Нашата најсвета Црква, во личноста на Светиот Јован Крстител отсекогаш со најголема побожност ги прославувала добродетелите и духовните одличија со кои претходно и подоцна биле украсени сите Пророци, сите Апостоли, сите Ангели небесни, Мачениците и Исповедниците. Самиот Претеча беше избран од Бога прв да прослови за Христа, прв да го објави Неговото доаѓање во светот, прв да Го види Духот Свет како од Небото слегува за време на Господовото Крштение. Претечата Господов е и првиот евангелист кој ја објави благата вест за приближувањето на Царството Небесно, тој е првиот проповедник кој на душите во Адот им го проповедаше триумфалното Христово слегување во тие простори завиени во вечна темнина. Вистински земен ангел и небесен човек, за кого Самиот Господ рекол дека не е само пророк, туку и повеќе од пророк, ангел кој е испратен пред Него, за да Му го подготви патот. Прв маченик и пример за сите идни маченици кој, како што се вели во неговиот празничен тропар, радосно пострада за вистината, знаејќи дека смртта е само порта што води кон вечноста. Светиот Јован Крстител е и првиот исповедник Божји, кој бестрашно го опоменуваше Ирод, кажувајќи му дека заради сторениот грев сите закони на небото и земјата ќе се насочат против него.
И ете, личноста и проповедта на најголемиот меѓу родените од жена, која продира длабоко во секое христијанско битие, повторно ги повика многуте благородни души да дојдат во неговото славно Бигорско светилиште, за да му оддадат достојна чест и слава не само нему, туку, пред сѐ, на Победителот Христос, Кој ги прославува сите Свои Светии. Силниот повик за покајание, вистинољубиво проповедан преку устите на неговите монашки рожби од бигорската монашка пустина, и овој пат силно одекна во срцата на учесниците на Божествената Литургија, со која чиноначалствуваше нашиот многупочитуван Митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј. Околу светата трпеза Господова, нему му сослужуваше нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, а заедно со нив и нашиот секогаш драг гостин, Архимандритот Матеј од Црквата на Грција, епархискиот секретар протопрезвитер Никола Христовски, браќата од Бигорски и свештенослужители од нашата богочувана Дебарско-кичевската епархија.
Вистински духовен раскош за Претечевиот празник беше исклучителното молитвено пеење на нашиот драг гостин Архимандритот Херувим, кој со својот хор ги возвишуваше нашите души во молитвен и благодарствен вознес.
Поучно и душеполезно за сите присутни на литургиското богослужение беше и словото на Светиот Дебарско-кичевски, кој созерцателно се осврна на ангелскиот портрет на Свети Јован.
По завршетокот на Божествената Литургија, пак, Старецот на Обителта, Светиот Антаниски, во манастирската фијала, пред свештениот лик на Претечата од неговата чудотворна икона, го изврши чинот на водосвет. Потоа, традиционално, беше избран манастирскиот кум за следната година, при што овој пат тоа достоинство ѝ се падна на г-ѓа Ана Камчева, која прва се пријави за таа духовна чест и одговорност.
Оваа година, освен големата радост која ни се случи поради трите нови монашки рожби, браќата Елисеј, Пантелејмон и Евстатиј, кои вчеравечер го примија рамноангелскиот монашки потстриг, манастирската слава беше збогатена и со осветувањето на темелите за новиот храм со костурница, посветен на светиот и преподобен отец наш Наум Охридски, кај манастирските гробишта во шумата над манастирот.
Прими ги, о проповеднику на покајанието и светилнику најсветол на Сонцето на славата, молитвите што ти ги принесовме, Ти, за кого Спасителот посведочи дека си најголем меѓу родените од жени; Ти кој ги разреши врските на неплодноста и татковата немост ја претвори во радосна песна; Ти, кој на сите им го најави спасоносниот закон и кој беше удостоен со рака да Го држиш и да Го крстиш Едниот од единосуштната и неразделна Пресвета Троица, Словото Божјо; Ти, Претечо и Пророку над сите пророци, славен и благодатен Јоване, послушај нè нас грешните и запали ја светилката на верата и покајанието во нашите души, и осветли нè со своето смело застапништво пред Престолот Божествен.