Денес, кога се роди Христос, небото и земјата се соединија, денес Бог дојде на земјата, а човекот се искачи на небото; денес, невидливиот по природа, заради човекот станува видлив по тело. Затоа и ние, славејќи да Му запееме: Слава на Бога во висините, а на земјата мир, што го дарува Твоето пришествие, Спасителу наш, слава Ти.
Во празничната зимска ноќ се излеваа радосно овие прекрасни стихови, додека бигорската света обител со големо торжество го славеше празникот на девственото рождество, давајќи им на големото мноштво верници кои од сите страни пристигнаа во манастирот, можност да прозрат во тајната на божественото воплотување, да го издигнат својот ум и да го просветлат со пресветлиот небесен сјај за да познаат како денес земјата станува едно со небото. А каква тајна е тоа! Ангел-Пратеник на предвечниот совет на Света Троица доаѓа на земјата. Но не некој обичен пратеник, туку самиот единороден Син Божји. Во овој свет продаден на гревот, се раѓа Безгрешниот, кон човекот што згреши, слегува неговиот Творец, повикувајќи го во Својата прегратка. Гледај какво чудо! Не ние што Го жалостиме Бога со своите безаконија Му пристапуваме, туку Тој, Смирениот, доаѓа кај нас. Доаѓа на сите да им даде прошка, вселувајќи го во нас мирот Божји и онаа иста радост што некогаш ја чувствувале мудреците, додека трепетно и со почит се поклонувале пред Богомладенецот.
А тој празничен восхит што блескаше на лицата на присутните, во себе криеше и нешто друго. Тука се преплетуваа и чувствата на голема благодарност кон нашиот Владика, премилостивиот Господ, бидејќи и после големото искушение, во кое монашкиот конак беше проголтан од оган, Бигорското светилиште не престана да биде нивен вистински топол дом и духовно засолниште од соблазните на овој свет, место каде ја почувствувале својата најголема радост, каде со нескриен занес многу пати упатувале искрени молитви и го славеле Бога на торжествените богослужби, придружувајќи ги своите молитвени воздишки кон умилното пеење на бигорските браќа. Зашто токму таа срдечна љубов на браќата и ги привлекла овде, а благиот збор на игуменот продрел до нивните затворени срца и ги разбудил од сонот на гревот. И сега се радуваа гледајќи дека живиот дух на манастирот е сè уште тука, дека она што го прави ова светилиште толку посебно, не може да исчезне заедно со изгорениот конак, бидејќи манастирот не е само материјална градба. Зашто, најпосле, што вредат раскошните конаци и велелепни цркви, ако духовно не зборуваат, тие се мртви. А без своите монаси, секој манастир е само збир од празни згради, и служи како една обична туристичка атракција. Сите тие што во манастирот ја пронашле својата закрила, одамна го сфатиле ова и затоа не престануваат да доаѓаат и сега, задничарејќи со Бигорските браќа, на голема радост на игуменот, архимандрит Партениј. Каква разлика од оној прв Божиќ, пред 15 год, кога празниот манастир без своите верници беше навистина тажна глетка. Сега преполнетото светилиште одекнуваше од едногласните молитви и славословија на бројните верници и духовни чеда.
И повторно Бигорскиот храм ја наметна својата достоинствена празнична облека, исткаена со најнежен сплет од разнобојни цвеќиња, среде кои блескаше богато украсената пештера и благодатната икона ’Достојно ест’, што од неодамна го збогати благолепието во храмот, но, секако, најубав украс беа живите храмови Божји – присутните монаси и верници, со своите озарени погледи и копнежливи срца, широко отворени и подготвени за како Витлеемската пештера да го примат Оној што доаѓа од висините, Предвечниот Бог. Тие побрзаа духовно да се очистат и заедно со мудреците и пастирите на Богомладенецот да Му принесат на дарови од своите духовни ризници. А човекољубивиот Спасител го награди нивниот духовен труд со силна благодат и небесна радост, правејќи ги причесници на радоста на небесните војски и духовите на праведниците, и удостојувајќи ги со Своите свети Тајни.
Христос се роди!