Празникот на Просвештението

„Велик си Ти, Господи, и чудесни се делата Твои и ниеден збор не е доволен да ги искаже Твоите чудеса“.

од чинот на големиот Богојавленски водосвет

Стоиме со смирен восхит пред Твоето неискажливо човекољубие. Ти, Господи, благоволи во лик на човек да влезеш во Јорданските води, соединувајќи се не само со човекот, ами и со сета твар, и така она што беше умртвено и мрачно го претвори во блескав сад, во светлосно естество, кое стреми кон радост и живот. Ти, иако Безгрешен, прими Крштение од раката на светиот Претеча, сообразувајќи се со сите нас, грешните луѓе, зашто дојде во светот не да го судиш и осудиш човекот, туку со Својата безгрешност да го исцелиш секој грев човечки и него повторно кон божествен живот да го приведеш. Со Своето Рождество и Крштение Сиот се соедини со грешното Твое создание, за да можеш од љубов кон нас да ни станеш доброволно заедничар во сѐ, па дури и во смртта. Твоето смирение, Господи, кога ја приклони главата пред раката на Своето создание, ги отвори небесата, па блесна сѐ и затрепери со радоста на првосоздадената убавина, и светот се откри како свет Божји, измиен, обновен, преисполнет со пофалба и благодарење. И се чу глас од висините, сведочејќи за Твоето синовство, а Светиот Дух во вид на гулаб, како некогаш гулабот на Ное, го означи потопот на гревот. Зашто светот беше отпаднат од Бога, потопен во грев, темнина и смрт, но, слегувајќи во водите и објавувајќи ја Својата милост, Ти ни го враќаш измиен, обновен, блескав во славата на својата првосоздадена убавина.

Пријдете, верни, да Му пристапиме и да се просветлиме, и лицата наши, озарени со вистинската светлина, нема да се посрамат, зашто Господ Бог ни се откри нам за да го познаеме Неговото Просвештение и разумно да Го восхвалиме.

Ова е благодатта и силата на Крштението, кое не се јавува како потоп на целиот свет како во она време, туку ги потопува гревовите на секој човек и измива секаква сквернота. Зашто во она време на страшниот потоп водата ја умртви човечката природа, но сега водата на крштението, преку Христа Кој се крштева, ги оживотворува умртвените од гревот. Тогаш Ное направи ковчег од делкани дрва, а сега духовниот Ное – Христос го направи ковчегот на телото од нетрулежната Дева Марија. Тогаш гулабот, држејќи маслиново гранче, го навести крајот на потопот, а сега Светиот Дух, Кој слезе во вид на гулаб, Го покажа милостивиот Господ.

Радоста на Христовото Крштение и Троичното јавување и овој пат го озари бигорското небо со блескави зраци на себлагодатното Просвештение. Тоа богојавленско небо на браќата и сестрите од нашите две обители и на сите околни села им го објавува Оној Кој доаѓа на Јордан да се крсти, Кој од искон го љуби човекот и кој поради него сиот свет го претвори во јавување на Својата љубов, вечност и радост. Не случајно нашите христијани од овој крај, предани чувари на својата прадедовска вера, го избраа овој ден за својата повеќевековна традиција на осветување на крстот, потврдувајќи ја силната вера во Крстот Господов и нивната надеж во Воскресението Христово. Тие се овде на овој сеноќен подвиг, за да го продолжат делото на своите предци, та откако молитвено ќе ја поминат ноќта со монашкото братство, земајќи ги крстовите, осветени со духовниот оган на благодатта и светата богојавленска вода, да однесат мир, љубов и радост во своите домови. А еве, овојпат и радоста е поголема оти, по двегодишна пауза, кумовите од с. Јанче, благодарение на благочестивото семејството Симоновски, а особено на христоверната Милка Симоновска која прва го послуша гласот на св. Јован и ревносно одговори на повикот на нашиот старец, архимандрит Партениј, повторно го красат овој благочестив собор. Затоа со посебна светлина сјаат лицата на присутните во храмот, додека громко одекнува серадосниот псалм: „Гласот Господов е над водите…“, додека на сите страни околу манастирската фијала летаат блескави капки на осветената вода и светот одново станува можност, ветување, и градиво на таинственото чудо на преобразување на животот. И среде таа неискажлива Божја тајна, оросена со богојавленската вода, гори нашата надеж дека колку и да е извалкан, помрачен и во кал фрлен нашиот живот, секогаш е можна таа очистувачка река на жива вода, зашто не е мртва и не може да умре жедта за небото, доброто, убавината – она што човекот го прави човек.

Распламтени од таа надеж и облагодатени од Богојавленската Литургија, слегуваме од Ростуше кон немирната и брза Радика, весело сообразувајќи се со звуците на празничниот тропар, додека речните води радосно жуборат, очекувајќи го своето осветување. И ете, празничната поворка е веќе крај мостот, а нашиот возљубен старец, архимандрит Партениј, ги пее последните стихири од водосветот. Потоа дрвениот крст се вивнува во воздухот и паѓа во водата среде толпата млади што долу нетрпеливо го чекаат мигот први да се потопат во осветените води, стекнувајќи го благословот на овој светол ден. Секако, најблагословениот меѓу нив Стефан Главевски од Битола, кого Бог го удостои да го фати крстот, веќе ги прима честитките од игуменот Партениј и своите ближни, а прима и дарови приготвени од пријателите на манастирот, градоначалникот на Маврово-Ростуше, г. Мукрем Мехмеди, минатогодишниот кум на крстот од с. Ростуше, г. Велимир Божиновски и веќе постојаниот дарител на овој празник г. Хари Локвенец од Прилеп. Милостив Господи, Кој денес благоволи да примиш Крштение, просветли нѐ нас со светлината на Твоето просвештение, та почитувајќи го овој свет празник и празнувајќи го со ревност, да стремиме кон духовна храна и вечна радост, како што нѐ поучува велегласно пророкот Исаија, велејќи: „Вие што жеднеете, дојдете при водите (Ис. 55, 1) и со радост нацрпете вода од изворите на спасението (Ис. 12, 3)“. Амин!