Љубов за сите

Старец Порфириј Кавсокаливит

Љубовта е над сè. Деца мои, она што треба да нè интересира е љубовта кон другиот, кон неговата душа, Сè што правиме: молитва, совет, укажување, треба да го правиме со љубов. Без љубовта молитвата не е полезна, советот повредува, укажувањето му штети и го уништува другиот, којшто чувствува дали го љубиме или не, па соодветно реагира. Љубов, љубов, љубов! Љубовта кон братот нè подготвува повеќе да Го возљубиме Христос. Нели е тоа убаво?

Да ја излеваме нашата љубов несебично кон сите, не водејќи сметка за нивниот став. Кога ќе нè посети Божјата благодат, ние нема да се интересираме дали нè љубат или не и дали ни зборуваат со добрина, туку ќе чувствуваме потреба ние да ги љубиме сите. Егоистично би било од нас доколку сакаме другите да ни зборуваат со добрина. Нека не нè загрижува спротивното и да ги оставиме другите да ни зборуваат онака како што тие чувствуваат. Да не бараме љубов. Наш стремеж треба да биде да ги љубиме и со сета наша душа да се молиме за нив.

Тогаш ќе забележиме дека сите ќе нè љубат без воопшто да ја бараме нивната љубов. Ќе нè љубат слободно и искрено од длабочината на нивното срце, без да ги присилуваме. Кога љубиме без да бараме да нè љубат, сите ќе се собираат околу нас како пчели. Тоа важи за сите нас.

Ако твојот брат те заморува, те вознемирува, тогаш вака размислувај: „Сега ме боли окото, раката, ногата; треба да ја негувам со сета моја љубов“. Меѓутоа, не треба ни да помислуваме дека ќе бидеме наградени за наводно добрите дела, ниту дека ќе бидеме казнети за лошите што сме ги направиле. Кога љубиш со Христовата љубов, доаѓаш до познание на вистината. Тогаш не бараш да те љубат; лошо е да го бараш тоа. Ти љубиш, ти ја даваш твојата љубов; тоа е правилно. Од нас зависи дали ќе се спасиме. Бог тоа го сака, како што вели Светото Писмо: „…сака сите луѓе да се спасат и да дојдат до познание на вистината“.