Во сета дваесетвековна христијанска историја многубројни се сведоците на Христовата љубов коишто со своите преславни подвизи, како послушни и возљубени чеда, Го прославиле на земјата нашиот Отец Небесен. Но, сепак, во тоа недогледно море на човештвото нив ги среќаваме многу ретко, тие се толку малобројни. Реткост се таквите сведоци, таквите чеда Божји, зашто нема потежок, поболен, пострадален подвиг од подвигот на љубовта и борбата за неа; зашто нема посилно и помоќно сведоштво од сведоштвото за љубовта; и нема поголем предизвик од проповедањето на љубовта. Особено во ова наше време на апостазија.
Сепак, љубејќи ја до крај Својата највозвишена творба – човекот, Благиот наш Спасител Христос не го остави ни нашето време без такви блескави сведоци на Својата Божествена љубов. Еден од тие славни пријатели Христови, кој со подвигот на љубовта засветлил во минатиот век, е и нашиот отец меѓу Светиите, Архиепископот Јован Шангајски и Сан-Франциски (1896 – 1966). Усрден молитвеник пред чиј проѕорлив поглед иднината непречено се откривала, пастир Христов кој душата своја ја полагал за овците свои, блажен Чудотворец, пророк и благовесник, еден од Апостолите на новото време, Архиепископот Јован (Максимович) бил навистина „столб и тврдина“ на Православната Црква во богоотстапничкиот XX век. А нашиот народ и нашата православна Татковина со посебна духовна врска се поврзани со овој голем Светител, кој извесен период од својот живот го поминал како професор во прочуената Битолска богословија, каде што како вистински татко со најголема љубов и внимание се грижел за своите ученици. Неговиот светителски благослов не престана да го закрилува нашиот благочестив народ ниту по неговата телесна смрт. Сведоштво за тоа е и неговото благоволение да ни подари делче од своите нетлени и чудотворни мошти, коешто со благослов на Архиепископот на Сан-Франциско и Западна Америка, г. Кирил, од Руската задгранична православна Црква, а после упатената молба од страна на нашиот Старец, Архимандрит Партениј, пристигна во Бигорскиот Манастир на 29 февруари 2012 година.
Љубовта што нашиот Старец уште од дете ја има кон овој прекрасен Светител, се пренесе и врз сите чеда на Бигорската Света Обител, па така таа секоја година со големо достоинство и чест го прославува неговиот свет спомен.
Со вера и љубов твојот спомен денес го почитуваме, небесен човеку и земен ангелу; зашто вистински пустиник во овој многуметежен свет си бил. И умртвувајќи ги сите страсти, си достигнал несогледлива духовна висина, и вистинско светло чудо си бил во мракот на овој век. Затоа, се восхитуваме на твојата голема слава на Небесата и умилно го славиме твоето прославување. (Седален од Последованието на Св. Јован Шангајски).