Прочка

Не одвраќај Го лицето Твое од чедото Твое; бидејќи страдам, бргу услиши ме; пази ја душата моја и избави ја.

Голем прокимен од вечерната богослужба

Колку потресно одекнуваа во Бигорскиот храм овие прекрасни покајни стихови, кои со посебно умиление се пеат на вечерната богослужба во неделата на проштевањето. Во нив како да се собрал сиот оној крик на душата, која стои поразена пред својата немоќ да ја победи слабоста на паднатата човечка природа и безбедно да ја прескокне длабоката бездна на гревот.

И одеднаш како да го гледаме пред нашите очи страдањето адамово пред затворените врати на рајот, кога поради невоздржување се лиши од блажената заедница со Бога и беше принуден да талка во пустината на прогонството, барајќи го патот кон својата небесна татковина. И така, во тивкиот полумрак, една по една се редат вечерните стихири, предавајќи ни ги овие слики како опомена за душата која не се воздржува од гревот и нудејќи ни го спасоносното решение во Светиот пост, како тесна врата која нè враќа назад при Небесниот Отец. Затоа душата со љубов го прегрнува постот и го започнува своето четириесетдневно патување низ пустината на воздржанието, надѕирајќи го таму некаде при крајот блесокот на Христовото воскресение.
И самата атмосфера во храмот им ги пренесуваше на присутните сите овие чувства, будејќи покајание и припремајќи ги нивните срца за Големиот пост. Со голема скрушеност и надеж тие ги упатуваа своите молитви кон премилостивиот Бог, барајќи од Него истрајност, сила и смирение за што побогоугодно да го поминат посниот подвиг, да се сораспнат за со Него и да воскреснат, обновени како нова твар во Христа.
Така, најпосле, како врв на покајанието, настапи мигот кога сите со голема љубов меѓусебно си проштеваа, барајќи прошка и од игуменот на светата Бигорска обител, Архимандрит Партениј, додека во храмот се излеваа победните стихови на Пасхална радост, како едно навестување и предвкус на престојното големо торжество, кое со голема радост ќе ги награди сите оние што се потрудиле достојно да Го следат Христа по голготскиот пат на Светиот пост.