Зраците на благодатната Богојавленска светлина и оваа година силно ги озарија и стоплија душите на многубројните верни, присутни на традиционалното бдение во Бигорски на Водокрст, бдение на кое посебна убавина му даваат кумовите на крстот од околните мијачки села. А таа убавина, на наша голема радост, од година во година е сè поголема, бидејќи особено младите со ревност ѝ се враќаат на суштината на православната традиција и на вистински начин, со молитвено бдеење, го слават овој голем Господов празник. Верни на своето најсвето предание наследено од нивните предци, овие Христијани не пропуштаат да ја поминат оваа ноќ во тивка молитва и благодарење заедно со монашкото братство и другите верници и накрај да ги земат своите крстови осветени од светата богојавленска вода и преку нив да го пренесат благословението Јорданово и благодатта од Троичното Богојавление во своите домови. Неслучајно нашиот возљубен Старец, Архимандрит Партениј, вдахновен од духовната длабочина на овој древен рекански обичај, но и напоен од изобилната Богојавленска благодат, ја истакна верата во Светата Троица како извор на вистинско осветување. Неговото слово за светото Просвештение беше дејствително просветување на душите наши:
„Мили мои браќа и сестри, монаси и монахињи, возљубени верници, поклоници и почитувачи на оваа Света Обител, кои со Вашето за нас драгоцено присуство редовно го красите овој храм на светиот и славен Јован Претеча и Крстител на секој поголем празник!
Ви благодарам што и денес сте овде со нас за заедно со вера и восхит да се поклониме на пречудното таинство на светото Крштение на Господ наш Исус Христос и на Троичното Богојавление. Навистина, тука би сакал посебно да ги издвојам и особено да им се заблагодарам на нашите драги Христијани од околните села, кои вечерва дојдоа во својство на кумови на крстот и ревносно се трудат да го зачуваат овој прекрасен обичај наследен од нивните богољубиви дедовци и прадедовци, како симбол на нивната цврста вера. Зашто тајната на денешниов ден, на Крштението Господово, е со нераскинлива врска поврзана со тајната на Крстот Христов од Голгота. Овие Христијани покажуваат дека нашиот народ сè уште знае да ја живее благодатта од Јордан и победата од Голгота.
Овој голем Господов празник на светото Крштение и Богојавление, во литургиските текстови се нарекува со уште едно преубаво име – Просвештение, што значи Просветување. А се нарекува така затоа што Бог, Кој е светлина (1 Јован 1, 5), којашто го осветлува секој човек (Јн. 1, 9) денес јасно му се открива на светот во Својата Троичност, и го испраќа Своето Божествено просветување на човекот и на целата природа воопшто. „Си се јавил денес на вселената“ – пееме во кондакот на денешниот празник, „и Твојата Светлина, Господи, се одрази врз нас, кои разумно Те воспеваме: Си дошол и Си се јавил, Светлино непристапна“.
Во Назарет, на реката Јордан се случило откровението на Светата Троица: Бог Синот се крштевал од пречистата рака на Св. Јован, Бог Отецот сведочел од небесата: Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја! – а Бог Светиот Дух се јавил во вид на гулаб. И неслучајно Црквата Христова оваа Јорданска Теофанија ја нарекува Просвештение. Зашто единствено преку верата во Троичниот Бог, човекот стекнува вистинско просветлување на своите мисли, на својата волја, на својата душа и срце, и може да се нарече просветен човек. Токму таа вера, тоа познание на Едниот Бог во Три Лица: Отецот, Синот и Светиот Дух, го осветува Христијанинот, преку Божјата благодат која денес толку силно и обилно се излева.
Преподобниот Макариј Египетски вели дека „како што телото без душа е мртво и не може да живее, така и душата не може да живее без небесната душа, односно благодатта на Светиот Дух, зашто ќе биде мртва за Царството Божјо“. Благодатта, таа одухотворувачка душа е сила којашто му помага на секој човек да прави добро, да живее вистински добродетелен живот, да напредува кон Царството Божјо. Господ го соединил словото на Својата вистина, на Своето сведоштво, со јавувањето на благодатта на денот на Крштението. Ете, преку таа благодат денес и нам во светата Црква ни се дава можност да Го живееме Христа Кој се крштева заради наше спасение, и да Го живееме Неговото Просвештение. И како што во овој богојавленски ден Светиот Дух преку Јорданските водотеци го просвети целото создание, застанувајќи над Господа Исуса во вид на гулаб, така и сега, во секоја света тајна што се извршува во православната Црква, Истиот Тој Божји Дух ја испраќа благодатта на просветлението, особено на Светата Литургија, кога ги претвора Светите Дарови во Тело и Крв Христови. Затоа, да ја искористиме, мили мои, таа можност да ја живееме просвештенската благодат, таа преголема скапоценост и убавина што премилостивиот наш Троичен Бог и Создател ни ја откри и даде со денешниов ден. А ќе ја искористиме доколку живееме достојно на повикот со кој сме повикани и на името со кое сме наречени. Повикани сме да ги љубиме Бога и ближните, преку правењето добри дела и давање милостина, преку покајанието, исповедта и светото причестување, преку смирението и Божественото послушание. Доколку обрнеме подлабоко внимание во црковната химнологија, ќе забележиме дека на многу места Крштението Христово се поврзува со Неговата крстна смрт, која стана од послушание кон Бога Отецот, а за наше издигнување во прегратките Божји. Затоа Св. Григориј Палама, големиот и боговдахновен учител на Црквата, нè поучува дека ако сакаме да го имаме благоволението на Отецот, ако сакаме да го имаме благословот на Синот Кој се крштева, ако сакаме да ја имаме благодатта и просвештението на Светиот Дух, треба и ние да станеме подражавачи на Христовото послушание кон волјата на Бога.
Мисловно да се поклониме вечерва на смирениот наш Господ во реката Јордан и да Го молиме како недостојни Негови чеда и ученици, да ни помогне да станеме ревносни подражавачи на Неговото крајно смирение и послушание, и да нè удостои со добар подвиг во љубовта да Го живееме Неговото просвештение, та со нашата внатрешна просветеност да сведочиме насекаде дека вистинската просвета доаѓа од верата во Триединиот Бог, преку благодатта на Светиот Дух, а не само од надворешната ученост и развивањето на интелектуалните способности. Зашто, за жал, гледаме дека денес западното општество кое копнееме да го достигнеме, бара просвета надвор од Бога, но наместо просветено, тоа станува сè помрачно, поварварско и понеблагородно.
Нека радоста од присуството на благодатта Божја на овој празник остане во нас толку силна, што да можеме постојано да се просветуваме од љубовта, од добрината, од убавината на Светата Троица! А во тоа да ни помагаат молитвите на нашиот најмил и највозљубен небесен закрилник, извршителот на светото Крштение на Спасителот и сведокот на Троичното Богојавление, Св. Јован Крстител. Амин!“