Манастирската слава на Свети Јован Владимир – панигир на духовна убавина и љубов

Благочестие, духовно веселие, благодарност и молитвословие – сè што го допира срцето и го отвора умот кон небесната светлина, се слеа овие денови во благословената свештена обител на Свети Јован Владимир, близу Елбасан, каде што се прослави неговиот светол и благодатен годишен спомен.

Беше тоа празник исполнет со величие и скромност, со светлина и благоговејност, со изобилна благодат и вдахновена радост – еден вистински манастирски панигир според мерата на Духот Свети.

За велелепието на славата со љубов и мудрост се погрижи старешината на манастирот, отец Иринеј Гега, кој со сето свое битие се покажа како брат и домаќин, гостољубив и незлобив, исто како и другите елбасански отци, така што љубовта Христова го обедини целиот собран народ во едно тело, во една молитва, во едно срце.

Вчеравечер, во храмот преисполнет со верници и со мироточива тишина и свеченост, се отслужи сеноќно бдение на кое молитвено претстоеше Високопреосвештениот Митрополит Амантиски г. Натанил. Меѓу множеството собрани молитвеници, со благослов на нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, беа и нашите браќа, архимандритите Доситеј и Кирил, монахот Филип, како и сестрите Екатерина и Христина од Рајчица, кои со своето присуство донесоа благослов и духовна радост од нашите обители.

Утрово, пак, во средоточието на манастирската слава, се отслужи Божествена Литургија, на која чиноначалствуваше Архиепископот на Тирана и цела Албанија, г. г. Јован, во сослужение со Митрополитот Елбасански г. Антониј и Епископот на Круја г. Анастасиј, а со нив и бројно свештенство од Албанија, Италија, Црна Гора и Македонија. Посебна благодат се излеа на ова евхаристиско таинство преку заедничарењето во единствените Тело и Крв Христови, низ кое се оствари не само празнично единство, туку и онаа длабока духовна врска што ја поврзува Црквата како тело на љубовта, над сите јазици, земји и нации.

За прекрасното празнично коливо, украсено со ликот на Свети Јован Владимир, се погрижија нашите сестри од Рајчица – дело што е истовремено и послушание и уметност, и љубов и служење, затоа што секое зрно пченицата беше подготвено и украсено со молитва и љубов.

По Литургијата, се изврши торжествена литија околу светиот храм, со кивотот на моштите на Свети Јован Владимир, во која чест беа удостоени да учествуваат и нашите отци Доситеј и Кирил, носејќи го светиот кивот и чесните мошти – како сведоштво за живата врска со светиите, како благослов за верност и тивко исповедништво.

Непосредно потоа, Архиепископот Јован, со голема пастирска љубов, ги прими во официјален прием нашите отци и сестри, заедно со свештенството и бројни гости, меѓу кои и градоначалникот на Елбасан Гледијан Љатја – сите како едно соборно семејство во Христа.

Во оваа празнична светителска светлина, вознесовме и наша молитва кон Свети Јован Владимир – молитва за единство на православните, за обновување на љубовта меѓу браќата, за победа на Христовиот мир над раздорот и себичноста.

Свети Јоване Владимир, моли се за Црквата Христова!

За мир, за љубов, за единство!