Светлозрачен спомен на Саровскиот Светилник во Бигорската обител

Св. Силвестер, папа Римски и Преп. Серафим Саровски

„Пријдете, собори на верните, со пофални песни денес прекрасниот отец да го прославиме и заедно да му воскликнеме: Преподобен отче Серафиме, ти навистина со божествен живот си се удостоил и од Бога венец на неминливата слава да примиш. Затоа Саровската обител со тебе се фали. Луѓето, пак, гледајќи го кивотот со твоите мошти и чудеста што од него стануваат, Го слават Господа Кој во тебе се прослави: Него моли Го, отче преподобен, да им дарува на душите наши мир и голема милост“

Слава на „Господи, воззвахъ…“

Божествена заповед за секој христијанин е да живее „достојно за Бога“ (Кол. 1, 10), Кој од неискажливо човекољубие се роди од Пречистата Дева и како Богочовек благоволи Целиот да пребива во Црквата Своја. А да се живее „достојно за Бога“, тоа значи да се живее според Евангелието Христово. „Живејте само достојно за Христовото Евангелие“ (Фил. 1, 27). Животот според Евангелието, таа Книга на радоста, живот свет, живот божествен, бесконечен – тоа е сосема природен живот за секој христијанин. Со посредство на верата и светотаинскиот живот во Црквата, христијаните духовно и благодатно се соединуваат со Господ Исус Христос и од Него добиваат божествени сили да водат свет живот. Живејќи со Христа, светиите ги творат делата Христови, зашто со Него тие постануваат не само моќни, ами и семоќни: „Сѐ можам преку Исуса Христа, Кој ме крепи“ (Фил. 4, 13). И на нив јасно се исполнуваат зборовите на Вистинитиот, дека оние што веруваат во Него ќе ги вршат делата Негови, а и поголеми од нив: „Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши“ (Јн. 14, 12).

Гледајќи ги чудесата на преподобниот Серафим Саровски, што како бујно разгранета лоза ја осенуваат целата земја, кој здраворазумен би се осмелил да помисли дека овие Спасителови зборови се недејствителни? Зашто голема и преголема е славата на светиот Саровоски Старец поради „чудесата што од него стануваат“. И „затоа Саровската обител со него се фали“. Но не само над својата „возљубена пустинка“ во Саров и Дивеево тој го спрострел својот татковски благослов… Ете, тој триблажен „избраник на Божјата Мајка“ стана пофалба и на нашата света Бигорска обител! Самиот тој милостиво во срцето на нашиот старец, архимандрит Партениј, вдахна желба во Бигорското вековно светилиште да му подигне храм, прв во македонската земја. А кога на неговата небесна љубов и застапништво, милиот ни старец возврати со иста мера, Божјиот Серафим испрати благослов за целиот наш верен народ – делче од неговите најсвети и чудотворни мошти.

„Луѓето, пак, гледајќи го кивотот со твоите мошти и чудеста што од него стануваат, Го слават Господа, Кој во тебе се прослави“. И како би можеле да не Го славиме, кога ни подарил таков голем и пламен застапник за нас, грешните, кога ни те дал нам како утешител, наставник, извор на радост!? Затоа, прими ги, највозљубен отче наш Серафиме, молитвите што утрово на светото богослужение ти ги принесовме од нашите срца; прими ја како наш мал скромен дар и литијата со твојата чесна икона и светите мошти, што ја направивме со срдечни молитвословија во твоја чест, од соборната манастирска црква на светиот Крстител до твојот новоизграден храм во скитот; прими го и тој храм што ти го принесуваме за твоја слава и слава на православна Русија, и самиот ти, со твоите молитви, благоукраси го тоа светилиште; спомни си, милостив светилнику, и за подвигот на верните што допатуваа од Скопје и од други краишта на нашата татковина за да го прослават заедно со нас твојот свет спомен, и по нивните молитви и молитвите на сите што те љубат благослови ја оваа православна земја и народот што во неа живее. Ти благодариме, штедар молитвениче, за сите твои чудеса со кои нѐ спасуваш нас, недостојните, ти благодариме за твоите непрестајни и најсвети молитви, ти благодариме и за дождот што денес го измоли од Господа после долгата сушна зима. Не престанувај, свети Серафиме Саровски Чудотворче, да се молиш за сите коишто со вера и љубов те почитуваат!