Има длабока Божја промисла во тоа што Црквата го поставила чествувањето на свети Јован Лествичник токму на четвртата недела од Великиот пост. Четири седмици сме веќе на пат. Телата се навикнаа, ритамот е воспоставен, и сега, кога постот престанува да биде новост и станува секојдневие, се јавува најголемата опасност: да се омалодушиме на средината, да се уморат силите, да се замагли целта. И токму тука, Црквата ни го поставува пред очи примерот на светителот кој целиот свој живот го посвети на само на едно: восходење кон небесата. Чекор по чекор, скалило по скалило – по лествицата на добродетелите, од земјата кон небото. Зашто светоста не е моментен скок, таа е лествица. И секој чекор бара трпение, секое скалило – борба.
Но оваа година, четвртата недела на Великата Четириесетница се совпадна со уште два спомени кои, по чудесна промисла Божја, ја збогатија и без тоа длабоката тема на овој ден: споменот на светите Четириесет маченици, пострадани во Севастиското езеро во 4. век, и споменот на светите Четириесет битолски преподобномаченици, пострадани во 14. век. Две четириесетки, и двете среде нашата Четириесетница. Бројот не е случаен: четириесет дена постиме, четириесет маченици замрзнаа во езерото заради Христа, четириесет битолски монаси ги положија животите за верата. И сите три четириесетки говорат за истото: за издржливост до крај.
Вчеравечер Бигорската света обител потона во благодатно повеќечасовно бдение со кое претстоеше нашиот возљубен Старец, преосвештениот епископ Антаниски г. Партениј. Канонот на утрената ги исполни ѕидовите на храмот и душите на верните со два гласа: гласот на ранетиот патник од Параболата за милосрдниот Самарјанин: „Станав како човекот што падна меѓу разбојниците, Христе мој Спасителе, ранет и оставен полумртов“ – и гласот на светиот подвижник Јован: „Ти ги изгоре трњето на страстите со огнениот јаглен на твоето подвижништво, свети, загревајќи ги со својот жар сите кои го следат монашкиот живот.“ Два гласа, една тајна: ние сме ранетите, а Христос е Лекарот. Ние сме оние кои паднале меѓу разбојниците на страстите, а свети Јован ни ја покажува лествицата по која можеме повторно да се искачиме и да се исцелиме.
Денеска, пак, со божествената архиерејска Литургија на светиот отец наш Василиј Велики, чиноначалствуваше саканиот ни Старец, а храмот беше исполнет до последното место со множество верници кои дојдоа не само за да се помолат, туку и за да се нахранат – со Словото, со светата Причест, со присуство и заедничка молитва еден за друг. По читањето на светото Евангелие, Старецот го надгради огромното црковно собрание со вдахновено слово за денешната недела, за свети Јован Лествичник, како и за двете четириесетки маченици, говорејќи за евангелските четива од денешната света Литургија.
Свети Јован Лествичник, во кондакот за него е опишан со зборови што блескаат како ѕвезда во темнина: „Господ вистински те постави на висините на воздржанието, да бидеш ѕвезда водилка, покажувајќи им го патот на сите, отче и учителу наш Јоване.“ Среде великопосната ноќ – ѕвезда. И ние, изморените патници на четвртата седмица, ја гледаме таа ѕвезда и знаеме дека патот е вистински, дека чекорите не се напразни, дека лествицата води кон правата цел, кон Бога.
Црковниот поет ги обединува сите денешни теми во еден повик: „Дојдете, да работиме во таинственото лозје, одгледувајќи плодови на покајание. Да не се трошиме во јадење и пиење, туку да жнееме добродетели со пост и молитва, зашто нив Господарот на работата ги прима, давајќи за нив пара со која ги откупува нашите души од долгот на гревот, оти само Он е сечовекољубив!“ Лозјето го претставува Великиот пост. Паричката е благодатта. А ние, работниците кои ако истраат до крајот на денот, ја примаат целата награда.
Четири седмици зад нас. Лествицата е пред нас, секогаш пред нас. Езерото на мачениците нè повикува на храброст. Добриот Самарјанин ни ги мие раните. И лозјето чека да го обработиме; уште две седмици, уште малку труд, уште малку трпение.
А потоа – Света Пасха! Лествицата стасува до небото. И ние, ако не се предадеме, ќе стигнеме таму. Амин.































