Како тугинци сме на земјата, како и сите наши татковци: краткото време на животот наш безгрешно запази го, Спасителу наш, и помилувај нè, како Човекољубец.
Еве го правиме веќе вториот чекор во живоносната пустина на Постот, и како што навлегуваме подлабоко во неговите возвишени пространства, така сè повеќе не обзема сознанието дека овде на земјата сме само привремени гости, дека таму некаде на крајот од овој краткотраен живот нè очекува нашата вистинска татковина, која проблеснува низ оваа или онаа великопосна стихира, Царството на нашиот милостив Бог. Секоја наша молитва, секој мал подвиг на себеодрекување, секоја покајна солза – сè се принесува како скромна жртва на олтарот на покајанието во ова неовоземно посно време, за да можеме некако да се удостоиме да влеземе во тоа Царство. За таму нè замислил Бог. Затоа да Го молиме во ова од Него дарувано време да ни го очисти срцето низ покајание и подготви за понатамошниот подвиг на великопосното патување до подножјето на Неговиот Чесен Крст.