Велик понеделник во Бигорскиот манастир и во манастирот во Рајчица

Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ и блажен е слугата што ќе го најде буден, а недостоен ќе биде оној што ќе го најде да дреме. Затоа пази, душо моја, сонот да не те притисне, и на смрт да не бидеш предадена, и вратите на Царството да не се затворат пред тебе, но разбуди се, викајќи: Свет, Свет, Свет си, Боже, по молитвите на Богородица, помилуј нe

Во овој свет и Велик понеделник одбележуваме спомен на блажениот и прекрасен Јосиф, и на исушената смоква. Бидејќи одовде добиваат почеток светите страдања на нашиот Господ Исус Христос, за прв негов образ (слика) се зема Јосиф. Тој беше последниот син на патријархот Јаков, роден од Рахила, кому браќата му позавидеа поради неговите виденија на сон. Најнапред тој бил скриен во една јама, а неговиот татко е измамен од неговите браќа со неговата искрвавена облека дека е изеден од некој ѕвер. Потоа за триесет сребреника бил продаден на Исмаилќани кои, исто така, го продале на Пентефрија – начлникот на евнусите на египетскиот фараон. Неговата жена се разгневи против Јосифовата невиност и чистота, затоа што не сакаше да направи беззаконие со неа, туку побегнал оставајќи ја својата облека. Таа го наклеветала на својот господар, и затоа доби зат вор и окови. Оттаму е ослободен поради негиовиот дар да толкува сонови и одведен пред фараонот, а потоа поставен за господар на сета земја египетска. Подоцна станал и снабдувач со жито на своите браќа и, откако во сѐ добро го помина својот живот, умре во Египет, со голем углед по ради неговата чистота, покрај другите добродетели. Може да се рече дека тој е праобраз (икона) Христова, бидејќи и на Христа Му позавидеа неговите едноплеменици Јудеи, и од ученик е продаден за триесет сребреника, и затворен во еден мрачен и темен ров – гроб, и оттаму излезе со своја власт, за да владее со Египет, односно над секој грев што го победува до крај. Он владее со целиот свет и човекољубиво нѐ искупува нас преку таинствено давање на пченица, бидејќи Самиот се дава за нас и не храни со небескиот леб – со своето живоносно Тело. Ете, од овие причини, прекрасниот (убавиот) Јосиф е поместен овде, како и споменот на исушената смоква за да нe поттикне на покајние.

Кога утрото се врати во градот, огладне и, кога виде една смоква која имаше само лисја но без смокви, се доближи до неа и рече: Никогаш повеке да не раѓаш плод! И веднаш се исуши смоквата.

Впрочем смоквата е секоја душа која е туѓа за секој духовен плод: кога наутро, односно по сегашниов живот, Господ не наоѓа кај неа покој, Он ја исушува со клетва и ја испраќа во вечниот оган, и таа стои како некој исушен столб, плашејќи ги оние што не дале достоен плод на добродетели.

Во светиот и Велики вторник правиме спомен на параболата за десетте девојки, а е поместена овде од страна на нашите богоносни отци: за да нѐ поучат секогаш да бидеме будни, подготвени да Го пресретнеме вистинскиот Младоженец, со добри дела, а најмногу со милостињата, бидејќи не го знаеме ни денот ни часот на крајот. Треба да го зачуваме целомудрието (чистотата) како Јосиф, но треба и нашата смоква секоја година да раѓа духовни плодови. Оној што ја практикува оваа единствена и голема добродетел, а ги занемарува другите, особено милосрдието, не влегува со Христа во вечниот покој, туку се враќа назад посрамен. Ништо не е потажно и посрамно од девство лишено од овие добра.

О Христе, Младоженецу (на нашите души), вброј нe меѓу мудрите девојки и придружи нe кон Твоето избрано стадо, и помилуј нe. Амин.