Оваа година, пак, радоста што ја донесе празникот на Просвештението ја надополни и неизмерната благодарност кон Бога што за прв пат, после неколку години обнова, беше отслужена света Литургија во храмот на Рождеството на Пресвета Богородица во с. Ростуше. Колку ги возрадува и обнови нашите души таа Василиева Литургија, отслужена од нашиот старец, архимандрит Партениј, и браќата јеромонаси и јероѓакони! Благодатта од светото Богојавление го осенуваше секое катче од овој возобновен Божји дом, удвоена од благодатното присуство на нашата преблагословена Владичица Богородица, Која радувајќи се со Својот обновен и преполн со верници храм, го испрати Својот мајчински благослов.
Небесната светлина од таа Богојавленска благодат продолжи да нѐ озарува и подоцна, кога од сред село во молитвената литија се упативме кон Ростушкиот мост. Таму, пак, над блескавата Радика, како некогаш над славниот Јордан, благодатно се отворија небесата и сештедриот Бог повторно го испрати Своето просветление врз сите нас, осветувајќи ја и целата земна природа. А го слушнавме и Неговиот глас преку богопросветлената проповед на нашиот најмил старец, кој пред самиот чин на фрлањето на крстот во водите, му се обрати на надојдениот и жеден по Бога народ:
„Стоиме, возљубени, пред една голема и возвишена тајна, тајната на Христовото Крштение. Денес Безгрешниот се крштева во Јордан од раката на свети Јован Крстител не за да се очисти од гревовите, бидејќи ги нема, туку за да го очисти целото човештво од гревот Адамов. И ете, небото се отвора, Духот Божји во телесен облик на Синот Божји слегува, а од небесата гласот на предвечниот Отец се слуша: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Моја волја“! Троичното Божество на родот човечки му се открива и со Својата семоќна благодат го преплавува!
Со прекрасни зборови денес ни се обрати нашиот Господ преку посланието на апостолот Павле до Тит: ‘Зашто се јави Божјата благодат, спасителна за сите луѓе. Таа нè учи да ги отфрлиме нечесноста и похотите од овој свет, чесно, праведно и побожно да поживееме во овој век’. (Тит. 2, 11-12). Неслучајно овие зборови ги читаме на овој ден, кога се осветува водата со дејството, силата и наитието на Светиот Дух. Преку Својот животен подвиг, а пред сè преку Своите сечесни страдања, смртта и преславното Воскресение, Спасителот Христос, му го опростува гревот на целиот род човечки, дарувајќи им ја на луѓето Својата благодат, Својата сила, ‘спасителна за сите луѓе’. Господ ги востановува со луѓето истите односи какви што биле помеѓу Бога и човекот во рајот.
Апостолот вели дека благодатта нас ‘нè учи да ги отфрлиме нечесноста и похотите од овој свет’. Но како е можно благодатта да поучува? Знаеме дека човекот се поучува од зборовите, изговорени усно или запишани; се учи уште и од искуството во животот. Тогаш како благодатта Божја може да поучува? Овие апостолски зборови ни помагаат да разбереме дека сите проблеми што човекот е способен да ги реши со својот разум, може да ги реши со соодветниот степен на образованост, знаење и умешност. Но само главната животна цел, целта на човековото спасение, не може да се постигне со силата на нашиот разум. Без помош од Бога, без благодатта Божја ние не можеме да ги отфрлиме нечесноста и похотите од овој свет. Стануваме способни за такво нешто единствено преку силата на благодатта Божја.
Благодатта нѐ учи уште и на тоа дека, без разлика на сите искушенија, било интелектуални, било морални или егзистенцијални, што ги снаоѓале луѓето во текот на сите овие две илјади години христијанска историја, – вистината за спасението неповредливо се чува единствено во Црквата православна. Тоа неповредливо чување на вистината не е достапно дури ни за човечкиот ум. Единствено силата Божја ја чува таа вистина за спасението во Црквата наша. Ете зошто Црквата е непоколеблива, ете зошто ни вратите адови нема да ја надвладеат, ете зошто, без разлика на сите тешки околности со кои со соочила и се соочува таа, сепак опстоила и ќе опстои до Второто и страшно Христово пришествие. И не само поради вистината, толку неопходна за сите луѓе, која таа ја проповеда научена од Самиот Спасител, но и поради тоа што во Црквата се чува и се предава честицата на Божествениот живот – благодатта Божја. А доаѓањето на таа благодат особено го чувствуваме на денот на Просвештението, кога водите се осветуваат, кога се допираме до таа осветена, полна со благодат вода, кога ја вкусуваме заедно со светата Евхаристија. Тогаш и ние стануваме сведоци на големата помош Божја, но само доколку со страв Божји и побожност пристапуваме кон оваа голема тајна. А доколку некој без благочестие и страв Божји се допира до осветената вода, таа престанува да биде вода која тече во живот вечен.
И денес, кога ја осветивме водата, ние извршивме дејство кое ќе беше невозможно доколку Христос не пострадаше и не воскреснеше, јавувајќи ни ја благодатта на Светиот Дух. Осветувањето на водите, слегувањето на Божјата благодат врз физичката природа е симбол, знак на ослободувањето од гревот, кое Христос му го донесе на родот човечки. И секој од нас кој се допира до осветената вода, кој се поросува со неа, кој ја вкусува, ја прима таа Божја енергија, таа Божествена благодат, која ‘нè учи да ги отфрлиме нечесноста и похотите од овој свет’, и ни помага да се запазиме себеси за Царството Божјо. Амин!“
Благословот од крстот, пак, годинава го доби битолчанецот Иванчо Младеновиќ, кој покрај обилната благодат, беше даруван и со пригодни подароци од страна на нашиот почитуван градоначалник на општина Маврово-Ростуше, г. Мукрем Мехмеди, и од долгогодишниот пријател на манастирот и редовен дарител на овој празник, г. Хари Локвенец, раководител на фирмата „Ха-Ем“ од Прилеп.