Благиот и болниот егоизам – III дел

Што се однесува до интелектуалниот егоизам, тоа е чувството дека сѐ знаеме, дека имаме мислење и став за сѐ. Нашиот егоизам може да се пројави во груби форми како нападност, гнев, принуда, отфрлање на другиот, дрскост и грубост, самофалење, непромисленост, злоба итн., но тоа не е сѐ. Тоа се оние очигледните пројави. Јас би сакал да ви го насочам вниманието кон неколку посуптилни форми, за да ги спознаеме стапиците кои понекогаш не ги гледаме и така во душата ни никнуваат бактериите на страстите.

Понекогаш се топиме како летно сонце кога ќе ни кажат дека сме најдобри во нешто. Ако на пример, сме петмина и појдам да се поздравам со првиот:

-Како си? Што правиш, децата добро ли ти се? Многу се радувам што те гледам!

Но, несвесно го занемаруваме другиот и тој се гуши од помисли:

-Не ме сака. Не ме смета за ништо! Не дека сум најдобар, но зошто да има нешто против мене? Неосетно, таквиот човек почнува да се самооправдува. Склоноста кон самооправдување е склоноста кон егоизам. Многу пати се случува, така што веднаш кога ќе се најдеме во некоја непријатна ситуација да ни доаѓаат на ум илјадници аргументи за да се оправдаме, на коишто никогаш не би помислиле за да оправдаме некој друг. Стручњаци сме да си најдеме сопствени оправдувања. Колку е тоа човечка особина, се гледа при падот на Адам и Ева. Адам се оправдува преку Бога – Не јас, туку жената која Ти ми ја даде. Како да вели: „Не грешам јас, туку повеќе грешиш Ти, Боже мој, зашто Ти ми ја даде таа жена и таа ме наведе“. А жената вели: Змијата е виновна! Секој го обвинува другиот.

Такви сме и ние: Сакаме да ја избришеме грешката не само со зборови на оправдување, туку воопшто да ја отфрлиме одговорноста за својата грешка, за својот пропуст итн.

Обично сме егоцентрични. Мислиме дека ако ние направиме нешто, тоа секако ќе е подобро од она што другиот ќе го направи. Полесно се доверуваме на својата сопствена, отколку на дарбата на другиот. Ако некој верува само во себеси и се доверува само на своето јас, за кратко време ќе дојдат животните цунами и тој ќе започне да тоне. Тогаш со него ќе се случи она што се случи и со св. апостол Петар, којшто Го предизвикал Господа во бурата и Му рекол: Ако си Ти, а не привидение, кажи ми да дојдам! Он му рекол: Дојди. Св. апостол Петар започнал да оди по брановите, но веднаш штом видел дека доаѓа спротивен ветар, оп – започнал полека да тоне:

-Господи помогни ми!

-Зошто се посомнева, маловернику? Со оглед на тоа дека сум Јас, зошто се обидуваш да се соочиш со бурата сам? Откако Јас ти кажав и ти побара од Мене знамение и ти го дадов, зошто се посомнева? Размислуваш според својата логика…

Постојат и други, поштетни видови на егоизам: кога се повредуваме лесно, се лутиме и се гневиме заради најмалото нешто, тогаш ја уништуваме својата радост без никаква причина. Заради неверојатни ситници си го губиме мирот. Такви сме.

Уште нешто: Замислата дека сме многу значајни. Во Стариот Завет има еден впечатлив израз: Тешко на оние што мислат дека се нешто и сметаат дека сѐ знаат. Мислата, како што вели Св. Никодим Светогорец, дека си некој. Народот за таквите луѓе вели: „Си се замислува себеси“. Може и да не го покажуваме тоа, но си ја носиме во себе таа наша идеја за себеси. По што ќе ја препознаеме? По разочарувањето што ќе нѐ опфати, тогаш кога ќе паднеме.

Одново Св. Никодим Светогорец, во својата позната книга Невидлива борба, вели дека паѓајќи во големи гревови, некои луѓе истовремено паѓаат и во голема разочараност. Тоа е плод на нивниот егоизам. Зошто? Затоа што не можат да се помират со својот грев и слабост. Небаре велат: „Јас да го правам тоа нешто!?“ А кој си ти? Да не си нешто повеќе од нас? Како нас си! Нашето природно движење не е да летаме, туку за жал да се влечкаме и да ползиме. Божјата благодат е таа што ни дава да летаме! Затоа велиме:

-Боже мој! Таков сум! Се трудам од љубов кон Тебе, но не успевам. Прости ми!

Тогаш биваме примени од Бога…

Или, пак, одиме кај духовниот отец и привидно скрушени, изгледаме неутешно – како што правевме ние како млади монаси. Отец Јани започнува да нѐ теши и ни вели:

-Не грижи се, Бог ти прости!

-Не, не ми простил!

-Зошто да не ти прости?

Егоизам.

Друг вид на егоизам се крие во синдромот на „добриот христијанин“. На доброто дете. Децата од Веронаука, кои се многу примерни, не прават гревови како некои други што прават, одат во црква, напамет го знаат Свете тихи, постат, но само ако ги чепнеш за нешто. Веднаш се навредуваат. Така се случува кога го имаме чувството дека сме праведни. Не, возљубени. Сите сме расеани и расипани. Има луѓе коишто Бог ги знае, зашто поминале низ калта за да стигнат до гледањето на лицето Божјо. И таму каде што гревот се намножува, Бог дава изобилна благодат. Таква е логиката на Црквата. Разбојникот вели: Спомни си за мене, Господи, кога ќе дојдеш во Царството Твое! И се покајува минута пред смртта. Во таа минута, тој го разорува својот егоизам, го развива високото мислење за себеси и врз парчињата на неговиот лик останува само она коешто се нарекува чудо на благодатта.

За крај, со неколку зборови ќе кажам дека е многу убаво секој од нас да го возљуби смирението, за намрази својот егоизам, за да може да им даде предност на другите, да заедничари со нив, да ги остави настаните и искушенијата да му го насочуваат животот. Тогаш тој пронаоѓа внатрешна хармонија. Го сака тоа што може, а не го бара тоа што ги надминува неговите сили. Тој го кажува она што го чувствува, се покажува таков каков што е, не лицемери, т.е. не се разделува себеси. Многу едноставно. Што и да устроил Бог за мене, нека е благословено! Јас не сум ништо повеќе од другиот! Зошто другиот да страда, а јас не? Подобро е јас да страдам повеќе, за да може другиот да се чувствува добро во животот; да бидам не прв, туку последен…