Богојавление

Како човек Си дошол на реката, Христе Цару, и се брзаш да примиш крштение како слуга, Благи, од раката Претечева, заради нашите гревови, Човекољупче.

Тропар при осветување на Богојавленската вода

Без покајание човекот не може да се освети, а Бог постојано и на различни начини нè повикува на покајание; Бог не го посетил својот народ без објава на Своето доаѓање, со векови Тој му праќал пророци на избраниот народ и Неговото доаѓање не било неочекувано. Преку гласот на своите пророци и проповедници, преподобни отци, маченици и светители, нашиот благ Господ постојано го навестувал Своето јавување и ги поттикнувал луѓето на покајание. Овој повик : Покајте се! се слушал непрестајно, уште од времето на Адама па сè до Христа, но најгласно одекнал преку строгиот и силен глас на Претечата, кој ги разбудил луѓето, ја променил нивната совест, повикувајќи ги да се очистат од гревовите преку бањата на покајанието, да ги исправат патиштата на порочниот живот и да ги променат размислувањето на скверниот ум.

 

Водени од овој глас, реки од народ со брзање оделе кон Јордан во покајание за да се крстат, а меѓу нив, незабележително се движела и светлата фигура на светиот и безгрешен Спасител, Христос, Кој како најобичен човек, дошол на реката Јордан да се крсти за да го исполни Законот и секоја правда.

 

И како што секој настан поврзан со Спасителот и сиот Негов живот, е неповторлив и единствен, исполнет со необјасниво длабоки тајни и недостижни за умот – созерцанија, така чудесна и посебна е и самата средба на Христа со св. Јован, кога Крстителот со страв Божји и беспоговорно послушание Го крштева Оној Кому не Му е потребно крштевање, го потопува со вода Оној Кој го потопил самиот грев, се допира до Оној Кој единствено крштева со оган и Дух, го покажува Јагнето Божјо за Кое сведочи и Самиот Отец небесен, со слегувањето на гулабот – Светиот Дух.

 

Денес се крштева и се просветува Оној, Кој Самиот осветува сè: водата и воздухот, природата и сите созданија, целата земја и сета вселена. Бог се приближува кон човекот и му се јавува на светот, се отвораат небесата и човековата природа се очистува, станувајќи нова твар. Нов живот започнува за човекот, нова можност за повторна заедница и примирје со Бога Создателот, Кој одново го покажува Своето големо Човекољубие.

 

Со Христовото крштевање во Јордан јасно се открива Света Троица пред човештвото, се разоткрива тајната на троединото Божјо битие. Таа голема тајна не само за земјата туку и за небото, Спасителот, ја приближил до нас луѓето на Јордан, за духовно просветувајќи се да ги спознаеме најдлабоките Божествени тајни, да го просветлиме нашиот ум, да се очисти нашето срце и да се облагороди нашата душа, која препознавајќи Го Својот Создател, вечно ќе Го љуби и слави, почнувајќи уште овде на земјата и во вечниот живот во Царството Небесно.

 

Сето ова се навестуваше низ чудесните стихири на утрената претпразнична служба на Богојавление и царските часови, кои го исполнуваа тивкиот Бигорски храм за време на сеноќното бдение во навечерието на празникот. Кумовите од сите околни села веќе беа тука на традиционалното врзување на крстовите и со радост го очекуваа мигот кога ќе се освети Богојавленската вода, за да можат да им го однесат благословот на Претечата на своите православни собраќа од живописните мијачки села. И најпосле, некаде во раните утрински часови по Василиевата Божествена Литургија, присутните верници и кумовите од околните села во свечена литија се упатија кон фијалата, во која игуменот, Архимандрит Партениј, изврши водосвет и ја благослови богојавленската вода, со која потоа тој ги пороси сите присутни и изворите што се наоѓаат под самата црква.

Следниот ден, пак, на самиот празник Богојавление – Водици, верниците кои во голем број пристигнаа во манастирот, се собраа во Ростушкиот храм, од каде, по отслужената Божествената Златоустова Литургија, во литија се упатија кон реката Радика, за да присуствуваат на водосветот што го изврши Архимадрит Партениј и фрлањето на крстот. Божјата промисла сакаше и оваа година, веќе трет пат по ред, крстот да го фати Томислав Божиновски од с. Ростуше. За пофалба беше благочестивиот гест на градоначалникот на Ростуше, г-дин Мукрем Мехмети, кој на најсреќниот што го фати крстот, му подари комјутер со целосна техничка опрема, а нашиот долгогодишен спонзор „ХА-ЕМ“, повторно го израдува со пригоден подарок – телевизор.