Чист понеделник во Бигорски

Денес, кога утринското клепало во Бигорскиот го разнесе својот повик низ горската тишина на Бистра, тоа не најави само почеток на нов ден. Тоа возвести почеток на нов живот. Зашто Чистиот понеделник не е вообичаен ден; тој е свет праг, таен премин, прв чекор на душата кон Воскресението. И во нашата обител, овој ден беше пречекан онака како што се пречекува нешто свештено: со молитвена тишина, со трепет на срцето, со радосна строгост, со храм иако преполнет до последното место, сепак потонат во длабок спокој и покајание.

И повторно, како најголем дар од небото, се огласи Великиот покаен канон на свети Андреј Критски – таа огнена река на покајание што ја расплакува душата во нејзините најсокриени длабочини. Браќата монаси и браќата верни стоеја во полумракот на храмот, со наведени глави и отворени срца, слушајќи ги зборовите на светителот, кои изговорени од умилниот и трепетен глас на Старецот, епископот Антаниски г. Партениј, одекнуваа како удар на ѕвоно врз совеста: „Од каде да започнам да ги оплакувам делата на својот окајан живот? Каков почеток да положам на денешното ридание?“ И секој од нас, во тишината на своето внатрешно битие, го препозна во себеси во овој крик – не како крик на очај, туку како крик на надеж, зашто е упатен кон Оној Кој единствен е подготвен да простува.

Химнографијата на овој ден ни открива дека постот не е одрекување, туку исцеление. „Да го почнеме сесветото време на постењето со радост,“ пее Црквата. „Да засветлиме со пресветлиот сјај на светите Христови заповеди: со светлината на љубовта и со блесокот на молитвата, со силата на добрата храброст и чистотата на светоста!“ Каква вдахновена поезија! Постот не е темница, тој е облекување во облеки од светлина. Не е пустош, туку чекорење кон Воскресението, кон третиот ден што „му засвети на светот со славата на вечниот живот.“

И навистина, кој може да остане рамнодушен пред овие зборови, кои со иста сила нè повикуваат и нè утешуваат? Канонот на утрената го поставува прашањето на секоја човечка душа: „Како да почнам да ги оплакувам моите падови? Каде е почетокот на спасението?“ Но веднаш по прашањето следува одговорот: „Ова е времето на покајанието. Ова е денот на спасението. Ова е почетокот на постот. Биди будна, душо моја! Затвори ја вратата на твоите страсти и побарај Го Господа.“

Затвори ја вратата на твоите страсти. Колку е едноставна оваа заповед, и воедно колку длабока. Зашто целиот духовен живот е затворање на една врата и отворање на друга. Затворање на вратата на расеаноста, на мрморењето, на роптањето, на себичноста, и отворање на вратата на тишината, на молитвата, на внимателноста кон ближниот.

А химнографот нè потсетува и на древните примери: „Огнената колесница го прими Илија, кој се зајакна со пост. Со пост, Мојсеј ги виде неискажливите нешта.“ Постот е видение. Тој ги чисти очите на душата за да може таа да Го види Христа. Затоа што Адам јадеше и беше изгонет од Рајот, а ние го примаме постот со радост, молејќи се Господ да нè покаже достојни за совршено покајание.

И посред целата оваа строгост, секогаш е присутна нежноста на Мајката. „Дарувај ни ја својата милост, Богородице, Извору на нежно сочувство,“ пее Црквата. „Погледни го народот што згрешил, и покажи ја, како и секогаш, силата своја.“ И нашето братство, во тишината на овој прв постен ден, и се обраќа на Пресветата со истата таа молба: да нè покрие со својот Покров, да нè придружува низ четириесетдневниот подвиг, и да нè доведе до радосната зорнина на Воскресението.

Зашто постот не е цел сам за себе, тој е пат. А патот, ако е вистински, секогаш води кон Светата Пасха. Кон средбата со Воскреснатиот. Кон животот што не завршува.

„Облечени во пресветлите облеки на постот, да ги соблечеме мрачните и тажни облеки на разблудноста, за да го видиме со вера пресветлото страдање на Спасителот.“

Нека ни е благословен овој свет пат. Нека Господ ни даде сила да го поминеме со радост, со трпение и со љубов! Амин.