На Велики Четврток

Во светиот и Велик Четврток, како што ни пропишаа светите отци, според Преданието што го примија од божествените апостоли и од светите Евангелија, ги празнуваме овие четири настани: миењето на нозете, Тајната вечера, свештената молитва и предавството Јудино. Горната соба, послана Те прими Тебе со учениците и таму ја јадеше Пасхата, и ја изврши тајната на Твоето вочовечување, кога си им рекол: Јадете го со вера Лебот на животот и пијте ја крвта од реброто на закланиот Бог. Господарот им дава пример на смирение на учениците: Оној што небото со облаци го покрива, со крпа се препашува и колената ги преклонува, на слугите да им ги измие нозете; Он во чии раце е дишењето на сѐ што постои.

Да се доближиме сите со страв до тајната трпеза и со чисти души да го примиме лебот, останувајќи со Господа. Да видиме како им ги мие нозете на учениците, а и ние да направиме како што гледаме, покорувајќи се еден на друг нозете миејќи ги зашто Христос така им заповеда на Своите ученици, но Јуда – слугата и измамник, не Го послуша.

Со целив Го предаваш Христа, Јудо. Целиваш и не се срамиш, ти што со лага се служиш. Кој е тој што мразејќи целива, несреќнику? Кој е тој што пријателот го продава за пари? Овој целив ја предава предумислата на твојата ужасна намера.

Откако се одрече од соборот на апостолите, иако ги фрли триесетте сребрници, не се удостои да го види Твоето тридневно Воскресение. Господи, Кој воскресна, помилуј нѐ!