Прва недела на Чесниот Пост. Недела на Православието
Со целиот свој празничен блесок засветли денес Првата недела од Светата и Велика Четириесетница. И со тој блесок веќе ја најавува пасхалната светлина на Воскресението Христово што се наближува. Светите Отци премудро ја положиле оваа Недела на Православието, за да ни го осветлува понатамошниот пат на подвигот во благочестието и правата вера во Троединиот Бог. Во неа го празнуваме седмичниот круг на Вселенските собори на нашата света Црква и утврдувањето на вистинскиот начин на исповедание и славење на Светата Троица. Иако историски овој празник е поврзан со конечната победа над иконоборството, коешто неколку векови ја вознемирувало Црквата, сепак тој претставува торжество на православната вера над сите лажни учења, ереси, кривоверија и неверија… Со него се утврдува не само православното учење за светите икони, туку и сите догми и правила на сите Вселенски Собори; се благословуваат не само иконопочитувачите, туку и сите благочестиви патријарси, цареви, отци и верници, а се анатемисуваат сите што тешко се огрешиле против светата Црква православна и нејзиното учење.
И како што е блескав овој победнички празник, блескава беше и атмосферата во нашата Свештена Бигорска Обител на вчерашното бдение, а особено денес, на Светата Литургија, со која чиноначалствуваше нашиот богољубив Старец, Архимандрит Партениј, во сослужение со браќата јеромонаси и јероѓакони. Посебно, пак, празнично обележје и печат на денешното богослужение беше торжествената литија со Чесниот Крст и светите икони, после која Старецот, пред многубројниот надојден народ, свечено го возгласи Синодиконот од Неделата на православието со кој „годишно должно благодарение Му принесуваме на Бога… и на оние кои доаѓањето на Бога Словото во тело, со збор, усни, срце и ум, писмо и икони го исповедаат…“
Трогнат, пак, од убавината и длабочината на зборовите со кои е опишана средбата на Филип и Натанаил од денешното евангелско зачало (Јн.1:43-51), Старецот ја збогати нашата трпеза на љубовта со една своја боговдахновена проповед.
Слово на Неговото Високопреподобие во Првата Недела од Чесниот Пост, изговорена во големата трпезарија
Го слушавме денес, мили мои, прекрасниот и длабок по содржина евангелски расказ за двајцата пријатели Филип и Натанаил од Галилеја. Ете едно вистинско пријателство засновано не на некакви земни, лични интереси, туку пријателство соединето со врската на совршенството, која е љубовта Божја (сп. Колос.3:14), и од која произлегува и меѓусебната заедничка љубов. Апостолот Филип го слушнал гласот Божји: Врви по Мене, и уловен од тој чудесен, Божествен глас, веднаш оставил сè и тргнал по Христа. Тој едноставно сфатил во себеси дека пред него стои не обичен Човек, туку Оној по Кого неговата душа горела, Оној Чиешто доаѓање го сонувал. Чувството на воодушевеност од близината на Господа Исуса Христа му влевала сигурност дека Он е Вистинскиот, Пророкуваниот, Долгоочекуваниот. И Филип нетрпеливо побрзал да Му го открие Христа на Натанаила, на својот пријател, на својот ближен, на својот брат во Господа, и со јасна увереност, со восхитеност, му рекол: „Побрзај! Доаѓај со мене! Го пронајдовме Оној за Кого пророкуваа пророците и Го очекуваа праведниците и нашите татковци! Го најдовме Исуса, синот Јосифов од Назарет, за Кого пишуваше Мојсеј во Законот, и Пророците!“ Очигледно е дека Филип и Натанаил добро ги знаеле Писмата, често ја посетувале синагогата и слушале од свештениците, а и меѓу себе си разговарале околу Божјото ветување за доаѓањето на Месијата и избавувањето Израилево, и со надеж го чекале тој прекрасен ден на посетата. Филип сега поверувал дека Месијата е Оној Кој со некоја непозната привлечна сила му рекол: Дојди и врви по Мене! Но, иако неговите очи Го виделе Спасителот, тој не можел толку лесно да го увери Натанаил во тоа. Кај Натанаил постоел извесен сомнеж, или подобро речено, претпазливост, зашто тој добро внимавал на пророчките зборови и знаел дека Месијата треба да се роди во Витлеем Јудејски, а не во Назарет како што му соопштил неговиот пријател. Затоа и го прашува: Може ли нешто добро да излезе од Назарет? И двајцата другари сè уште не знаеле дека Господ Исус Христос не е роден во Назарет каде што израснал, туку во Витлеем. Ова Натанаилово прашање за Филипа можеби било отсечно, ладно, сурово, но навистина било многу разумно. И што направил Филип? Тој едноставно цврсто верувал дека Го нашол Спасителот и не се обидел да полемизира со Натанала, туку му одговорил многу просто: Дојди и види. „Дојди и увери се самиот, јас ништо повеќе не ти кажувам“. Не се ни обидел да ја опшие убавината на Оној што Го сретнал, Неговата величествена појава, Неговиот моќен глас, Неговиот продорен поглед, Неговата Божественост, трепетот на својата душа во Негово присуство. Знаел дека такво нешто не може да се опише со зборови, туку може само да се доживее и види. Зашто нема ништо поубаво и понеискажливо од тоа да се биде со Бога, да се општи со Него, да се види со духовни очи. Филиповото дојди и види ни укажува токму на тоа дека нашата христијанска вера не е некаква апстракција, туку е вера на опитот, вера вистинска, посведочена, вера во живиот Бог и во Словото воплотено, во она, што беше од почетокот, она што го чувме, она што со очите свои го видовме, што го разгледавме и што рацете наши го опипаа… (1Јован.1:1). Значи, ние имаме таква вера преку која го чувствуваме реалното Божјо присуство, преку која можеме да бидеме блиску до Него, да другаруваме со Него. Затоа, да се потрудиме да бидеме сите како Филип, да станеме Филипи! Најнапред да Го бараме Бога, да копнееме по Него, да учиме за Него, да Го очекуваме и да го отвориме своето срце за Неговиот глас, та кога ќе ни рече: дојди и врви по Мене, да тргнеме веднаш по Него. Зашто ние сме создадени да бидеме во заедница со Бога, која започнува уште тука, на земјата, и продолжува во вечноста. Ако го направиме тоа, тогаш нашата душа ќе се пробуди, ќе се исполни со Божествена сила, така што и ние ќе почнеме да ги повикуваме другите на најубавото место. А каде е тоа најубаво место? Се разбира, во близината на Бога, во присуството Божјо. Во Црквата како заедница на Телото Христово, таму каде што Бог се откривал низ историјата, каде што им се откривал на старозаветните пророци и праведници уште од Адама; најпосле, каде што им се открил во тело преку Својот Единороден Син на Филип и Натанаил, на другите Апостоли, на мачениците, исповедниците, праведниците и на сите светии. Нашата вера е вера на откровението Божјо, на Вистината и Познанието, кои не од луѓе, ами од Бога се откриени, и од многубројните маченици и исповедници со многу крв потврдени: и животот се јави, и видовме, и сведочиме, и ве известуваме за вечниот живот, кој беше во Отецот и нам ни се јави (1.Јован.1:2). Преку оваа вера на Откровението човекот станува сведок Божји, зашто Го гледа и Го чувствува Бога во Неговото таинствено присуство, општи, другарува со Него. И од тоа другарување со Бога духовната состојба на човекот станува сè поубава, и неискажливо умиление ја исполнува душата, така што тука, во таа состојба, зборовите ја губат власта своја и стануваат потполно немоќни. Единствено што ни преостанува е да го повториме Филиповото: дојди и види, кое сега, преку благодатта Божја, ја добива онаа моќ на Христовото: дојди и врви по Мене! И тогаш што се случува? Натанаил станува, мојот пријател станува, мојот ближен станува, тргнува и Го наоѓа Христа, и веќе не му е важен ни Назарет ни Витлеем, туку единствено што му е важно е тоа што повеќе да Му се приближува на Христа, да пребива со Него, да се насладува со Него, да се радува со Него. Зашто неговиот живот веќе станува предвкус на Царството Божјо.
Ете така, мили мои, треба уште овде да Го бараме Бога за Он да ни се открие, а откако ќе Го спознаеме во Неговата убавина, да ревнуваме и другите да ги приведеме при Него. Тогаш нашиот живот ќе биде исполнет, тогаш нашите пријателства ќе бидат вистински пријателства, токму како пријателството помеѓу Натанаил и Филип. А не пријателства во гревот и во земните интереси, кои се привремени, и кои по нивниот секогаш несреќен крај, стануваат најголеми непријателства. Оти тогаш кога човекот се дружи со Бога, само тогаш е вистински пријател на сите луѓе.
Така, оние коишто се сомневаат како Натанаил, нека Го бараат Бога за да станат како Филип, та и тие после да им откриваат на сите колку е убаво во Црквата, во таа жива заедница на живиот Бог. И само така ќе можеме да ги победиме непријателите наши, кои, за жал, паднале во замките на непријателот на човечкиот род – ѓаволот, и војуваат, без да знаат, против Божјата вистина, против Божјата Црква. А кога војува некој против Црквата, тој војува против сите нас. Често можеме да слушнеме, па дури и од Христијани, како за некоја личност велат: „Тој и тој човек нема ништо против Христијанството, но има против Црквата“, подразбирајќи го под Црквата само нејзиниот клир: епископите, свештениците, монасите, духовенството воопшто. Но, тоа е крајно неточно и богословски неоправдано! Доколку некој има нешто против Црквата, тој всушност има нешто против мене, против тебе, против сите нас, зашто сите ние заедно, и епископите, и свештениците, и монасите, и верните, ја правиме Црквата, го сочинуваме Телото Христово. И затоа отсекогаш Црквата била чуварка на вистинското Отрковение Божјо, на присуството Божјо меѓу нас. Оттаму Црквата се јавува како најголема чуварка и на нашето семејство, како чуварка на здравото и морално општество и на вистинското богоугодно живеење. Зашто од правоверието, од правилното верување што го негува Црквата, произлегува и вистинското живеење. Светите Отци кажале ортодоксија (ὀρθοδοξία) и ортопраксија (ὀρθοπραξία): православие и праводејствие. Без правилно верување и права претстава и познание за Бога не може да се има ни вистински дејствителен живот.
Неслучајно Светите Отци предвиделе евангелскиот текст за Божјото откривање на луѓето да се чита на денот кога ја славиме победата на светата православна вера над сите ереси и лажни учења, а особено победата над иконоборната ерес. Зашто сите оние што хулеле на светите икони, во подлабока смисла го негирале Христовото воплотување и реалното Божјо присуство меѓу нас и во нас. Оти со самиот факт што Синот Божји прими на Себе човечко тело, човекот повторно стана икона Божја, односно Христос го обнови паднатиот образ Божји во човекот. Оваа Вистина, во време кога големи искушенија ја треселе Црквата околу тоа дали треба да се почитуваат светите икони или не, била бранета со многу жртви и мачеништва, за накрај, со Божја поткрепа, Црквата да извојува победа и почитувањето на светите икони повторно да биде востановено, како што е и до ден денешен.
Бог да ни дава сили на сите што повеќе да Го бараме Него, Прекрасниот, и да не се заплеткуваме во светските работи и интересите од овој свет. Да се трудиме да станеме вистински Божји пријатели, и тоа пријателство да го пренесуваме на другите, како што направил Филип – да станеме сите Филипи.
Да сте живи и здрави!