Константинопол – идеја што не умира

Спомен на Св. Лука Кримски (Војнојасенецки) и сеќавање на падот на Константинопол

Ниеден топоним во светската историја не содржи таква слава, таков восхит, превосходност и тајна, како што е случајот со Светиот Град Ерусалим и со Царот на градовите – Константинопол. Првиот беше сведок на најспасоносните настани за човештвото и на почетокот на боготкриената христијанска вера, а во вториот, таа вера го доби својот најблескав израз и највозвишена слава. Константинопол, градот на Светиот цар Константин, градот посветен на Пресвета Богородица, градот на Светиите, по чии улици некогаш се движеле славни и свети цареви, во чии цркви проповедале најбогомудри патријарси, во чии манастири се подвизувале најпреподобни монаси, станал првина и образ за сите христијански општества, средиште од каде на сите четири страни засветлиле зраците на Христовото Евангелие, престолнина на православното богомислие, љубословие, уметност и култура.

Константинопол падна, но не и идејата за него. Зашто неговиот дух, духот на Ромејското царство продолжува да живее кај сите православни народи што духовно се поврзани со византиската цивилизација. Нашата Татковина, пак, непосредно принадлежи на тој историски источно-римски цивилизациски сплет, и, како негов нераскинлив дел, продолжуваа да живее со наследството од тоа духовно и културно богатство. Затоа, денес, 563 години после физичкото освојување на Константинопол од страна на османлиските номадски завојувачи, Бигорската Свештена Обител повторно со благодарност си спомна за Градот од каде што нашиот народ го примил светото просвештение, и се помоли за покој на сите оние што паднале на константинополските ѕидини, бранејќи ја спасоносната православна вера.

Ним, и на сите други што ги положиле своите животи за единственото вистинско Божјо Откровение, нека им биде споменот вечен!