Спомен за Константинопол

„Денес круната на царството земно ја одлага Царот на сите градови, на мачење предаден се очистува со оган Константиновиот дар, Градот на Богомајката и од рацете на Творецот на вековите венец пресветол на слава вечна прима домот на светите и Градот возљубен“

(од Богослужбата за падот на Константинопол)

Ниеден топоним во светската историја не содржи толкава слава, восхит, превосходност и тајна, како што е случајот со Светиот Град Ерусалим и со Царот на градовите – Константинопол. Првиот беше сведок на најспасоносните настани за човештвото и на почетокот на богооткриената христијанска вера, а во вториот, таа вера го доби својот најблескав израз и највозвишена слава. Константинопол, градот на Светиот цар Константин, градот посветен на Пресвета Богородица, градот на Светиите, по чии улици некогаш се движеле славни и свети цареви, во чии цркви проповедале најбогомудри патријарси, во чии манастири се подвизувале најпреподобни и богоносни монаси, станал првина и образ за сите христијански општества, средиште од каде на сите четири страни засветлиле зраците на Христовото Евангелие, престолнина на православното богомислие, љубословие, уметност и култура, светилник и за Истокот и за Западот. И токми затоа, ни Истокот ни Западот не смеат да ја забораваат оваа цивилизациска лулка од која до ден денес се ползуваат.

 „Царот на сите градови“, Градот основан од Светиот Рамноапостолен Цар Константин Велики, „Град на Светиите“, „седиште на Вселенските Собори“ „на Христијаните пофалба, на Православните слава“, „светило на светот“ и „веселие на целата земја“, повеќе од 11 века бил центар на едно возвишено христијанско општество, кое израснало на античка почва, во себе ја вклучило и источната култура и сето тоа го одухотворило со верата Христова, принесувајќи прекрасни духовни плодови – Богословие, Богослужение, философија, наука, уметност, литература.

„Фатална опсада на градот во 1453 година од н.е.“ Church of Moldovita, Romania.

Константинопол падна, но не и идејата за него. Зашто неговиот дух, духот на Ромејското царство продолжува да живее кај сите народи што духовно се поврзани со византиската цивилизација, не само православните на Исток, ами и западните народи кои особено многу му должат на царскиот Град за својот напредок и култура. Нашето културно и духовно наследство, пак, произлегува непосредно од тој источно-римски цивилизациски комонвелт и како негов нераскинлив дел, продолжуваа да живее со наследството од тоа свештено богатство. Тоа го покажува и историската одлука од 9 мај 2022 година, со која Првопрестолната Црква, Вселенската Патријаршија од Константинопол, ја прегрна нашата најсвета Охридска Архиепископија во евхаристиско и канонско единство со целото Православие. Затоа, денес, 571 година по физичкото освојување на Константинопол од страна на османлиските завојувачи, Бигорската Свештена Обител повторно со благодарност и со молитва си спомна за Градот од каде што нашиот народ го примил светото просвештение и се помоли за покој на сите оние кои паднале на константинополските ѕидини, бранејќи ги Светињите и страдајќи за спасоносната православна вера.

Ним, и на сите други што ги положиле своите животи за единственото вистинско Божјо Откровение, нека им биде споменот вечен!

„Впрочем, ние православните никогаш не смееме да го заборавиме Константиновиот град, градот на Пресветата Владичица наша Богородица, градот на безбројните Светии, каде што се утврди спасоносната вера и од каде што засветли Православието за многу народи и простори. А за тоа дека Божјиот Домострој го устроила тој центар на вселенското Православие и дека Божјата благодат го одржува и се грижи за него, сведочи и самиот факт дека до ден денес таму живо суштествува Мајката Црква, Вселенската Патријаршија. Сакајќи некои некогаш да ја понижат и да ѝ ги одземат нејзините славни седишта, најнапред величествената Света Софија, ја пренесоа најпосле, не без Божја знаење и промисла, во населбата која се нарекува Фенер, од каде што пак смирено им свети на сите со дух и вистина. Мајката Божја не го заборавила својот царски град; Светиите не го заборавиле градот на Вселенските Собори, туку и денес го заштитуваат своето наследство во него и нѐ повикуваат нас, чедата свои, сите Православни да се обединиме околу првиот Престол на верата и на цивилизацијата наша и да го почитуваме и поткрепуваме, стекнувајќи го така благословот од небесниот град на Светиите. Обединувањето во верата на Евангелието и во преданието на Отците е еден од аспектите на соборноста, би рекол – нејзин квалитет, но и услов. Само оној кој собира, кој се обидува отстранетите и одделените да ги внесе во стадото Христово, само тој кој ги лекува раните според лекарствата посочени од Отците на Црквата – тој гради, обновува и соединува. Ги прави делата на светлината, кои истовремено ги откриваат на очиглед делата на темнината, кои стојат отспротива. Се прашувам, кога денес се обидувам со своите скромни можности да ги расудувам собитијата во светот и во Црквата, дали наравот на Христијанинот се изменил, губејќи Го Христа? Дали ја загубил сочувствителноста, потребата на општото заедничко и потребата на секој брат индивидуално кога е во страдање? Дали ние ја користиме можноста кога некој е притиснат од бремето на игото, да оствариме некоја своја желба и замисла, кои се страстољубиви, властољубиви и суетноподобни? Но никогаш Господ нѐ позволува да сме без надеж, туку повикува да се издржи докрај, зашто наше е да „стоиме добро, да стоиме со страв, да внимаваме“, а Он ги надополнува слабостите и ја воспоставува правдата.   

И навистина, не е ли Константинопол камен темелник на нашата православна цивилизација? Лулка во која се роди и израсна Ромејството, тој национално неопфатлив склоп, не само како еден историски феномен, туку како едно живо и вечно движечко битисување на нескршливиот дух на Православието, испреплетено со човековиот дострел во возвишеното и убавото. Сагата на Ромејството не е ограничена на аналите на историјата; таа е живописно, пулсирачко присуство кое одекнува во срцето на секој Православен, без разлика на неговата сегашна национална припадност, олицетворувајќи ја синтезата на христијанската вера и мудроста и искуството на вековите. Ова трајно наследство, создадено во лонецот на притесненија, предизвици и триумфи, служи како светилник, водејќи го православниот човек низ променливостите на историјата. Суштината на Ромејството ги трансцендира самите географски и временски граници, персонифицирајќи ја вечната потрага по вистината, убавината и добродетелта. Наследството на Ромејството, исто така, стои како споменик на капацитетот на човечкиот дух да издржи, да се прилагоди и да процвета среде менливите песоци на времето. Богатството на ова наследство, содржано во богослужението, уметноста, философијата, естетиката и заедничарењето, нуди извор на мудрост и инспирација за навигација низ комплексностите на современиот свет. Тоа е наследство кое ги повикува сите православни да живеат во согласност со вредностите на верата, надежта и љубовта, негувајќи чувство на единство и цел кои надминуваат индивидуални и колективни предизвици, а сепак истовремено ја сочувува автентичноста и посебноста на секого подеднакво, инкорпорирајќи ги различностите во едно општо богатство на култура и убавина. Оттука, императивно е да се препознае дека вистинската сила на Новиот Рим не лежи во сферата на времената моќ или во светското признание, туку во длабочината на неговото духовно и културно наследство, во светоста и благословот, а најмногу од сѐ во крстовоскресното сведочење. Зашто, што е највисокиот дострел во духовната биографија, ако не смиреноподобното страдање кое надминува секоја човечка логика и ги надминува силите? Тогаш навистина спознаваме колку Бог нè љуби, но колку и ние, упорствувајќи во подвигот, Му докажуваме дека нашето срце е Негов престол. Ќе ја завршам оваа согледба со возвикот на денешниот татко на Ромејството, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј: „А ти, најсакано Ромејство, понеси го цврсто омофорот на Пресветата наша и последувај ги нејзините чекори кон Преторијата, кон мачеништвото, кон Крстот, кон Симнувањето од Крстот и кон Гробот. Пред дури и да се раздени новиот ден, да чуеш заедно со неа: ’Чиста Дево, радувај се! Твојот Син воскресна тридневен од Гробот‘, и ти, и ти слатко наше Ромејство заедно со Него, заедно со Воскреснатиот Христос!“

Епископ Антаниски Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител.

Елегија за падот на Константинопол

од Мануил Дука Хрисаф (ок. 1440-1465)

Боже, незнабожците дојдоа во Твоето наследство, го осквернија светиот Твој храм, мртвите тела на Твоите слуги им ги дадоа како храна на птиците небесни, а телата на Твоите светии на земските ѕверови; ја пролија нивната крв како вода околу Ерусалим и немаше кој да ги погребе. Станавме за потсмев на соседите наши, срам и подбив за оние што се околу нас; до кога, Господи, ќе се разгневуваш постојано, до кога ќе гори лутината Твоја како оган? Излеј го гневот Свој врз народите што не Те познаваат и врз царствата што не го признаваат името Твое, не спомнувај си за нашите стари гревови, туку помогни ни скоро и помилуј нè.


Во исполнение на Протопрезвитерот на Вселенскиот Престол о. Георгиј Цецис:

Во прилог, доколку сакате да слушнете како звучеле богослужбите во Света Софија Константинополска, притиснете на следниов линк:

Гласовен документ: Како би звучело кога би се наоѓале во Света Софија пред 1500 години.


3Д анимација на реконструиран Константинопол (кликнете на линкот)