Балаклија

Радувај се Живоносен Извору, кој разлеваш чудеса по морињата и по сета вселена! Духовен океану, кој ги надминуваш водите на Нил со излевање на благодатта! Втор Силоаме, кој испушташ преславна вода како од камен и го имаш дејството Јорданово! Манно спасителна, изобилна за оние што имаат потреба, навистина богата и неисцрпна! Мајко Христова, Отроковице, која на светот му излеваш милост голема.

(Стихира на Стиховни стихири)

 

Смирено упатуваме молитви кон Пречистиот извор на исцеленија – Дева Богородица, просејќи да ја излее над нас благодатта на зборот, за да можеме достојно да ја воспееме, бидејќи Создателот на сите како дожд слезе на тебе, и те покажа како бесмртен извор, Богоневеста. Те славиме денес во твојот храм, тебе, која и самата си светол и свет храм на Господа и во овие денови на Пасхална радост, штедро се напојуваме од твојата слатка живоносна вода, Владичице – Христа во Кого се утврдивме.

Навистина подобен за прослава на Преблагословената Богомајка се покажа Пречистанскиот храм, украсен со сплет од најнежни цветови и озарени лица на многубројните благовесници на Пасхалната радост, што утрово се собраа да земат удел во богослужбата и во торжествената литија со познатата чудотворна Крнинска икона на Пресвета Богородица и иконата на тројцата Пречистански преподобномаченици. А најрадосни меѓу нив беа лицата на Иван Постоловски, Зоран Попоски, Кристијан Тодороски, Стојанче Станкоски, Стево Станкоски, Саше Лазарески, Даниел Данески, Бобан Арсоски, што се удостоија да ги носат на своите раце тие два чудесни образи. Прекрасната и идилична манастирска околина беше достоен амбиент за оваа радосна поворка, која со воскресни химни Го објавуваше Победителот на смртта и Небесната слава на Неговата најсвета Мајка. Огреана, пак, од благодатта на празникот, Пречистанската Обител блескаше уште посилно, сведочејќи дека навистина е дом на Онаа која денес изобилно ги излева своите води и ги оросува со свежина верните срца.

Свет и живоносен Извору, кој на болните здравје им точиш и тажните срца ги лечиш, излевај ја постојано на овој народ својата спасителна вода на верата, надежта и љубовта, пазејќи го од матните води на заблудата што нивните очи ги заматува и од спасението ги одвојува. Оти само твојата вода спасителна вистински ја гаси жедта на душата огревовена.