Оној што се облекува со светлина како со облека, заради нас прифати да биде како нас, денес се облекува во јорданските води, Самиот Он немајќи потреба од очистување, туку нам преку Себе да ни устрои обновување. О, чудо! Без оган согорува, и без да крши наѕидува, и ги спасува во Него просветлените, Христос Бог и Спасителот на душите наши. (Литијна стихира на празникот)
Денес блеска од небото светлината на Просвештението, а природата се радува чекајќи го своето обновување. И водите брзаат да Го сретнат Христа, примајќи од Него осветување. Оти, како што вели Св. Јован Златоуст, после сјајната зора на Христовото Рождество, денес го гледаме полниот блесок на денот. Господ Светлината на светот, денес се објавува за да ги осветли оние што седат во темнина и смртна сенка. Зашто Оној Кој како дожд слезе на земјата и потече како бистар извор, па се разлеа како моќна река, денес се влева во Јордан за да ги осветли и очисти неговите води. О, чудо над сите чудеса! Како бескрајната Река што го радува градот Божји се потопува во мали води? Го препознаа водите, Го препознаа и се вратија назад. „Што ти стана тебе море, па бегаш, и тебе, Јордане, па назад се враќаш?“ (Псал. 113, 5) Го видовме Создателот во облик на слуга. Ете доаѓа, неугледен, осамен, непокриен, носејќи го на Себе телото човечко како облека, за да го сокрие така достоинството на Своето Божество и да го измами оној што се крие во водите. Му пристапува на Јована без царско достоинство, како обичен човек, уште повеќе, како да е грешен човек и смирено ја наведнува главата да биде крстен од неговата рака. А тој Го одвраќа велејќи: „Ти Кој крштеваш со огнот на Божеството, зошто бараш од мене крштение со вода?“ Кроткиот, пак, Господ одговара: „Крсти Ме, Јоване, за никој да не го презре крштението. Крсти Ме, за да се слушне сведоштвото на Отецот на небесата и Духот Свет да слезе на водите“. О, блажено смирение на нашиот Господ Кој со Своето потопување го освети и очисти сето создание!
И самата природа со своето снежно белило како да ја сведочеше таинствената светлина на овој ден. Сепак, таа чудесна светлина, најсилно ги озари сите присутни на празничната богослужба во новоживописниот ростушки храм на Пресвета Богородица, каде што благодатните зраци на Богојавленската Литургија силно ги пронижаа нивните срца, осенувајќи ги со радоста на Просвештението. Како целата природа да се придружила на громогласното пеење во храмот, кога со радосните стихови на торжествениот тропар се објави Крштението на Господа во Јордан и сведоштвото на Света Троица. И целата природа се радуваше кога верните, облагодатени од небоземната Литургија, со весело расположение се упатија во празнична литија кон мостот, за таму молитвено да земат удел во традиционалното осветување на водите. Обилната снежна покривка и зимска свежина не можеа да ги спречат пријавените кандидати да влезат во студените води и таму да го стекнат благословот на осветувањето. Среде насобраното мнозинство на мостот се слушна Гласот Господов, кој низ устата на Старецот ги повикуваше верните: „Пријдете примете го сите Духот на премудрост, Духот на радост, Духот на страв Божји, на Христа Кој се јави“, и се изврши чинот на осветувањето. А оној што се удостои да го извади од водата крстот ,што нашиот Старец, Архимандрит Партениј го положи во неа, 24-годишниот Душан Чимев од Виница, покрај обилниот благослов, штедро излеан врз него од Господа, беше награден и со пригоден подарок од страна на нашите редовни дарители и големи пријатели на манастирот, општината Маврово-Ростуше и компанијата „Ха-Ем“.
О милостив Господи, Ти Кој денес влезе во Јордан и ги освети водите, освети ги и нашите души, осенувајќи нѐ со благодатта на Просвештението, за да можеме, измиени од гревот, да ти ги принесеме најдобрите плодови на нашите души.