Чист Петок – споменот на Свети Теодор Тирон во Бигорски

Чистиот Петок од првата седмица на Светата и Велика Четириесетница во Бигорската Света Обител блесна во светлината на подвигот, на молитвата и на богослужбената убавина, озарен од споменот на Светиот Великомаченик Теодор Тирон. Овој благословен ден од Великиот Пост беше крунисан со Света Литургија на Предеосветените Дарови, на која таинствено се соединуваме со најслаткиот Христос и се укрепуваме за понатамошниот посен подвиг.

Споменот на Свети Теодор Тирон е длабоко врежан во православното предание како потсетување за непоколебливата вера и храброста на оние кои Му останаа верни на Христа, дури и пред лицето на најголемите притесненија и искушенија. Во духот на ова предание, Светата Црква ја востанови традицијата на принесување на коливо во негова чест, како сведоштво за Божјата промисла и грижата за Неговите верни.

Со посебно умиление и духовна длабочина, нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, нѐ повика на храброст во верата, на истрајност во подвигот, на будност пред соблазните на овој свет. Како што некогаш Свети Теодор ги избави верните од осквернување со идоложртвено јадење, така и денес ни сведочи дека постот не е само воздржание од храна, туку, пред сѐ, духовно очистување, пробудување на срцето и преобразување на целото наше  битие во Христовата милост.

Завршувајќи ја првата седмица на Великиот Пост, со благодарност ја гледаме благодатта што ни ја дарува Господ во овие свети денови. Да ги примиме молитвите и примерот на Светиот Великомаченик Теодор, да останеме непоколебливи во верата и во подвигот и со покајание и љубов да трчаме со благодарност кон Воскресението.

Молитвите на Свети Теодор Тирон и на сите Светии, кои со пост и молитва станаа жители на Небесата, нека нѐ утврдат во благочестието и нека нѐ водат по светлиот патот кон Светата Пасха! Амин!