кои знаат дека жезолот, таблиците, ковчегот, свекникот, трпезата и кадилницата ја прасликуваа и однапред ја пророкуваа Пресвета Дева Марија Богородица и дека сите овие нешта се нејзина праслика, а во суштина таа не била тоа, но е родена како девојка и остана Дева и после богорагањето, та, заради тоа и уште повеке ја претставуваме со икони, со нејзиниот вистински образ или пак, преку нејзините праобрази – вечен им спомен.

Народот: Вечен им спомен.

На оние кои ги знаат и прифакаат пророчките виденија како такви, на кои самото Божество им дало облик и образ и кои веруваат дека хорот на пророците тоа го видел и прорекол и цврсто го држат преданието, пишано и непишано, предадено на отците преку апостолите и затоа ги живописуваат светителите и ги почитуваат – вечен им спомен.

Народот: Вечен им спомен.

На оние, кои се согласни со Мојсеја, кој говори: – Внимавајте на себе, зашто во денот во кој Господ говореше на Хорив, на планината, вие чувте глас на слово, но не видовте облик – и кои знаат да го говорат она што е вистина: ако нешто видовме, навистина видовме, зашто синот на громот не научи: – Оној, што беше од почетокот, што Го чувме, што Го видовме со своите очи, што Го гледавме и што Го допреа нашите раце, Словото на животот – тој живот се јави, а ние Го видовме и сведочиме; – исто така и другите служители на Словото: – Јадевме и пиевме со Него,- не само пред страдањето, но и после страдањето и воскресението; на оние, значи, кои од Бога примија можност да ја разбираат законската забрана на Стариот Завет и благодатта на учењето на Новиот Завет, и да Го познаат Оној Кој од една страна во Законот е невидлив, а од друга страна, во благодатта е видлив и допирлив и затоа Го живописуваат и се поклонуваат на она што е видливо и допирливо – вечен им спомен.

Народот: Вечен им спомен.

Како што пророците видоа, како што апостолите научија, како што Црквата прими, како што учителите со догми утврдија, како што се согласи вселената, како што засветли благодатта, како што се докажа вистината, а лагата се протера, како што смело се искажа премудроста, како што Христос со награда потврди, така мислиме, така говориме, така проповедаме: Христос вистинскиот наш Бог и неговите светители ги чествуваме со зборови, писма, мисли, жртви, храмови и икони; Него како Бог и Владика почитувајки Го и поклонувајки Му се, а нив заради заедничкиот Господ и како Негови верни служители, чествувајки и оддавајки им соодветно поклонение.

Оваа е верата на апостолите. Оваа е верата на отците. Оваа е верата на православните. Оваа вера вселената ја утврди.

И сега ние братски и пријателски, во слава и чесна побожност ги величаме хероите на верата, за која тие се бореа и говориме: на Герман, Тарасиј, Никифор и Методиј, Игнатиј, Фотиј, Никифор, Антониј и Николај, сесветите и православни патријарси, како на вистински архиереи Божји, победници и учители на Православието – вечен им спомен.

Народот: Вечен им спомен.

На Евтимиј, Теофил и Емилијан, прославените исповедници и Архиепископи – вечен им спомен.

Народот: Вечен им спомен.

На Теофилакт, Петар, Михаил и Јосиф, благословените Митрополити – вечен им спомен.

Народот: Вечен им спомен.

На Јован, Николај и Георгиј, триблажените исповедници и Архиепископи и на сите Епископи кои размислувале како нив – вечен им спомен.

Народот: Вечен им спомен.

На Теодор, сесветиот Игумен Студитски – вечен му спомен.

Народот: Вечен му спомен.

На Исаак Чудотворец и на пророкот Јоаникиј – вечен им спомен.

Народот: Вечен им спомен.

На Иларион сесветиот Архимандрит и игумен Далматски – вечен му спомен.

Народот: Вечен му спомен.

На Симеон, сесветиот Столпник – вечен му спомен.

Народот: Вечен му спомен.

Овие благослови од отците, од нив преминуваат на нас како на нивни синови, кои ревнуваме за нивното благочестие. Така пак, и нивните клетви ги добиваат таткоубијците и презирачите на Господовите заповеди. Затоа, сите заедно, како полнота на благочестието, им ја искажуваме оваа клетва на оние кои самите на неа се подложија:

На сите кои против светите патријарси Герман, Тарасиј, Никифор и Методиј, Игнатиј, Фотиј, Никифор, Антониј и Николај пишувале или говореле – анатема.

Народот: Анатема.

На оние кои против сечесните икони на Христа Бога и Неговите светии ги користат зборовите од Светото Писмо, кажани против идолите – анатема.

Народот: Анатема.

На оние кои го делат мислењето со оние кои ги бесчестат светите икони – анатема.

Народот: Анатема.

На оние кои велат дека Христијаните ги обожуваат иконите – анатема.

Народот: Анатема.

На оние кои велат дека друг, освен Христа Бога, не ослободил од идолското служење – анатема.

Народот: Анатема.

На оние кои се осмелуваат да кажат дека Соборната Црква прифатила идоли и со тоа го отфрлаат таинството и се исмеваат со верата на Христијаните – анатема.

Народот: Анатема.

На Ариј, првиот богоборец и началник на ересите – анатема.

Народот: Анатема.

На Петар, безумникот, кој вели: „Свети бесмртни, Кој се распна за нас“ – анатема.

Народот: Анатема.

На Несториј, кој вели дека Света Троица е страдална и на Валентин, бесчесниот и неразумниот – анатема.

Народот: Анатема.

На Павле Самосатски и Теодот, неговиот сотајник и истомисленик, заедно со другиот неразумен Несториј – анатема.

Народот: Анатема.

На Петар, клетиот еретик, наречен и Волкопетар, и на зломислењата од Евтихиј и Савелиј – анатема.

Народот: Анатема.

На Јаков Занзал, на Диоскор, Патријархот Александриски и на нечестивиот Севир, заедно со Сергиј, Павле и Пир истомислениците, и на Сергиј, ученикот на Волкопетар – анатема.

Народот: Анатема.

На триклетиот поп Богомил и на неговите ученици Михаил и Теодор, Добре, Стефан, Василиј и Петар и останатите негови ученици и истомисленици, кои злославеа дека Христовото воплотување станало само привидно, а не дека примил плот од светата и пречиста наша владичица Богородица – анатема.

Народот: Анатема.

На Варлаам и на Акиндин и на сите нивни истомисленици и наследници – анатема.

Народот: Анатема.

На сите Евтихијани, Монотелити, Јаковити и на сите осудени еретици – анатема.

Народот: Анатема.

Многу години подај им, Господи, на благоверните началници.

Боже, заштити ја нивната власт. Боже, дај мир на нивото владеење.

Небесен Цару, заштити ги оние кои се на земјата.

На Константин Велики и мајка му Елена, светите и рамноапостолни, први христијански цареви – вечен им спомен.

Народот: Вечен им спомен.

На Теодосиј великиот цар, и на Онориј, Теодосиј Младиот, Маркијан, Василиј, Константин, Александар, Христофор, Роман, Константин, Роман, Никифор, Јован, Василиј, Константин, Роман, Михаил, Константин, Михаил, Исак, Константин, Роман, Михаил, Андроник, Никифор, Исаак, Алексиј, Јован, Алексиј, ромејските цареви, кои го заменија земното царство за небесното – вечен им спомен.

Народот: Вечен им спомен.

На Флакила, царицата на великиот цар Теодосиј, Пулхерија, Евдокија, Теофана, Теодора, Елена, Теофана, Теодора, Зоја, Теодора, Екатерина, Евдокија, Марија, Ирина, ромејските православни царици – вечен им спомен.

Народот: Вечен им спомен.

На Теодора, великата и света царица – вечен и спомен.

Народот: Вечен и спомен.

На Борис, покрстителот и благоверен кнез, наречен во светото крштение Михаил, кој го приведе словенскиот род кон богоразумие преку светото крштение – вечен му спомен.

Народот: Вечен му спомен.

На неговиот син Симеон и неговиот внук светиот цар Петар, на Пленимир, Борис, Роман, Самуил, Гаврил Радомир, Владимир, Владислав, древните цареви, кои со земното царство го наследија и небесното – вечен им спомен.

Народот: Вечен им спомен.

На царицата Марија – вечен и спомен.

Народот: Вечен и спомен.

На Кирил Философ, кој го преведе божественото писмо од грчки јазик на словенски и го просвети словенскиот род, новиот и втор апостол, за време на царувањето на Михаил и православната царица Теодора, неговата мајка, кои ја украсија божествената Црква со светите икони и го утврдија православието – вечен му спомен.

Народот: Вечен му спомен.

На неговиот брат Методиј, Архиепископ на Моравија Панонска, зашто и тој многу се потруди за словенската книга – вечен му спомен.

Народот: Вечен му спомен.

На неговиот ученик Климент, Архиепископ Охридски, и на неговите ученици Сава, Горазд, Ангелариј и Наум, зашто и тие многу се потрудија за словенската книга – вечен им спомен.

Народот: Вечен им спомен.

Света Троица нив ги прослави.

Го молиме Бога, поради нивните подвизи, борби и учења за чистотата на верата дури до смрт, и ние да се воспитуваме и да се утврдиме и се молиме да се покажеме како подражатели на нивното дело до крај, според сожаленијата и милоста на великиот и прв Архиереј Христос, нашиот вистински Бог, по молитвите на преславната Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, на боголиките ангели и на сите светии.

Народот: Амин.