Духовденска задушница. Спомен на сите од века упокоениправославни Христијани, отци, браќа и сестри наши.
Во тајната на Телото Христово, на светата заедница на Христијаните, на Црквата света православна, постои една несфатлива, невидлива, но толку силна и нераскинлива врска меѓу оние Христови членови, кои сè уште се на земјата и ја очекуваат својата средба со Господа, и оние, кои веќе се претставиле пред Него. И таа врска во Црквата, којашто е заедница на двата свата – земниот и небесниот, секогаш е присутна, секогаш се чувствува, но, можеби, до нашето сознание е најблиска токму преку молитвените спомени за починатите, а особено преку богослужбите во саботите – задушници. Така, и оваа духовденска задушница, задушница пред празникот на Светиот Дух, Кој воскреснува и оживотворува, на вечерната богослужбата и панихидата, на утрената и на светата Литургија, молитвено и благодатно ги спои нашите души со „душите на починатите слуги Божји, блажените и секогаш спомнувани ктитори на нашиот свет Манастир, сите благочестиви и православни христијани, цареви, патријарси, архиереи, јереи, јеромонаси, јероѓакони, монаси, монахињи и сите отци и праотци, дедовци и прадедовци, родители и прародители, браќа и сестри и роднини наши, сите од краиштата до краиштата на вселената починати на земја, на море, во пустини, во гори и пештери и на секое место од почетокот…“ (од чинот на панихидата).
„Погледнете, колкава е љубовта Божја кон човекот!“ – ќе воскликне нашиот Старец, Архимандрит Партениј, во неговите боговдахновени размисли за поменот на покојните. „Бог, апсолутниот Господар и Владетел на сета твар, на сè видливо и невидливо, посака да се нарече со човечко име – Бог Авраамов, Бог Исаков, Бог Јаковов (2. Мој. 3,6), за да ни покаже дека за Него нема умрени, дека и оние што на земјата со Него умреле, во Него оживеале, бидејќи Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, оти во Него се сите живи (Лука 20,38). И ете, таа Божја љубов денес нè потсетува токму на тоа, дека починатите се, всушност, живи и ние треба се молиме за нивно настанување во рајските обители. Гледајќи ја нашата љубов, изразена преку принесувањето молитви и добри дела за душите на упокоените наши ближни, добриот и човекољубив Бог ги прибира нив при Себе, во прегратките на вечниот спокој, и го прави нивното духовно присуство меѓу нас толку силно, што со нашите внатрешни очи ние ги гледаме многу појасно, отколку кога тие биле и телесно со нас. Зашто, Христос нашиот Избавител од распадливоста, откако вкуси смрт за сите (Евр. 2,9), со Своето славно Воскресение од мртвите ја обнови полнотата и целосноста на човечкото битисување, го пресоздаде целиот човечки род во „нова твар“. Затоа, да се молиме да ги помилува и душите на починатите отци, браќа и сестри наши, и да ги всели нив и нас во градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим, и кон десетина илјади ангели, кон соборот и Црквата на првородените, кои се напишани на небесата, и кон Бога, Судијата на сите, и кон духовите на праведниците, што достигнаа совршенство (Евр. 12,22-23)“. Амин!