Божествената промисла

Промислата е Божјата грижа за нас. Сè што е направено по Божја промисла, направено е па најдобар можен начин. Фактот дека Бог се грижи – дека навистина многу се грижи – за човечкиот род, можеме да го изведеме од следното логично размислување:

Бог е добар. Според тоа, Он се грижи и се труди за своите деца; во човековата природа, како и во природата на животните, е да се грижат за своите деца. Човек кој не покажува таква грижа се смета за зол. Бидејќи Бог е сезнаен, Он Својата промисла ја покажува на најсовршен начин, во однос на целокупната творба. Кога лично ќе ја почувствуваме и доживееме Божјата промисла, да се поклониме пред Неговата добрина. Ние мораме да Го прославуваме и без испитување да ги прифатиме сите дела на Неговата промисла, дури и кога ќе ни изгледаат неправедни и неразбирливи.

Отец Пајсиј ми го раскажа следниов настан:

– Еднаш требаше да заминам од Света Гора и ми беа погребни околу илјада драхми за патните трошоци, а токму тогаш немав воопшто пари. На поштарот му бев рекол, секој чек, кој ќе биде испратен до мене, веднаш да му го врати на испраќачот. Додека се наоѓав во таква тешка ситуација, еден од монасите, заедно со поштата, ми донесе чек од 1.000 драхми. На местото на каде што треба да стои адресата на испраќачот пишуваше ПАНТАНАСА (едно од имињата кои и се припишуваат на Богородица, Царица на сите). Кога сфатив дека тоа е знак на Божјата промисла, заплакав и Му заблагодарив на Бога и на Неговата Мајка.
Не грижете се и не говорете: што да јадеме, или што да пиеме, или во што да се облечеме?

Многу нешта видов во животот и тоа е чудесно. Ако не се грижиш за себе, Бог нема да допушти ниту да помислиш дека нешто ти е потребно. Гледаш, овој чек ми го испратиле и пред да знам дека ми се потребни илјада драхми. Бог, нашиот добар Отец, промислува за сè што ни е потребно и уште пред да сфатиме и да се молиме за Неговата помош. Неговата промисла се грижи за сè. Меѓутоа, Он мора да види дека се надеваме на Него. Потоа старецот ги наведе Евангелските зборови: Па затоа не грижете се и не говорете: што да јадеме, или што да пиеме, или во што да се облечеме? Зашто сето тоа го бараат незнабошците, а вашиот Отец небесен знае дека за сето ова имате потреба. Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придаде… Вашиот Отец небесен знае од што имате потреба уште пред да сте Го помолиле (Мат. 6, 31-33 и 6, 8).

Наша должност и интерес треба да биде угодувањето на Бога и на ближните; не смееме да бидеме преокупирани од сопствените потреби, зашто Бог за нив ќе се погрижи. Постои премолчен духовен договор помеѓу Бога и човекот. Он ќе се грижи за нас, додека ние, од своја страна, ќе се трудиме да живееме според Неговата волја. Сите ваши грижи оставете ги на Него, зашто Он се грижи за вас (1. Петр. 5, 7).

Еден ден ме посети г-н И. Ф. од Германија. Тукушто го беше завршил проектот за изградба на рибник во Комотини (град во северна Грција) и побара од мене да се помолам, за да добие одобрение за таа работа од државата. Од љубопитност го прашав за размножувањето на рибите и нивното одгледување во рибникот. Ми одговори:

– Малите риби, отче, откако ќе се родат, во абдоменот имаат едно меурче, наречено лецитонова торбичка, во кое се наоѓаат сите неопходни витамини и состојки потребни за да преживеат во тие први, критични денови од животот. Кога меурчињата ќе се испразнат, абдоменот на рибата е веќе доволно развиен и таа може да зема храна од морето.

Бев многу трогнат кога го слушнав тоа. Неколку дена непрестајно Го прославував Бога и си мислев: Бог е толку добар што дури и за малите риби кои ги создал за наша исхрана, се грижи премудро, та да можат без грижи да растат. Жално е тоа што сме постојано загрижени и немаме доверба во Него за сè. Тоа е страшно! Бог детално се грижи и за Неговите најситни созданија. Колку, пак, тогаш се грижи за нас, создадени според Неговиот образ, поради кои и сето тоа го направил! Меѓутоа ние, бидејќи слепи, не сме во состојба да ја видиме Неговата промисла која го покрива секој аспект од нашиот живот.

Кога човек живее едноставен живот, смирено се гледа себеси и чувствува потреба од родителската десница на Бога, тогаш ги отфрла сите свои немири и грижи и има доверба во Него. Кога Бог ќе види дека таа душа му се доверува во сè, Он ја покрива со Неговата грижа и промисла и тогаш душата јасно ја гледа Божјата помош и се радува.

Бог сака нашите души да бидат едноставни, без многу помисли и големи знаења, да бидат како дете кое сè очекува од своите родители. Затоа Господ вели: Ако не станете како деца нема да влезете во Царството небесно. Мораме со голема простодушност да се молиме на Бога и да ја признаваме нашата немоќ и на тој начин ќе успееме да се ослободиме од своите грижи п немири; како што нашата сенка го следи нашето тело, така и Божјата милост ќе го следи нашето смиреноумие и вера.

Јас сум добриот Пастир. Добриот пастир си ја полага својата душа за овците (Јован 10:11)

Кога веруваме во Бога и имаме доверба во Неговата татковска промисла и грижа, ние не размислуваме за себе; напротив, знаеме дека Бог е свесен за сите наши потреби и ги надгледува нашите проблеми, од оние најмалите до најголемите. Единствено што треба да направиме е да допуштиме Божјата љубов и промисла да дејствуваат во нашите животи тогаш, кога Он тоа ќе го посака и на начин за кој Он мисли дека е најдобар за нас. Кога имаме таква вера и внатрешно расположение, ќе можеме да ги видиме чудата Божји, па и самиот Бог, Кој секогаш и во сите ситуации се наоѓа во наша близина. За да се случи тоа, мораме да ја отфрлиме секоја овоземска помош, и да не се надеваме на луѓе, туку со чисто срце, непоколебливо и со доверба да го препуштиме својот ум на Бога. Само тогаш Божјата благодат ќе ни ја исполни душата.

Божјата промисла ќе се погрижи за сè во нашиот живот, само доколку отфрлиме сè друго и потполно и без расејување го прилепиме нашиот ум кон Неговата љубов. Тогаш Бог ќе ни служи преку Својата промисла (како што прави секогаш за Своите слуги) и ќе видиме дека ништо не ни недостасува, зашто Самиот Он рекол: „Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и се ова ќе ви се придаде(Мат. 6, 33).

Кога некој има за единствена цел во животот да го бара Божјото царство и да ја добие Божјата правда, тогаш Бог, Кој никогаш не е несправедлив и во Кого нема измама на нашата душа ќе и даде сè што и треба.

Но некои имаат погрешна претстава за Божјата промисла: мислат дека ако се грижат за световни нешта и се приврзуваат кон нив, дека истовремено можат да очекуваат и помош од Бога. Божјата помош кон луѓето, коишто мислат така, би била деструктивна за нив, бидејќи би продолжила нивната приврзаност кон земните нешта. Бог им помага, со тоа што им допушта искушенија и тешкотии во нивните животи, за да ги натера да ги замразат световните нешта и целосно да ја насочат љубовта на срцето кон Него.

Господ Вседржител

Бог се грижи за сите, и праведните и грешните: Он го остава Своето сонце да грее над лошите и над добрите, и праќа дожд на праведните и на грешните (Мат. 5,45). Но сепак постои разлика. Божјата промисла секогаш и очигледна во животите на побожните луѓе, додека во животите на грешните едвај се гледа, а понекогаш како воопшто и да ја нема. Бог понекогаш ги напушта грешните, за да им ги смири душите преку животни тешкотии и привременото и привидно „отсуство“ на Неговата промисла, и така да ја разбуди нивната вера и љубов кон Него.

Тоа е сосема точно, зашто човек кој верува во божествената правда, сака Бог да раководи со неговиот живот и да биде негов заштитник, додека, пак, оној човек, кој се надева на човечката правда, сака сам да се раководи во животот, врз основа на своите знаења, без да ја осознава својата немоќ, односно, дека не може ништо да направи без Бога. „Без Мене не можете да направите ништо(Јован 15, 5) и така, кога ни најмалото нешто не можете да го направите, зошто се грижите за друго? (Лука 12, 26). Така, тој со право ќе биде напуштен од Бога, та да може добро да ја разбере својата немоќ и со сето срце да побара помош од небесата.


Извадок од книгата: Јеромонах Христодулос, Велес 2009, Старец Пајсиј Светогорец,  pp. 63-67