Денес чествуваме три празника: Нова година, Обрезание Господово и св. Василиј Велики.
Како патници, жедни за одмор и почивка, стигнавме на крајот од 2013 година и како работници кои не треба постојано да безделничат, туку мудро да го ползуваат времето, стапуваме во новата 2014 година.
„Гледајте…“, им пишува свети апостол Павле на Ефесјаните, а преку нив и нам, „колку внимателно треба да постапувате: не како неразумни, туку како мудри; ползувајте го времето (Ефес. 5, 15-16)“.
„Некој човек“, вели Спасителот, „имаше во своето лозје насадено една смоква, па дојде да бара од неа плод, и не најде; … Ете, три години доаѓам и барам плод на оваа смоква, и не наоѓам; пресечи ја; зошто да ја испостува земјата? А тој му одговори и рече: Господаре, остави ја оваа година, дури да ја опкопам и да ѝ ставам ѓубре, па, ако даде плод, добро, ако ли не, тогаш в година ќе ја пресечеш (Лк. 13; 6-8)“.
Колку поучно значење има оваа приказна на Господа за нас! И колку јасно ни ја открива тајната на времето, учејќи нѐ грижливо и внимателно да го користиме согласно со Божјата волја. Кој знае, можеби уште сега во Божјиот совет се подготвува слично такво решение за некого од нас! Не три, туку многу години милостивиот Господ чека од нас плодови на христијански живот, со коишто одамна требаше да ја украсиме својата душа. Нејзиното божествено засадување е извршено уште при светото крштение; потоа неа светата Црква мајчински ја опкружува со најголема грижливост; во Божјото слово и во светите Тајни, пак, таа, како жедна билка добива божествено полевање, ѓубриво и храна. И покрај сето тоа, каде се плодовите што Бог ги очекува од нас? Он долготрпеливо ги бара во нашата душа, но не наоѓа ли наместо нив само овенат цвет, или пак, некакви диви и горчливи плодови што немаат вредност, и што не одговараат на сета љубов и нега од страна на нашата света Црква? Времето лета и годините се нижат една по друга, па зaтоа да внимаваме да не го злоупотребиме и ние лекомислено Божјото долготрпение! Да не го слушнеме страшниот глас: „Пресечи ја!“ Секоја изгубена минута, помината не само во грев, туку дури и во безделничење е веќе загуба, неповратно расфрлање на Божијот дар. Зашто ако го загубиме нашето богатство, можеме повторно да го создадеме, ако се разболиме, со Божја и лекарска помош, можеме повторно да си го вратиме здравјето. Но изгубеното време е изгубено засекогаш! Да се потсетуваме секогаш дека времето може да биде наш сојузник, но и наш непријател. Тоа само по себе, во рацете на мудрите претставува скапоцен залог со којшто, при умесно користење, може да се придобие најголемата ризница – Царството Божјо.
И бидејќи сме патници на земјата, како и секој друг патник што чекори по тежок и неизвесен пат, имаме потреба од искусен водач, некој којшто добро ги познава патеките, опасностите од застранување, тешкотиите, искушенијата и може мудро да нѐ води, упатува, пази на нас, да ни помага и да нѐ спасува.
И ете, светата Црква, празнувајќи го денес Обрезанието Господово, ни Го посочува Тој Водач и Спасител во Кого е нашиот спокој. Таа преку зборовите на денешното евангелско четиво (Лк. 2, 20-22; 40-52) ни раскажува за Обрезанието по плот на нашиот Спасител во осмиот ден после Неговото Рождество, кога на Богомладенецот Му било дадено името Исус, како што било известено од ангелот пред Тој да биде зачнат во Девствената утроба (Лк. 1, 31). А самото име Исус значи ‘Спасител’ (Мт. 1, 21).
Нема ништо подобро што би можеле да го посакаме сега, на почетокот од новата година, од Самиот премудар Раководител, нашиот Господ Исус Христос, и ништо подобро што би можеле да направиме отколку да си ветиме дека верно ќе го следиме нашиот духовен старец, како образ Негов, кој преку светата тајна на евангелската послушност нѐ прави најсигурни следбеници Христови, и сега, дури сме овде на земјата, и засекогаш, во вечноста. За тој дар Ти благодариме, Господи, од сето срце и од дното на душата! Благослови го нашиот духовен татко, та преку неговиот благослов да бидеме благословени и ние за новиот пат што ни претстои!
А тој пат го врвеле многу исклучителни личности, кои неотстапно за Водач, и Учител, и Спасител во својот живот Го имале единствено Господ Исус Христос. Меѓу нив, како блескава ѕвезда, светли подвигот на св. Василиј Велики, чиј спомен се слави денес. Овој божествен светител и вселенски црковен учител, бил неисцрпна ризница преполна со благодат и небесна мудрост, духоносен извор, кој со полноводни реки на благочестиви учења ја напоил вселената, непоколеблив борец за Православието, пастир на Христовата Црква и архиепископ на Кесарија Кападокиска.
Во спомен на еден настан од неговиот свет живот, кога Господ поради неговата силна вера направил чудо и го сочувал градот од злочестивиот цар Јулијан Отстапник, светата Црква востановила прекрасна традиција на овој ден да се прекршува пита со паричка. Ваквата традиција, која на чудесен начин ја надополнува благодатта на прекрасната Василиева Литургија, е можност нашиот старец, игуменот Партениј, заедно со браќата и сестрите во нашите две обители, прекршувајќи ја василопитата, да го благослови почетокот на новото лето Господово, на еден многу благодатен и торжествен начин. Како и секогаш, тоа е можност и за нашите бројни гости, особено дечињата, да ја почувствуваат и споделат со нас радоста поради благословениот почеток на годината.
Господи, Создателу на сите созданија, Кој во Своја власт си ги ставил времињата и годините, благослови го, според Твојата милост, кругот на новата година што настапува; Исусе Христе, Ти оди пред нас во ова Ново лето и биди ни Водач, Искупител и Спасител! За да можеме и ние, носејќи го својот крст, да Те следиме со радост, сепредано и неразделно! Отче наш, свети Василие, кој престојуваш пред Пресветата Троица, спомнувај нè и нас и испроси ни простување на гревовите и голема милост! По милоста Божја да се исполниме со Дух, „пеејќи и воспевајќи Го Господа…, благодарејќи Му секогаш за сѐ на Бога и Отецот, во името на нашиот Господ Исус Христос!“(Ефес. 5, 18-20) Амин!