Четврта недела од Великиот Пост – За љубовта, надежта и верата

Верата е зракот, надежта – светлината, а љубовта е сончевиот круг. И сите тие сочинуваат еден блесок и еден сјај.
Верата може да направи сè, сè да создаде. Надежта, ја повикува Божјата милост и ја прави непосрамена. А љубовта никогаш не слабее, не заостанува и не му дава мир на оној, кој е занесен од нејзиниот блажен восхит.
Оној што сака да зборува за љубовта Божја, се осмелува да говори за Бога. А, да се зборува за Бога е ризично и опасно за луѓето кои не внимаваат многу. Вистината за љубовта им е позната на ангелите, но и ним – преку озарението. Бог е љубов (1. Јован, 4, 16), а оној што сака со зборови да објасни што е Он, го прави истото што и слепецот кој седи на брегот на океанот и сака да измери колку песок има на неговото дно.
По својот квалитет, љубовта е уподобување на Бога, во мера која им е достапна на смртниците. По своето дејство, пак, таа е извор на верата, бездна на долготрпението, море на смирението.
Љубовта , во вистинска смисла на зборот, е напуштање на секакви непријатни мисли во поглед на другиот човек. Зашто, љубовта не мисли зло (1. Кор. 13, 5).
Љубовта, бестрастноста и боговосиновувањето се разликуваат меѓу себе само по името. Светлината, огнот и пламенот се постигнуваат со едно дејство. Така треба да се замислуваат и тие три доблести.
Во согласност со копнежот за љубовта, во нас се јавува и стравот. Зашто, човекот во кого нема страв – или е полн со љубов, или душевно е веќе мртов.
Не е нималку неприлично да се споредува копнежот со стравот, ревноста и предаденоста, служењето и љубовта кон Бога, со она што обично може да се види кај луѓето. Блажен е значи, човекот кој Го сака Бога онака, како што занесениот љубовник ја сака својата љубена. Блажен е човекот кој се плаши од Бога онака, како што осудениците се плашат од судијата. Блажен е човекот кој станал усрден во вистинската предаденост на Бога онака, како што благоразумните слуги се усрдни кон својот господар. Блажен е човекот кој во извршувањето на добродетелите станал ревносен така, како што се ревносни мажите кои, заради своите сопруги, се лишуваат себеси од сон. Блажен е човекот кој во молитва стои пред Господа, онака како што служителите стојат пред царот. Блажен е оној, кој се подвизува во непрестајно угодување на Бога, исто како што некои се трудат да им угодуваат на луѓето.
Мајката не е така приврзана за своето доенче, како што синот на љубовта постојано е приврзан за Бога.
Кога срцето на човекот е весело, тогаш и лицето негово сјае. Кога целиот човек е опфатен од љубовта Божја, тогаш и надворешно, на неговото тело, како во некое огледало, се забележува сјајот на неговата душа. Така се прослави и боговидецот Мојсеј. Оние кои го достигнаа тој рамноангелски степен, често забораваат на телесната храна. Јас мислам дека тие дури и не чувствуваат потреба за неа. Не е ни чудо: дури и луѓето кои ги измачува телесната желба често одбиваат да јадат. Сметам дека телото на овие бесмртници веќе не е ни подложно на болести (спротивно на сите природни закони). Зашто, нивното тело е очистено, и на извесен начин (преку дејство на пламенот на чистотата, кој во нив го пресекол пламенот на страстите) станало нетрулежно. Мислам дека, дури и она што го јадат, го јадат без наслада. Зашто, како што подземната вода ги напојува корените на билките, така и небесниот оган ги храни душите на овие свети луѓе.
Согласно со растењето на стравот Божји, во човекот се јавува и љубовта. Врвот на чистотата е основниот услов за познавањето на Бога. Самиот Бог, на таинствен начин го воведува во Својата вистина оној кој своите чувства совршено ги соединил со Него. Зашто, сè додека не дојде до соединување на сите наши чувства со Бога, тешко дека ќе можеме да зборуваме за Него. Соединувајќи се со човекот, Единосушното Слово ја усоврши чистотата и со Своето доаѓање ја умртви смртта. А, тогаш кога смртта е умртвена, ученикот на вистинската теологија бива озарен од Бога. Зборот Божји, зборот кој од Бога доаѓа, Неговиот чист збор, пребива во веки. Оној што не Го познал Бога, за Него зборува со нагаѓање. Чистотата, пак, го прави својот ученик теолог, кој самиот од себе ги објавува догматите за Пресвета Троица.
Оној што Го сака Господа, најнапред го засакал својот брат. Второто е доказ за првото. Оној што го сака ближниот, никогаш не ги поднесува луѓето кои се занимаваат со оговарање. Уште повеќе, бега од нив како од оган. Кој вели дека Го сака Бога, а на својот брат се лути, наликува на човек кој сонува дека трча.
Моќта на љубовта е во надежта. Преку надежта очекуваме награда за љубовта. Надежта е збогатување со невидливи богатства; надежта е сигурна ризница пред ризниците. Таа е одмор од маките, таа е капија на љубовта, таа го убива очајанието, слика е на идните добра. Недостатокот на надеж претставува исчезнување на љубовта. Со неа се врзани нашите маки, на неа се градат нашите подвизи, неа ја опкружува милоста Божја. Монахот кој е исполнет со неа, ја употребува како нож со кој го сече унинието. Надежта раѓа искуство во даровите Господови. Зашто, оној кој не ги почувствувал даровите Божји, не може да не се сомнева. Надежта го победува гневот: таа не посрамува (Рим. 5, 5). А лутиот човек е непристоен.
Љубовта е дарител на пророштвата. Љубовта е извор на чудата. Љубовта е бездна на озарувањето. Љубовта е извор на благодатниот оган: колку повеќе се разгорува, толку повеќе ја распалува жедта на жедниот. Љубовта е животот на ангелите. Љубовта е вечно напредување.
Објави ни добродетелке најубава, каде ги пасеш своите овци, каде отпочинуваш на пладне. Осветли нè, напој нè, води нè, раководи нè, зашто, ете, сакаме да ги достигнеме твоите висини. Ти владееш над сите. Ти ми ја рани душата, и сега не можам да ја издржам силата на твојот пламен. Од каде да ја започнам песната во твоја чест? Ти љубителите твои ги правиш непобедливи.
Горам од желба да дознаам како, зацврстена на врвот на скалата, те видел Јаков. Кажи ми како тој го гледаше оној пат во висините? Каков е начинот и смислата на редењето на скалилата, оние столбови, кои во срцето свое ги постави љубителот твој? Сакам да го знам нивниот број? И колку време е потребно тие да се поминат? Оној што те виде и што со тебе се бореше, нè извести само за ангелите кои водат низ скалилата. И ништо друго не сакаше, или поточно – ниту можеше да открие, ако тоа е токму она, што треба да го кажам.
А, љубовта, таа царица, ми се јави како од небото, и ми рече, како да говори на увото на мојата душа: Љубителу мој, сè додека не се ослободиш од дебелината на телото свое, нема да бидеш во состојба да ја видиш мојата убавина, таква каква што е. А лествицата Јаковова, нека те научи како да ја составиш твојата духовна лествица на добродетелите, на чијшто врв јас сум зацврстена, како што рече големиот посветеник на моите тајни: Сега останува само ова: Верата, надежта и љубовта…но, најголема од сите нив е љубовта.
Качувајте се, качувајте се, браќа! Храбро поставувајте ги скалилата во срцата свои, слушајќи го оној кој говореше: Дојдете да се искачиме на гората Господова и во домот на нашиот Бог, Кој ги усовршува нашите нозе да бидат како на елен, и Кој стои на висините. (Пс. 17, 34), за да станеме победници на Неговата патека! Трчајте, ве молам, заедно со оној што велеше: Да се потрудиме, додека не постигнеме единство во верата и познание на Синот Божји, во човек совршен, по мерата на растот од полнотата Христова (Ефес. 4, 13), Кој, крштевајќи се во триесеттата година од видливата возраст, го достигна триесеттиот степен на мислената лествица. Зашто, Бог Е љубов.
Нему Му прилега слава, Нему власт, Нему сила, зашто Е, и беше, и ќе биде причина за секое добро во сите векови. Амин.