Свечени богослужби во Бигорскиот манастир

Радувај се, облека на лишените од смелост; радувај се љубов што победува секаква лоша желба!

стих од Акатистот кон Мајката Божја

Со колку нежна мајчинска љубов Пресветата наша Владичица ги закрилува монасите. Ја излева врз нив својата благодат, им доаѓа на помош во моментите на искушенија, им испраќа утеха во неволјите и ги учи на постојана молитва кон нејзиниот Син и наш Господ Исус Христос. А монасите, тие ангели во тело, ја чувствуваат нејзината неизмерна љубов и и’ возвраќаат на Пречистата со бескрајна почит и верност, со најголема доверба ги упатуваат своите молби, како дете кон својата мајка, ја величаат со химни и славословија, надевајќи се на нејзиното неуморно застапништво и искрено сострадување во крсниот подвиг на трнливиот монашки пат. Таа неземна поврзаност на оние што Христа ради ги презреле сите светски задоволства со Богомајката се надѕира во сите аспекти на монашкиот живот, но најмногу доаѓа до израз токму во деновите на Великиот пост, кога низ стиховите на Акатистот кон Мајката Божја монасите ја преточуваат во зборови сета своја синовска нежност, почит и верност. За браќата од Бигорската света обител првиот Акатист е особено свечен момент за кој тие со посебна љубов се подготвуваат. Во чест на Царицата храмот, кој уште на почетокот од постот се облекува во црно, тогаш ги остава своите строги темни покајнички покривки и повторно го наметнува празничното руво, се закитува со цвеќиња и исполнува со благопријатни мириси, нестрпливо очекувајќи го мигот кога монасите ке ги отворат своите срца за од нив да потече најубава химна за пожртвуваната молитвеничка и застапничка за целиот човечки род, нашата премила Мајка Богородица. А оваа година Бигорскиот храм ги собра на молитва и братството и сестринството од метохот на Св Георгиј Победоносец, а и голем број на верници кои поттикнати од голема љубов ги занемарија големите препреки и опасностите од постојани лавини и сепак притекнаа кон манастирот, за заедно со монасите да ја чествуваат Мајката Божја.

Веќе следниот ден храмот беше дури и претесен за да ги собере сите што пристигнаа на свечената архиерејска Божествена Литургија, во чест на славниот Партениј Лампсакиски, светителот чие име го носи и игуменот на Бигорскиот манастир. Повторно верните духовни чеда се собраа од сите страни за да го прослави именденот на својот сакан старец, и да му ја искажат својата неизмерна благодарност што со својата неуморна грижа и татковска љубов им овозможи „да пијат од изворот на Преданието, кој постојано тече во овој свет манастир, што ги запира нивните чекори, кога се оддалечуваат од евангелскиот пат, дење и ноќе непрестано го смилостува праведниот Судија, молејќи го да ги прости нивните беззаконија и да ги чува од секакви искушенија и зла“.

Во оваа прилика, митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки, г. Тимотеј, кој, на голема радост на монасите, исто така пристигна во манастирот и кој чиноначалствуваше со светата Божествена Литургија, упати и пригодна беседа до присутните, во која уште еднаш им напомна за значењето на постот, за тоа колку е потребно ова силно духовно оружје во борбата против разните искушенија и соблазни:

’Нашиот Спасител Господ Исус Христос,својата искупителна мисија за спасување на човечкиот род ја започнал со постот.Немал потреба да пости бидејќи е безгрешен,но сакал да ни покаже пример на нас грешните дека треба да постиме…Постот е потребно средство за да се постигне почист и совршен духовен живот.Со постот се контролираат страстите,се задушуваат лошите мисли,се исфрлаат нечесните желби,со еден збор,со постот од стариот гревовен човек се соблекува извалканата облека и се облекува во чиста и светла облека.Во срцето и душата умира стариот човек,а се раѓа нов, измиен, препороден, светол и осветен.Умира грешник и воскреснува повторно нов човек.Човекот станува повторно вистински син Божји и како таков, станува наследник на царството небесно.

Драги браќа и сестри, и ние денес собрани во оваа света обител, кога го прославуваме св. Теодор Тирон, а истовремено и св. Партениј Лампсакиски, подготвувајќи се во оваа прва недела од Великиот пост, како телесно така и духовно со исповед, да се соединиме со нашиот Спасител Господ Исус Христос преку светата причест. Да се помолиме на св. Теодор и св. Партениј, тие да бидат наши молитвеници, наши заштитници, поддржувачи во духовниот подвиг, не само денес туку и во останитите дни од Великиот пост.Деновите да ги поминеме во пост и молитва, со добри дела и да го дочекаме уште порадосни и повесели и светлото и победоносно Воскресение Христово.

Ја користам оваа прилика на игуменот Партениј, да му го честитам именденот и да му посакам крепко здравје и духовен напредок во неговиот живот во раководењето на братството на Бигорскиот манастир, како и сесетринството во Свети Георги во Рајчица. Св. Јован и Св. Партениј нека му бидат на помош. Амин.’

По молитвите на Пресветата наша Владичица, Богородица и по молитвите на светиот Партениј Лампсакиски, Господи Исусе Христе, помилуј нè!