Кога со Твоето јавување ја просветли вселената, тогаш побегна соленото море на неверувањето, и Јордан што течеше надолу се врати назад, нас издигнувајќи не кон небесата. Но со височината на Твоите божествени заповеди сочувај нѐ, Христе Боже, по молитвите на Богородица, и помилуј нѐ.
Ипакој на празникот
Настапи новиот, пресветол празник, денот на Светлините, денот на преславното Крштение Господово, кое нам сите ни го даде препородот, просвештението, обновението и посинувањето на Отецот Небесен. Одново да се зарадуваме на безмерната благост и премудрост Божја, кој чудесно го устрои нашето повторно раѓање во водите на Јордан, потопувајќи Го во нив Самиот Господ на славата и така осветувајќи ги водите, за да ни даде можност за наше таинствено обновување. Сега над водите Јордански се јавува Единиот Бог во Три Лица: Отецот со гласот, Синот во плот, и Светиот Дух во вид на гулаб. И јавувајќи се, сета твар ја обновува, нов свет создава: „Ете старото помина, сега сè стана ново“ (2 Кор. 5, 17). Оти првиот свет по природа беше тежок, не можеше да се вознесе кон небото, и бараше цврсто тло за таму да ги постави нозете свои, а новата твар што излезе од водите Јордански е толку лесна, не тежнее кон земјата, туку бара височини и брзо се упатува кон отворените над Јордан небески двери. И човечкиот род веќе се влече по земјата, туку како крилата птица излетува од водите на крштението, затоа и Духот Свети се јави над водите како птица за да ги вознесе на небото своите рожби што ги роди преку бањата на крштението.
Секој голем празник за Бигорската Света Обител е искуство на радост и обновување. Но овој празник на благодатта со посебна светлина го бои бигорскиот небосклон, бидејќи на него блеска тајната на славниот негов патрон Св. Јован Крстител, сведокот на Троичното јавување, кој на овој светол ден послушно ја положи раката своја на пречистата глава на Спасителот и Го крсти, исполнувајќи ја така целта на своето постоење. Денес монашкото братство го празнува тоа неискажливо таинство, споделувајќи ја со својот небесен застапник, радоста и очекувањето на немирните струи на Радика, која брза кон своето осветување. Собрано во возобновениот ростушки храм, заедно со големото мнозинство верници, не само од околината туку и од целата наша татковина, на Богојавленската Литургија ги примаа жедно благодатните зраци што извираа од секој стих, секој празничен напев, секој восклик на серадосниот тропар. Тоа вдахновено стихословие како да ги разбуди од сон ростушките улици, го надополни ликувањето на сета твар од денешното Божествено осветување и ги повика сите на една свечена литија до ростушкиот мост, каде традиционално нашиот Старец, Архимандрит Партениј, го извршува големиот Богојавленски водосвет, завршувајќи го тој свет чин со полагањето на крстот во брзите и надојдени води на Радика. Таму, кај речните брегови го очекуваа повеќе од стотина млади луѓе од секаде низ Македонија, понесени од желбата да го стекнат благословот од осветувањето на водите. Беше тоа навистина еден изблик на духовна радост присутна кај сите нив. Крстот, пак, го извлече битолчанецот Александар Најдовски, кој беше награден и со пригоден дар од нашите традиционални спонзори за овој настан – општина Маврово-Ростуше и компанијата „ХаЕм“ од Прилеп.
Слава Му на Господа Исуса Христа, Кој се крсти во Јордан заради нашето спасение и ни дарува возрождение и живот вечен, раскинувајќи ги оковите непријателски и претходното проклетство, и нашата праведна отфленост од Бога.