Молитвено молчание исполнето со мистична длабочина. Светиот храм на Чесниот Претеча како да го задржува здивот, како да ги впива секој збор, секоја воздишка, секоја покајничка солза што капнува во срцето. Чист Четврток – уште еден ден на духовна будност, ден кога богослужбениот ритам нè чува длабоко во тајната на покајанието. Уште еден ден кога Црквата, преку Великиот Покаен Канон на Свети Андреј Критски, ни ги покажува бездните на човечкото падение, но и ни го покажува светлиот надежен пат кон избавувањето.
Со посебна трогнатост, нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, со духовничка сериозност и умиление ги изговараше зборовите на великиот Андреј, како оној кој ја спознал тежината во човечката душа, но го живее и нејзиниот непрестаен копнеж по Бога. Гласот на Старецот, како некој далечен одглас на пророчките повици на древните подвижници, ги пронесуваше вдхановените слова низ храмот, низ срцата, низ самата суштина на човековото битие:
„Смилостиви се, Сине Давидов, спаси и помилуј, Ти Кој со слово бесомачените ги исцели; со благоутробен глас како на разбојникот кажи ми: Вистина ти велам, со Мене во рајот ќе бидеш, кога ќе дојдам во славата Своја“.
Колку е голема Божјата љубов! Колку е несфатлива Неговата милост! Како на разбојникот, и нам ни е дадена можноста со искрена воздишка да кажеме: „Сети се на мене, Господи!“ И да ја чуеме највозвишената утеха што може да му биде кажана на човек: „Со Мене ќе бидеш во Рајот!“
„Едниот разбојник Те хулеше, а другиот за Бог Те исповедаше, и обајцата на крст висеа. Но, о, Благоутробен, како на Твојот верен разбојник, кој во Тебе Бога Го позна, и мене отвори ми ги дверите на Твоето славно Царство“.
Оваа слика на двајцата разбојници е огледало на целото човештво. Истата благодат, истиот Крст, истото присуство на Бога, а два различни одговора. Оние кои ќе се фатат за покајанието, како десниот разбојник, тие ќе ги видат отворени вратите на вечноста.
„Сета твар јачеше распнат гледајќи Те, горите и карпите од страв паѓаа, и земјата се тресеше, и адот се испусти, и светлината дневна се помрачи, гледајќи Те Тебе, Исусе, на Крст прикован“.
Времето застанува и немее пред Крстот Христов. Творението не може да ја издржи оваа тајна: Творецот прикован, Животот – на смрт подложен. Сè што е создадено се бунтува, а човекот, единственото суштество што има избор, сè уште се двоуми – да биде со Бога или против Него?
„Не барај од мене плодови достојни за покајание, зашто снагата моја во мене исчезна; дарувај ми срце секогаш скрушено и смирено, за Тебе да Ти го принесам, како жртва угодна, Единствен Спасителу“.
Покајанието не е дело на нашите трудови и сили. Оној Кој бара „достојни плодови“, Самиот им ги дава на оние кои усрдно Го бараат. Ние можеме само да се приближиме со скрушено срце, да ја признаеме својата немоќ и да ја исповедаме Неговата семоќ.
„Судијо и Срцезналецу мој, кога повторно со ангелите ќе дојдеш на светот да му судиш, тогаш кога со милостивото око Свое ќе ме видиш, Исусе, поштеди ме и сожали ме мене, кој секое човечко битие во гревот го надминав“.
Молитва на оној кој знае што значи вистинско покајание. Да се почувствуваш најгрешен од сите, не од униние, не со очај, туку од љубов, од жед да се добие простување. И токму оние кои себеси најмалку се оправдуваат, оние кои себеси како последни се гледаат, тие први ќе влезат во Царството Негово.
Чистиот Четврток во Бигорски повторно беше озарен од светлината на покајанието. Со тишина што зборува повеќе од илјада гласови. Со молитвата што како темјан се вознесуваше од устата на Старецот и на браќата. Со изнемоштените, но облагодатени тела на посниците што го минуваат блажениот подвиг.
На оние кои постеа и се подвизуваа во оваа прва недела од Светата Четириесетница, на оние кои со скрушено срце ги повторуваа зборовите на душезналецот Свети Андреј и на сите кои Бога дејствително Го љубат, Господ да им го умножи трудот и да ги удостои да се поклонат на Светите Христови Страданија и на Светлото Негово Воскресение.