Недела на Свети Григориј Палама

Споменот на големиот и светол проповедник на Светлината, светиот и преподобен отец наш, Григориј Палама, Светата Православна Црква свечено го одбележува и торжествено го празнува во Втората недела од Великиот пост, која е посветена токму на овој солунски чудотворец и голем проповедник на Божествената и незаодна светлина. Мајката Црква денес радосно пее во чест на овој чудесен служител на божествените тајни воспевајЌи го како: Божествената лира на Духот, трубата што јасно ги проповеда божествените тајни, солунскиот свештеноначалник, Богословскиот јазик, со песни да го прославиме.

Со река од солзи, св. Григориј го очистил своето срце, и постанал избран сад за даровите на Духот Божји, Кој исполнувајќи ја ризницата на неговата душа, го усовршил како вистински учител на богопознанието, на премудроста Божја и несоздадената Божја благодат.

Св. Григориј непоколебливо ги бранел догматите на православието, го посадил и умножил семето на верата; луто спротивставувајќи се на лажливите учења и ереси, ја отворил својата благодатна уста, за да ги исполни срцата на верните со пофалба за Бога и Божјата слава.

Славејќи го овој божествен и сечесен празник, во навечерието, а и на самиот ден, многуброен верен народ притекна во манастирот на Св. Георгиј во Рајчица, каде во рамките на конаците се наоѓа и параклис посветен на Тројцата светители: Св. Григориј Палама, Св. Нектариј Битолски и Св Јован Кукузел. Голема празнична вечерна служба беше отслужена во навечерието на празникот од игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј во сослужение на братството, додека на самиот празник беше отслужена Архиерејска Божествена Литургија со која чиноначалствуваше митрополитот г. Тимотеј, кој со пригодна беседа им се обраати на присутните верници:

Во денешното свето евангелие според Марко, ги слушнавме зборовите на Господа Исуса Христа пред да го илекува парализираниот: „Синко, ти се простуваат гревовите твои! Стани, земи си ја постелката своја и оди си дома!” (Мар.2,5 и 11) Преку овие зборови Господ ни покажува дека нашите гревови служат како причина за болестите, затоа е потребно најпрво да се отстрани причината, тогаш ќе исчезне и последицата од гревот – болеста.

За да разбереме какво погубно дејство произведува гревот или што му прави на целокупната човечка природа, потребно е да се знае што е тоа грев. Гревот прво е морален отров. Доаѓајќи во организмот, отровот предизвикува силно движење на крвта, се покачува температурата, настапуваат срашни исцрпувачки грчеви и смрт. Нешто слично се случува и со душата кога во неа ќе допрат духовните отрови, гревовните мисли. Во душата се случува силна вознемиреност на мислите, чувствата, желбите и стремежите така што целиот дух гори додека острастените движења на срцето не ја загушат совеста и не ја вовлечат душата во грев. Душата, пак која ќе отпадне од Бога, се лишува од благодатта и постанува мртва.

Какви средства и да употребиме против отровот, ако тој остане во организмот, смртта е неизбежна. Потребно е отровот да го извлечеме од оргнизмот. Така се случува и со затруената душа од гревот. Единствено средство за спас е извлекувањето на отровот од гревот преку тајната на исповедта. После исповедта, совеста заживува и преку опростување и помирување се повратува со нови сили и живот. Душата преку доаѓањето на Светиот Дух се осветува и повторно постанува подобна за живот и погодна за Бога.

Гревот, тоа е мрежа со која демонот нè лови во неговата волја: Кој прави грев од ѓаволот е, зашто ѓаволот греши од почетокот (1 Јов. 3,8). Со тоа срдство ги завладеал првите луѓе, а потоа и со целокупниот човечки род. Вплеткувајќи ја мрежата на гревот, ѓаволот ги држел во адските усти сите луѓе сè додека Големиот Рушител на синџирите гревовни, Господ Исус Христос, не се распнал на крстот и сè додека не им го открил патот на покајанието на сите кои Го љубат. Христос го победи ѓаволот и сите нас нè ослободи од него. Но, и покрај тоа, ние и по ослободувањето и големата победа, доброволно влегуваме во мражата на ѓаволот, задоволувајќи се со сладоста на гревот. Дали може да се ослободи птица која паднала во рацете на ловецот. Таа може да прави обиди да избега но, сепак е во мака. Така е и со огревовената душа. Може ли да се ослободи од власта на ѓаволот додека е во мрежата на лукавиот. Единствено среdство за спасение и за победа над гревот е покајанието. Преку него ги раскинуваме гревовните синџири и искрено се обраќаме кон Бога.

Гревот, тоа е кaрпа која нè одделува од Бога. Висината и недостапноста на таа карпа е подигната со гревовите на луѓето. Бог ја разрушил со својата смрт на крстот. А, ние, пак со нашите нови прегрешенија, повторно подигаме карпа и се лишуваме од општењето со Бога. Излез од таквата жалосна состојба се исповедта и причесната. Затоа се вели во Светото Писмо: „Ако ги исповедаме гревовите свои, Тој е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нè очисти од секаква неправда” (1. Јов. 1,9)

Само по себе, се разбира, дека вистинското исповедание на гревовите сме должни да го направиме целосно и совршено искрено. Исповедувањето на гревовите, без силна и цврста увереност да ги оставиме, тоа е еднакво како да Му велиме на Бога: Го слушаме Твојот глас и признаваме дека сме грешни, но остануваме уште во ѓаволските мрежи и не сакаме од нив да се оделиме.

Небесниот Самарјанин, Господ Исус Христос, го лекува и го крева секој грешник кој се кае со солзи на покајание. Животворната крв Христова живот дава само тогаш кога кон исповедта се пристапува со покајание. И кога не водиме спор со праведниот Судија, Бог, туку бараме милост и молиме за простување од Милостивиот Бог и Судија.

Затоа, драги христијани, кога се исповедаме да пристапуваме кон Бога искрено и да не ги криеме нашите престапи и гревови, ако сакаме опростување од Бога.

Како што знаеме, денеска светата Православна Црква го прославува свети Григориј Палама. Црквата во втората недела од Великиот пост го истакнува овој Божји угодник за да можеме од неговиот живот и од неговите дела да се поучиме. Како што знеме од историјата на Црквата, свети Григориј Палама водел тешка интелектуална теолошка борба со калабрискиот монах Варлаам. Нивната расправија била околу учењето за несоздадента светлина за која се застапувал свети Григориј Палама. Неговото учење, светата Црква, на своите Помесни собори, го прифатила како вистинско правилно исповедание. Но, додека се изборил за вистинитоста на православното учење, овој Божји угодник претрпел многу искушенија и многу страдања. Но, сепак, својот крај го завршува како голем подвижник и исповедник на догматите на светата Православна црква. Затоа и светата Црква го прославува како правило на верата и учител на вистината. Да се обратиме со искрена молитва кон свети Григориј Палама, тој да биде наш молитвеник и заштитник пред величието на семоќниот Бог, за да ни подари искрена молитва и исповед, за да го оттргнеме гревовниот отров подостоинствено и постојано да бидеме со Бога. Нека е слава и благодарност на Триединиот Бог, сега и во сите векови. Амин.”
По завршувањето на Божествента Литургија, присутните беа послужени со трпеза на љубовта.